1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косовските Срби – единствени Европејци на кои им треба виза

Обработка: Немања Рујевиќ
2 јануари 2024

Со косовски пасош сега може да се патува безвизно во ЕУ, но за Србите од Косово со српски пасош тоа и натаму не е можно, потсетува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Брисел би сакал тоа да го овозможи, Приштина се противи.

Српски знамиња на протест на косовските Срби во Митровица, архива
Српски знамиња на протест на косовските Срби во Митровица, архиваФотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Граѓаните на Косово конечно можат  да патуваат без визи во Шенген просторот,  пишува германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), нагласувајќи дека тоа сепак не важи за една група луѓе – косовските Срби без косовски пасош.

„Ако овој исклучок опстане, тогаш косовските Срби ќе бидат единствените Европејци - не сметајќи ги граѓаните на Русија и Белорусија, на кои и натаму им е ускратена  слободата на патување во ЕУ“,  наведува весникот.

Во текстот се потсетува дека „посебна ситуација“ настана во 2009 година, кога српските државјани добија можност за безвизни патувања.

Тогаш Европската комисија инсистираше да не се прави разлика меѓу жителите на Косово, па тамошните Срби, иако српски граѓани, можеа да добијат пасош само преку Координативната управа. Со таков пасош и натаму не може да се патува без виза.

Приштина се противи

„Сега Европската комисија предлага да се укине тоа посебно правило од 2009 година. Тоа е прегазено од времето со воведувањето на  визната слобода за Косово,  велат во Брисел“, пишува ФАЦ.

Српски пасош - барана стока на Косово

02:59

This browser does not support the video element.

Но, весникот наведува дека на тоа се противи  владата на Албин Курти, тврдејќи дека токму сега сѐ повеќе Срби бараат косовски пасош, што, како што тврди Приштина, придонесува за интеграцијата. 

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пак наведува дека и понатаму само мал број Срби бараат косовски пасош: лани, според податоците од Приштина, биле 4.350, а една година претходно – 3.400.

Се потсетува на писмото кое косовскиот вицепремиер Бесник Бислими го напиша до Брисел во ноември, барајќи косовските Срби и натаму да не можат да патуваат во ЕУ со српски пасош, зашто во секое време можат да поднесат барање за косовски пасош.

Весникот ги наведува и зборовите на неименуван косовски дипломат, според кого Косово не би можело да преземе одговорност за жители кои би патувале со српски пасош и би направиле некој прекршок, на пример останување подолго од 90 дена, или пак кривично дело. „Можеме да преземеме одговорност само за државјаните кои патуваат со регуларен косовски пасош“, навел тој дипломат.

Нејасно што ќе следува

Весникот потсетува дека во ноември и 21 косовска невладина организација исто така се обрати до ЕУ „користејќи ги аргументите на владата речиси од збор до збор.“

На тоа, пишува ФАЦ, реагирале повеќе граѓански иницијативи на косовските Срби со „неверување и разочарување“. Прашуваа како организациите кои со години се бореа против неоправданата изолација на Косово во Европа сега бараат трајна изолација за дел од своите сограѓани.

„Нејасно е како работите ќе се одвиваат натаму“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. „Европската комисија останува на својот предлог за укинување на посебното правило од 2009 година, но за тој да биде прифатен, мора да го одобрат членките на ЕУ и мнозинството во Европскиот парламент. Неизвесно е дали тоа ќе се случи пред европските избори во јуни“.

Весникот оценува дека дотогаш би можела да порасне популарноста на косовскиот пасош меѓу косовските Срби. „Но, тоа ништо не зборува за растот на степенот на идентификација на српското малцинство со Косово“, заклучува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми