1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои кадри ќе ги предложи ВМРО-ДПМНЕ за техничката влада?

ДТЗ
11 декември 2023

ВМРО-ДПМНЕ треба да предложи свои кадри за техничката влада и да ја исполни законската обврска. Ако не го стори тоа, ќе фрли дамка врз изборите, вели премиерот Димитар Ковачевски.

Димитар Ковачевски
Димитар Ковачевски ја чека опозицијата - кои кадри ќе ги предложи ВМРО-ДПМНЕ за техничката владаФотографија: Government of North Macedonia

Партиите забрзано ги вршат подготовките за двојните избори на пролет. Премиерот Димитар Ковачевски денеска повторно ја повика опозицијата да предложи свои кандидати за техничката владакоја треба да се формира на 28 јануари, бидејќи во спротивно ќе фрли дамка врз изборите. 

Според него, оставка на премиерот и формирање на влада која ќе ги подготви изборите е законска обврска која што тој ќе ја исполни.

„Законска обврска е на 100 дена пред одржување на изборите, претседателот на владата да поднесе оставка. Така иВМРО-ДПМНЕ треба да предложи свои кадри и да ја исполни законската обврска. Ако не го стори тоа, ќе фрли дамка врз изборите“, рече Ковачевски на настан во МАНУ.

Нема можност за импровизации

Тој ги отфрла можности за импровизации во однос на составувањето на техничката влада. „Со закон е регулирано кои позиции се менуваат во владата, согласно Закон за влада и Изборен законик. Секое импровизирање може да фрла дамка врз целиот процес. Се работи за влада која треба технички да ги подготви изборите“, рече Ковачевски.

Премиерот е убеден дека Северна Македонија на 24 април и 8 мајќе има демократски избори на кои граѓаните ќе ја изразат својата демократска волја.

На 28 јануари се очекува да се гласа за техничката влада, на чие чело ќе застане кадарот на ДУИ - Талат Џафери,додека функцијата која што тој ја извршува како претседател на Собранието ќе ја преземе координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски. Гласањето за нов претседател на Собранието се очекува да се одржи во средината на јануари.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во наредниот период ќе одлучува дали ќе учествува во техничката влада. 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во наредниот период ќе одлучува дали ќе учествува во техничката влада. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Поделба на ресорите

Формирањето на преодната влада е предвидено со Пржинскиот договор и таа ќе функционира 100 дена пред парламентарните избори.

Законот со кој се предвидува ваква влада пред избори е дел од таканаречениот Пржински договор постигнат во 2016 година. Според него, Владата ќе добие технички премиер по предлог на ДУИ, а двајца министри (за внатрешни работи и за труд и социјална политика) треба да бидат назначени по предлог на најголемата опозициска партија - ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата треба да добие и тројца заменици министри и тоа во министерствата за земјоделство, финансии и администрација и информатичко општество.

Главна задача на техничката влада е да ги организира изборите. Во текот на нејзиното функционирање не може да има вработувања, унапредувања и инвестиции.

Тактизирање за претседателските избори

Покрај подготовките за парламентарните избори, се „крчаат“ и партиските кандидати кои ќе влезат во трката за нов претседател. Актуелниот претседател Стево Пендаровски се уште не открива дали ќе се бори за втор мандат, а воздржан е и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, чие име се споменува меѓу можните кандидати на владејачката СДСМ. 

Тој денеска по посетата на СВР Куманово рече дека ќе го каже својот став кога ќе дојде моментот за тоа. „Тоа се партиски работи за кои што, кога ќе дојде моментот, ќе го кажам својот став“, рече Спасовски.

На прашањето што ќе му одговори на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој му порача дека нема да има мир додека е жив, Спасовски одговори: „Мицкоски кажа дека нема да имам мир, додека е тој жив, а јас му посакувам долг живот“.

Лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски, пред почетокот на седницата на Извршниот одбор на партијата во неделата (10.12) рече дека претседателскиот кандидат ќе биде од редовите на СДСМ.

„Сите политички партии имаат свои амбиции, но претседателски кандидат ќе биде од редовите на СДСМ, како што беше и на минатите избори и ќе ја има најшироката поддршка од политичките партии и граѓанските организации, поединци и така натаму, и тоа ќе биде претседателот на државата и во следниот мандат“, рече Ковачевски. 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми