1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБугарија

Ковачев: Ќе бараме ВМРО-ДПМНЕ да ја исклучат од ЕНП

20 септември 2024

Бугарскиот европратеник смета дека Бугарија не дала никаков повод за провокација, напротив се однесувала „исклучително цивилизирано и европски“.

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ: „Партијата многу се оддалечува од вредностите на ЕНП и европската демократија“, оценува бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев
Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ: „Партијата многу се оддалечува од вредностите на ЕНП и европската демократија“, оценува бугарскиот европратеник, Андреј КовачевФотографија: DW/Petr Stojanovski

Ја информиравме Европската народна партија за однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ и ќе побараме да се иницира процедура за исклучување на таа партија од ЕНП, изјавил за БНТ европратеникот од ГЕРБ, Андреј Ковачев.

„Мислам дека тие (ВМРО-ДПМНЕ - н.з.) на секој начин докажуваат дека сакаат да бидат со Фидес, партијата на Орбан. Тоа си е нивна желба и тие многу се оддалечуваат од вредностите на ЕНП и европската демократија“, оценил Ковачев.

Коментирајќи ги изјавите на македонскиот вицепремиер Александар Николоски за отсуството на македонско знаме на средбата Радев-Сиљановска, бугарскиот европратеник изразил увереност дека зборовите на Николоски биле координирани со Мицкоски.

„Се покажува јасна желба на сегашното раководство на Република Северна Македонија да не продолжи по патот на европската интеграција. Си бараат некаков изговор пред нивната јавност зошто тоа не може да се случи, а изговорот е, се разбира, со оцрнување на Бугарија“, оценил европратеникот.

Според него, Бугарија не дала повод за таква провокација, напротив се однесувала „исклучително цивилизирано и европски".

„Тие (РСМ) апсолутно го погазуваат Договорот за добрососедство. Тој е одобрен од парламентите во двете земји и во него е запишано дека Северна Македонија и Бугарија имаат заедничка историја и тоа не може да се фалсификува“, изјавил Ковачев.

Фотографија: EP

Според него, Бугарија не ја користела темата за изборна кампања.

„Тие се обидуваат да нѐ провоцираат, за да може земјата (Бугарија- н.з.) да биде виновник, а тие да си тргнат натаму каде што тргнале со Вучиќ и Орбан, кон Кина и Русија. Тоа е геополитичката приказна“, критикувал Ковачев.

Комисиско сослушување на амбасадорка

Иако во изјавите на бугарски политичари доминираат слични наративи за наводно скршнување на РСМ од европскиот пат, одредени постапки откриваат дека ги загрижува крикот на Скопје против оптоварувањата на интеграцискиот пат со билатерални прашања.   

Пред два дена беше закажана седница на собраниската Комисија за политики за Бугарите во странство, на која прва точка на дневниот ред била сослушување на амбасадорката на Италија во Бугарија, во врска со посетата на италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани на РСМ, пред десет дена. Тој пред доаѓањето во Скопје изјави дека Северна Македонија е клучен партнер во обезбедувањето просперитетна иднина и стабилност за целиот регион на Западен Балкан.

„Работиме на надминување на секоја пречка на патот на Скопје за пристапување кон ЕУ“, изјави Тајани уште во пресрет на посетата. 

Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани очигледно предизвика незадоволство кај бугарските политичари со неговите изјави за време на посетата на СкопјеФотографија: Emmanuele Ciancaglini/Getty Images

Но, таа точка била брзо отстранета од веб-страницата на бугарското Собрание, а претседателот на Комисијата за политики за Бугарите во странство Ангел Георгиев од партијата „Преродба" објаснил дека бил информиран оти амбасадорката не може да присуствува на седницата на Комисијата бидејќи е во странство.

„Сакавме да дознаеме дали Италија има намера да ја поддржи европската перспектива на РСМ во услови кога РСМ не го почитува францускиот договор кој стана европски договор“, ги објаснил тој причините за барањето за сослушување на италијанската амбасадорка.

Ако има желба, има и начин

Мицкоски на вчерашниот работен ручек организиран од претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен, на кој беа присутни уште пет лидери од регионот на Западен Балкан, а потоа и средба со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, порачал дека интегрирањето во ЕУ мора да се темели на процес во кој што ќе се оценуваат постигнувањата, а не да се темели на билатерални прашања кои ќе бидат одлучувачки фактор.

„За жал, ние речиси две и пол децении откако го започнавме овој интеграциски процес, сме жртви на билатерализација на претпристапниот процес. И она што таму го кажав е дека ние сега се бориме да започнеме преговори во кои ќе ги зајакнеме институциите и ќе ги збогатиме капацитетите. Не зборуваме за полноправно членство во рамки на ЕУ. Поради билатерални прашања, поради прашања кои се поврзани од средниот век, ние не можеме да се развиваме како држава за 21-ви, 22-ри век, а камоли да зборуваме за нешто повеќе. Уште еднаш потенцирав дека ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми и за нас принципот - тие се таму, вие сте надвор, ако сакате да бидете таму треба тоа да го прифатите - простете, но ние такво нешто не можеме да прифатиме. А од друга страна ни велат дека има желба како држава да бидеме членка во ЕУ. Мојот одговор на таа теза е, ако има желба, тогаш има и начин“, изјави премиерот.

Интегрирањето во ЕУ мора да се темели на постигнувањата, а не на билатералните прашања кои ќе бидат одлучувачки фактор, порача во Брисел, македонскиот премиер Христијан МицкоскиФотографија: Government of North Macedonia

Не бараме многу

Мицкоски вчера потенцираше дека Владата останува фокусирана на исполнување на евроинтеграцијата како стратешка цел, но и фокусирана да предлага решенија.

„За време на ручекот еден од присутните спомена дека се потребни жртви да се направат во овој процес на интегрирање на регионот во рамките на ЕУ. Јас потенцирав дека правење жртва можеби за нас е и добар збор и политички коректен збор, бидејќи ние бевме жртва на многу понижувања во минатото. Пожртвуваност е нешто друго. Но, ние бевме понижени многу пати. Ќе ве потсетам - во името на европските вредности променивме знаме, променивме банкноти, неколку пати Устав менувавме, менувавме име, што нѐ направивме за да покажеме дека навистина сакаме да бидеме дел од европското семејство. И некој кога ќе ми каже - ама тоа е rule of unanimity или правилото на еден глас - ве молам, тоа е ултиматум“, рече Мицкоски.

Според премиерот, тоа не се европските вредности во кои што се вљубила неговата генерација.

„Јас сум подготвен буквално со секого да разговарам, колку што е потребно, додека не го најдеме вистински пат, кој овојпат нема да биде понижувачки. Да ни дозволат да ги јакнеме институциите и да ги збогатиме нашите капацитети како држава - тоа е она што го барам. Дали е многу? Јас мислам дека не е многу", порача премиерот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми