1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Платите лесно се зголемија, тешко ќе се скратат

ДТЗ
19 октомври 2023

Синдикатите бараат кратење на фунционерските плати по итна постапка за 78%. Ковачевски вели дека не им верува на луѓе што велат дека би работеле без плата

Димитар Ковачевски
Ковачевски не им верува на оние што велат дека ќе работат без париФотографија: Government of North Macedonia

Сојузот на синдикатите на Македонија бара кратење на функционерските плати по итна постапка, со европско знаменце и без консултации за 78%, колку што се зголемија платите пред седум месеци, по одлуката на Уставниот суд. Тие апелираа до Владата да не бара изговори за процесот, откако премиерот Димитар Ковачевски најави дека работна група ќе треба да изнајде решение како законски да изврши кратењето на платите. 

Премиерот Димитар Ковачевски денеска повтори дека намалување на платите ќе има, а за тоа ќе одлучува работната група која што ќе треба да изготви две законски решенија. Дел од министрите велат дека платите им се важни „оти живеат само од нив“, но во истовреме најавуваат дека ќе ја прифатат владината одлука со која може или да се замрзнат или да се намалат платите. 

Синдикатите со предлог

„Апелираме до Владата, да не бара изговори за процесот со намалување на функционерските плати, туку да го примени веќе воспоставениот принцип како кога носи закони на штета на работниците и со злоупотреба на европското знаменце, без широки консултации, без дијалог и без да се грижат за одлуките на Уставниот суд како што тоа го направија за воведување на 72 часовната работна недела и да достави до парламентот предлог законот со кој ќе ги намалат функционерските плати за 78%“, порачуваат од ССМ.

Според синдикатот, не е потребно многу време за да се направи измената на законот. ССМ веќе доставил предлог до пратениците кои, според нив, „молчат три месеци“, а истото решение го предлагаат и на Владата. Предлогот предвидува во Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица, да се смени член 11 и да гласи: „Основица за пресметување на платата започнувајќи со исплатата на платата за месец септември 2023 година е минималната плата објавена во Службен весник за претходната година објавена од страна на Министерството за труд и социјална политика“.

„Работниците живеат од плата без право на храна и превоз, а добро е што конечно функционерите како министерот за надворешни работи разбраа дека треба да се живее од плата, но нивните плати се колку 6 минимални плати, а имаат право на службени возила, обезбедување, ручеци, трошоци и други бенифиции“, посочуваат од Сојузот на синдикатите. 

Живеам само од плата 

Ваквата реакција следи откако шефот на дипломатијата, Бујар Османи, во средата (18.10) на прес-конференција рече дека „не е за фалење кога политичарите велат оти не им е важна платата, бидејќи со тоа на некој начин кажуваат дека не живеат само од платата“.

Живеам само од плата, вели Бујар ОсманиФотографија: Thomas Peter/REUTERS

Министерот вели дека нему му е важно ова прашање, бидејќи живее само од платата. „Меѓутоа во овој случај разбирам дека приоритет треба да бидат сите оние чии плати се околу минималната. Мислам дека тоа е клучно и ако ни дојде редот на нас, во ред; ако не, мислам дека приоритетот треба да биде на тие граѓани во ова време на инфлација и на поскапување и треба да им се посвети внимание“, вели министерот.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи деновиве информираше дека Владата задолжила четворица министри за воведување нови антикризни мерки. Заштедените пари ќе се користат за антикризни мерки.  

Решение - идната недела 

До следната недела треба да има работен материјал за законското решение за корекција на функционерските плати. 

Премиерот Ковачевски се согласува со изјавата на министерот Бујар Османи за платите на функционерите. „Луѓето работат за плата. Има некои што кажуваат дека би работеле без плата и јас во таков човек не верувам. Имам 25-годишно работно искуство и не верувам во такви луѓе“, изјави денеска премиерот.  

Министерот за економија, Крешник Бектеши вели дека платата е важна за секој што работиФотографија: Wirtschaftsministerium Nord-Mazedonien

И министерот за економија, Крешник Бектеши вели дека платата е важна за секој што работи, а неговите лични приходи се јавно објавени во неговиот Анкетен лист. „Дали е важна висината на платите секој си одлучува посебно. Ако работната група одлучи некакво решение за намалување и замрзнување, од моја страна како член на Владата ќе биде поддржано, изјави во четвртокот Бектеши. 

Зголемувањето на функционерските плати за 78 проценти беше направено врз основа на одлуката на Уставниот суд во март годинава со којашто се укина одредбата за замрзнување на основицата на платите на 1.050 избрани и именувани функционери. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми