1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоКосово

Косово осуди тројца Срби за судирот во Бањска

ЕМФ | агенции
24 април 2026

Суд во Косово изрече две доживотни и една 30-годишна казна затвор на етнички Срби за тероризам и обид за отцепување на северно Косово. Мажите беа уапсени по судир со косовската полиција во Бањска во 2023 година.

Косово | полициско возило во Бањска
Судирот во Бањска се случи во 2023 годинаФотографија: Vudi Xhymshiti/VX Photo/picture alliance

Основниот суд во Приштина денеска (24.04) осуди двајца етнички Срби на доживотен затвор, а уште еден на 30 години затвор поради судирот во 2023 година меѓу полицијата и група српски вооружени лица, во кој загинаа четири лица и значително се зголемија тензиите во регионот.

Судот ги прогласи тројцата мажи за виновни за нарушување на уставниот поредок на државата и за поттикнување терористички активности со цел отцепување на северно Косово, каде што мнозинството население е етнички српско, и негово припојување кон Србија.

„Преку овој добро организиран план, тие се обидоа да ги одвојат општините на северот од Косово и да ги анектираат кон Србија“, изјави судијата Нгаденџим Арни.

Судирот во септември 2023 година се случи кога тешко вооружени српски лица поставија барикади во северно Косово, по што започна повеќечасовна вооружена престрелка со косовската полиција во селото Бањска. Во судирот беа убиени еден косовски полицаец и три вооружени лица. Двајца полицајци беа ранети.

Тројцата вооружени лица на кои им се судеше во Косово беа повредени за време на судирите и уапсени во Бањска, додека другите побегнаа во Србија.

Косово ја обвини Србија дека ја вооружувала и поддржувала групата. Белград ги негираше обвинувањата, тврдејќи дека мажите дејствувале самостојно.

За случајот се обвинети вкупно 45 лица, но судењето се одржа само за тројцата кои беа во притвор. Меѓу оние кои сѐ уште се во бегство е и лидерот на групата, Милан Радоичиќ, политичар и богат бизнисмен со врски со владејачката партија во Србија и претседателот Александар Вучиќ.

Србија накратко го приведе Радоичиќ по пукањето, обвинувајќи го за криминален заговор и незаконско поседување оружје. И покрај притисокот од официјални претставници на САД и Европската Унија, Радоичиќ не е изведен пред суд. Тој е санкциониран од САД и Велика Британија поради наводни финансиски криминални активности.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми