1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски бара Софија да ги почитува пресудите на Стразбур

ДТЗ
24 март 2023

Премиерот Димитар Ковачевски ги повика бугарските власти да го признаат правото на самоопределување на Македонците коишто живеат во Бугарија, исто како што Македонија ги почитува правата на етничките заедници.

Димитар Ковачевски
Ковачевски бара Софија да ги почитува пресудите на СтразбурФотографија: Government of North Macedonia

Премиерот Димитар Ковачевски ги повика бугарските власти да ги почитуваат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур, а коишто се однесуваат на почитувањето на правата на здружување на Македонците.

„Секогаш сме реагирале во однос на сите граѓани коишто во која било друга држава се самоопределуваат како Македонци. Македонци има во скоро сите држави во светот -  САД, Германија, Швајцарија, па така ги има и во Бугарија и во Грција. Тоа се луѓе кои се определуваат како Македонци и им следуваат сите права што им следуваат на сите граѓани слободно да ја изразат својата желба за самоопределување. Постојат и пресуди на Судот за човекови права коишто Бугарија ги нема спроведено до денес. Затоа ги повикувам уште еднаш бугарските власти да постапат согласно европските правни норми за заштита на малцинските права“, рече Ковачевски, при посета на Клиниката за гастроентерохепатологија. 

Малцински права 

Бугарија е членка на ЕУ, поради што премиерот смета дека земјата треба да ги почитува правата на сите граѓани, исто како што се почитуваат правата на сите етнички заедници коишто се дел од македонското општество.  

На новинарско прашање дали ќе побара признавање на македонско малцинство во Бугарија, тој рече дека постојат генерално две уставни уредувања во делот на малцинските права.

„Едното е каде што индивидуалното право на самоопределување се остварува колективно. Таков устав имаме ние на пример, каде што заедниците можат да бидат дел од уставното уредување, таков има Хрватска. На пример, Во Хрватска сите кои се дел од хрватското општество, 24 делови од други народи, се дел од хрватскиот Устав. Меѓутоа, има држави каде што уставното уредување предвидува дека индивидуалното право на самоопределување се остварува индивидуално. Tакви устави имаaт Бугарија, меѓутоа и Франција“, вели премиерот. 

Бугарија е членка на ЕУ, поради што премиерот смета дека земјата треба да ги почитува правата на сите граѓани, исто како што се почитуваат правата на сите етнички заедници коишто се дел од македонското општество.  Фотографија: MIA

Со институционален однос против пропагандата 

Ваквата реакција следи откако пред неколку дена беше објавен извештајот за човекови права на американскиот Стејт департмент, каде се поосочува дека Бугарија и понатаму одбива да ги регистрира активистичките групи на етничките Македонци и покрај бројните пресуди на судот во Стразбур. 

Во меѓувреме бугарските власти во четвртокот (23.03) осто реагираа и на бришењето на  бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ од Битола од Централниот регистар, откако не го промени името во законскиот рок. Бугарскиот претседател Румен Радев вели дека станува збор за лошо решение, коешто е израз на паника и немоќ. За бугарското МНР, пак, станува збор за тенденциозна одлука со која земјатаја крши Европската конвенција за човекови права. 

Ковачевски вели дека има политичари во Бугарија, но и секаде има политичари кои сакаат да ги нарушат односите помеѓу соседни држави и меѓу држави во поширокиот регион. „Постојат и поединци и пропагандисти кои работат за интересите за трети страни коишто не сакат да го видат овој регион интегриран во ЕУ. Сметам дека ние треба да имаме институционални односи на највисоко ниво со сите наши соседи, како што имаме на пример со Србија, со Албанија и со другите и треба да бидеме на тоа високо ниво. И затоа нашите институции секогаш постапуваат согласно со правилата на меѓународното право согласно со добрососедските односи коишто се на врвно ниво во нашата држава“, вели премиерот. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми