1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово во криза: без влада, парламент и буџет

Беким Шеху
25 ноември 2025

Девет месеци по парламентарните избори, Косово сè уште е во длабока институционална криза. Парламентот е распуштен, привремената влада нема целосен мандат, а нови избори се закажани за 28 декември.

Косово се соочува со нови избори по неуспешното гласање за доверба | Албин Курти и Глаук Коњуфца 19.11.2025
Албин Курти и неговата партија направија два обида да формираат влада, но бројот на гласови беше недоволен.Фотографија: Armend Nimani/AFP

Девет месеци по парламентарните избори во февруари 2025 година, Косово се наоѓа во сериозна институционална криза. Парламентот е распуштен, привремената влада нема полн мандат, а за 28 декември се закажани нови избори.

Албин Курти, лидер на движењето Самоопределување, кое повеќе од пет години го водеше Косово, не успеа да формира парламентарно мнозинство и покрај тоа што неговата партија освои 42% од гласовите. Претседателката Вјоса Османи на 20 ноември го распушти парламентот и го одреди датумот за вонредни избори.

По изборите, Самоопределување имаше 48 пратеници, но за формирање влада потребни се најмалку 61 глас. Курти пропадна во првиот обид на 26 октомври со 56 гласа, а неговиот колега Глаук Коњуфца на вториот обид на 19 ноември исто така не успеа.

Косовската претседателка Вјоса Османи го распушти парламентот без да биде усвоен буџетот за 2026 годинаФотографија: Erkin Keci/Anadolu/picture alliance

Финансиски колапс на повидок

Без нова влада и со распуштен парламент, Косово влегува во финансиска криза поради неусвојување на буџетот за 2026 година. Во отворено писмо, 21 организација од граѓанското општество предупреди дека недонесувањето на буџетот ќе ги парализира исплатите на наставниците, лекарите, јавната администрација и социјалните трансфери за стотици илјади граѓани.

„Финансиската иднина на земјата и благосостојбата на граѓаните не смеат да станат пион на политички блокади“, се наведува во писмото до претседателката Османи.

На Глаук Коњуфца му беше доделена и задача да формира влада, но не успеа.Фотографија: Press office of the political party Vetëvendosje

Блокиран европски план за раст

Долготрајната криза го стопираше и ратификувањето на планот за раст на ЕУ, вреден шест милијарди евра за земјите од Западен Балкан. Косово би добило над 880 милиони евра, но поради нератификување на договорот со ЕУ, досега не доби ништо. 

Трите најголеми албански партии – ПДК, ЛДК и ААК– одбиваат да соработуваат со Курти, додека Самоопределување не сака коалиција со Српската листа, која има девет пратеници и е поддржана од Белград.

Поранешниот лидер на ПДК, Мемли Красниќи, го обвини Курти за „неспособност и политика на блокада“, додавајќи дека кризата ја чинела земјата „изолација и поделби“.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул ја посети косовската претседателка Вјоса Османи. Вадефул повика на посилна посветеност од Србија и Косово за нивно зближување.Фотографија: Bekim Shehu/DW

Нови избори и неизвесна иднина

Курти ги повикува граѓаните да гласаат на изборите во декември, кои ги нарекува „празник на демократијата“. Ако резултатот биде ист како претходниот, најавува нови избори на пролет 2026 година, кога завршува мандатот на претседателката Османи. 

Неуспехот да се формира влада го отежнува дијалогот Белград–Приштина. Привремената влада нема мандат за потпишување меѓународни договори, предупредуваат експерти. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул повика на крај на „политиката на провокации“ и продолжување на дијалогот во дух на разбирање.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми