Косово: Дури и по изборите в недела, нема враќање на старо?
11 октомври 2025
Во близина на мостот Ибар во Северна Митровица, каде што повеќе од 90 проценти од населението се Срби, атмосферата видливо се промени во последните три години. Имено, толку многу помина откако српските партии ги бојкотираа косовските избори, а албанските градоначалници го презедоа управувањето со општините на север.
Муралите и графитите на српски јазик, по кои тие општини беа препознатливи, сега исчезнаа. Сите национални симболи на Србија се прекриени со боја. Речиси и да нема српски знамиња, иако порано висеа од речиси секој столб. Од друга страна, на секој агол има косовски полицајци.
По излегувањето на Србите од косовските институции во ноември 2022 година, владата на косовскиот премиер Албин Курти спроведе низа радикални мерки. Употребата на динарот беше забранета, повеќе од 60 служби и институции што функционираа во рамките на српскиот систем беа затворени, присуството на полицијата беше зголемено - сето тоа со цел посилна интеграција во косовскиот систем.
Последици од промените
Дваесет и тригодишната ученичка Милена Јевтиќ од Северна Митровица вели дека ги чувствува последиците од овие промени секој ден. Сепак, не планира да гласа. Таа смета дека ниедна партија не е способна да направи промена.
„Дури и ако Србите се вратат на раководни позиции“, вели таа, „повторно, не гледам никакво подобрување во тоа“.
Сепак, таа верува дека мнозинството од српското население ќе излезе на гласачки места.
Голем број косовски Срби очекуваат Српска листа, најголемата српска партија, да освои мнозинство во северните општини. И Миодраг Маринковиќ, извршен директор на Центарот за афирмативни социјални акции (CASA) од Северна Митровица, мисли така. Тој за ДВ изјави дека веројатно ќе се случи „власта да ја формираат политички претставници на српската заедница“.
„Она што ќе се промени е суштинскиот демократски израз на заедницата“, вели Маринковиќ и додава: „Не можеме да очекуваме дури ни Српската листа целосно да работи во согласност со интересите на српската заедница, како што беше случај во претходниот период, но она што ќе се промени е дека влијанието на Приштина врз локалните настани ќе се стесни и ќе имаме функционална локална самоуправа која, се надеваме, работи во интерес на заедницата“.
Професорот Неџмедин Спахиу од Факултетот за политички науки во Приштина, меѓутоа смета дека изборите всушност им даваат легитимитет на мерките на Курти: „Не верувам дека ќе има какви било промени. Напротив, преземањето на Северот само ќе биде потврдено. Србите формално ќе владеат самостојно, но тоа нема да донесе никакви резултати или промени. Ситуацијата не може да се врати на она што беше пред инцидентот во Бањска“, изјави Спахиу за ДВ.
Симболите како причина за конфликт
Тензиите во Косово во последните години речиси секогаш започнуваа со национални симболи. Без разлика дали стануваше збор за регистарски таблички, знамиња или печати на документите, тие секогаш предизвикуваа големи конфликти - блокирање на патишта, затворање на гранични премини и зголемување на воената готовност.
За Миодраг Маринковиќ, ризикот од нови тензии започнува со промена на власта.
„Првиот конфликт што го гледам ќе биде околу симболите - враќање на српското знаме во општините и мешање на полицијата во тоа. Ми се чини дека од самиот почеток, потезите на локалните самоуправи ќе наидат на жесток отпор од Приштина, со употреба на полициски сили, и дека првите потези на локалните собранија ќе бидат придружени со тензии и судири“, очекува Маринковиќ.
Од друга страна, професор Спахиу верува дека локалните власти имаат право да ги вратат симболите и муралите што потпаѓаат под општинска надлежност.
„Можат повторно да ги постават. Дури и да се националистички симболи, тоа е прашање на правно толкување, а законот не може да се толкува субјективно. Постојат такви примери и во други делови на Косово, кои можат да го релативизираат проблемот.“
ДВ не доби одговор од косовската влада на прашањето како ќе спречи потенцијални конфликти по изборите. Сличен третман добивме и од претставниците на Српската листа – ни тие не одговорија на нашите прашања.
Стефан Вељковиќ од Српска демократија, една од опозициските партии, ја критикува политиката на Курти, како и одлуките донесени од Српска листа во претходниот период.
„Нашата партија ќе спроведе целосна ревизија на работата на општинските власти, особено на оние на високи позиции, и ќе ги поништи сите одлуки што се штетни за локалното население“, најави Вељковиќ.
Граѓаните без големи очекувања
Што се однесува до другите делови на Косово, а особено Приштина, предизборната кампања пред локалните избори таму главно се фокусира на прашањата за инфраструктурата, градинките, парковите и сообраќајот. Албанецот Селим Шерифи нема големи очекувања за претстојните избори.
„Има многу ветувања, но, како и секогаш, повеќето остануваат само на хартија. Поминаа четири години, а речиси и да нема промени“, вели овој граѓанин на Приштина.
Политичките одлуки и постојаните тензии на северната страна на Ибар во последните години доведоа до масовен егзодус на Србите. Според извештајот на Меѓународната кризна група, од 2015 до 2023 година, околу 45.000 Срби помалку живеат во Косово.
Милена Јевтиќ од Северна Митровица нема планови да замине. А за изборите, таа вели: „Не мислам дека нешто ќе се промени. Политиката е таква каква што е.“