1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Надлежните тврдат дека трошоците за живот се намалиле

ДТЗ
7 ноември 2023

Минатиот месец поевтиниле млекото и јајцата, но поскапеле шеќерот, медот и кафето. Ова го покажуваат анализите на Државниот завод за статистика, кој за еден месец утврдил намалување на цените на мало од 0,6 проценти.

трошоци за живот, инфлација
Според надлежните, инфлацијата за еден месец е преполовена, а трошоците за живот се намалениФотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Трошоците за живот во октомври се намалиле за 1,5 проценти во однос на септември, но за 3,5% се повисоки од лани. Минатиот месец поевтиниле млекото и јајцата, но поскапеле шеќерот, медот и кафето. Ова го покажуваат најновите анализи на Државниот завод за статистика, кој за еден месец утврдил намалување на цените на мало од 0,6 проценти. Премиерот Димитар Ковачевски е оптимист дека инфлацијата до крајот на годината да биде под шест проценти.

„Веќе покажавме дека умееме да ја намалиме дури двојно за само една година“, изјави премиерот при посетата на Пивара-Скопје. Според него, резултатите од мерките во однос на намалување на цените на основните прехранбени производи веќе даваат ефекти.

„Очекувам дека инфлацијата во однос на претходниот месец ќе биде не повеќе од еден процент, а во однос на минатата година за истиот месец под четири проценти“, изјави премиерот. Заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши најавија проширување на листата на производи со „гарантирана цена“. Се очекува и дополнително намалување на цените со предложениот закон со кој се опфатени 26 нефер трговски практики. 

Димитар Ковачевски и Крешник Бектеши во обиколка на маркети (архивска снимка)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Драстично намалување“ 

„Стапката на инфлација во октомври изнесува 3,5 % и е преполовена во споредба со претходниот месец кога растот на трошоците за живот изнесуваше 6,6 %“, порача на Фејсбук министерот за економија, Крешник Бектеши, откако Државниот завод за статистика ги објави индексите за трошоци за живот и цени на мало за октомври 2023 година. 

Според него, трошоците за живот во делот на храна и безалкохолни пијалаци во октомври бележат раст од 1 %, што е драстично намалување во споредба со 7,8 % пресметани во претходниот месец.  „Во споредба со октомври 2022 година, кога инфлацијата изнесуваше 19,8 %, за една година бележиме намалување на инфлацијата од 5,5 пати“, наведува Бектеши.

Поевтиниле млекото и јајцата - поскапел шеќерот 

Според статистичарите, намалување на индексите на трошоците на животот во октомври 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај млекото за 10.1 %, јајцата за 9.0 %, свежиот и разладениот зеленчук, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 6.4 %, пивото за 4.3 %, сирењето и урдата за 4.1 %, месото за 3.4 %, лебот и житата за 3.3 % и маслото за 0.9 %.

Пораст на индексите на животот, пак, е забележан кај шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 2.4 %, жестоките пијалаци за 1.4 %, рибата и морските плодови за 1.2 %, виното за 1.0 %, кафето, чајот и какаото за 0.4 %.

Анкетата на Фајнанс тинк за инфлациските очекувања покажува дека на прашањето што граѓаните очекуваат да се случува со цените до крајот на 2023 година, 41% одговориле дека очекуваат цените да растат но со посмирено темпо, додека една третина очекуваат да растат со забрзано темпо.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми