1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Има простор за редовни избори во мај

ДТЗ
20 ноември 2023

Премиерот вели дека СДСМ и ДУИ имаат јасен коалициски договор, а Алијанса за Албанците има капацитет да разговара за економски просперитетна држава и општество со социјална правда и демократија.

Димитар Ковачевски
Ковачевски вели дека има простор за редовни избори во мајФотографија: Petr Stojanovski /DW

Премиерот Димитар Ковачевски смета дека во мај ќе има доволно простор за одржување на претседателските и парламентарните избори во нивните редовни термини. „За финалните ставови на политичките партии ќе информираме тогаш кога ќе се постигне поширок консензус во рамките на парламентот“, порача денеска Ковачевски при посетата на Прилеп. Според него, сите кадровски решенија ќе бидат споделувани со јавноста како што ќе се носат од официјалните партиски тела. 

Ваквата изјава следи откако деновиве претседателот Стево Пендаровски и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски најавија дека е можно власта и опозицијата да се договорат околу датумот за претседателските и парламентарните избори. 

„Мислам дека ставовите на власта и на опозицијата се приближуваат и веројатно наредните денови ќе имаме и официјална објава дека е постигнат договор за одржување на парламентарните и на претседателските избори во ист временски период“, изјави деновиве Пендаровски.

И Мицкоски при посетата на Струмица деновиве изјави дека има напредок околу датумот за изборите за наредната година. „Добро е што изборите ќе бидат заедно, имајќи ја предвид финансиската состојба во земјава. На Ковачевски му требаше да биде охрабрен од Али, Буjар, од Арбен за конечно да ја сфати реалноста. Ја поздравувам таа одлука на коалиционите партнери во Владата и претпоставувам дека деновиве бргу ќе биде и датумот, изјави денеска лидерот на ВМРО - ДПМНЕ“, изјави Мицкоски. 

Изјавата следи откако шефот на дипломатијата, Бујар Османи изјави дека во ДУИ размислуваат за заеднички избори, но дека за партијата се прифатливи двете варијанти. Заеднички избори сакаат и Демократско движење, Беса и  Алтернатива, кои се дел од опозициската коалиција Европскиот сојуз за промени. Според собранискиот спикер Талат Џафери, 8 мај е единствениот датум на кој може да има двојни избори – втор круг од претседателски и парламентарни избори.

Течат консултациите меѓу партиите околу датумот за претседателските и парламентарните избориФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Јасен коалициски договор

Ковачевски вели дека СДСМ и ДУИ имаат јасен коалициски договор, а Алијанса за Албанците (АА) има капацитет да разговара за економски просперитетна држава и општество со социјална правда и демократија на највисоко ниво, со слобода на медиумите и владеење на правото, кои се основи, потенцира, за градење широкиот коалициски фронт.

Во моментот течат разговорите за финализирање на Изборниот законик и вклучувањето во него на сите забелешки од страна на ОБСЕ/ОДИХР. „Тоа е веќе финализирано во најголема мера и многу скоро ќе се најде на владина седница, како и на седница во парламетот при што ќе се добие целосно усогласено законско решение“, вели премиерот.

„Со ДУИ имаме јасен коалициски договор објавен во 2020 година, секако дека за модалитетите со нив се разговара, но целта за остварување европска коалиција која ќе предводи широк фронт е клучната работа што ќе ги обедини партиите на следните избори. Сите детали и кадровски решенија кои ќе следуваат, ќе бидат споделувани со јавноста како што ќе се носат од официјалните органи на партиите“ рече Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на ИКТ Центарот за чување и заштита на податоци во Прилеп.

Коалиции

Претседателските и парламентарните избори да се одржат на ист датум - предлага Лидерот на политичката партија Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, деновиве соопшти дека постојат дилеми околу останувањето на политичката партија Алијанса за Албанците (АА) во владејачкото мнозинство, по неизгласувањето на Законот за амнестија.

Последната одлука на партиското раководство на политичката партија Алијанса за Албанците (АА) е на претстојните избори да настапат самостојно.

Ковачевски вели дека кога се прават коалиции клучно е да се споделуваат заеднички вредности кои се однесуваат, пред се, на визијата за модерно општество и модерна држава. „Не се работи за убедување, туку кога се прават коалиции, клучно е да се споделуваат заеднички вредности кои се однесуваат пред се на визијата за модерно општество и модерна држава со економски просперитет, социјална правда и демократија на врвно ниво, слобода на медиумите, владеење на правото унапредено многу повеќе од тоа денес и на тие основи ќе се градат коалициите“, вели премиерот.

Тој смета дека Алијанса го има тој капацитет да разговара на такви теми. „Мислам  дека на таа основа може да се водат разговори во однос на идните коалиции и настапи на изборите, но да оставиме да се водат разговори и официјалните партиски тела да носат одлуки во тој дел“, рече Ковачевски.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми