1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: од замена за Заев до втора виолина на ДУИ

12 јануари 2024

Инфериорноста на социјалдемократската екипа на „Илинденска“ пред екипата на Мала Речица се смета и за една од причините за корупцискиот бум и падот на судството. Пишува Соња Крамарска

Премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ДУИ, Али АхметиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Корупција, колапс на судството, избегнување на начелото за солидарност кое е заштитен знак на социјалдемократијата, замрен политички дијалог, хроничен недостиг на учебници во образованието за време на наставниот процес, комплетна партизација на институциите – е политичкиот „тестамент“ кој ќе го остави Владата на премиерот Димитар Ковачевски која за дваесетина денови ќе ѝ отстапи место на техничката влада што ќе ја предводи собранискиот спикер Талат Џафери.

Ако треба да се подвлече линија под двегодишното работење на Владата на Ковачевски, таа несомнено ќе биде со црвена боја – како знак на неисполнетите ветувања и огромното разочарување кај граѓаните. Заминувањето на оваа влада (иако најголемиот дел министри остануваат) ќе означи и крај на ерата на владеењето на СДСМ која дојде на власт во 2017 година на крилата на граѓанскиот активизам против режимот на конзервативната влада на Груевски, давајќи огромни ветувања пред граѓаните, од кои најголемиот дел останаа неисполнети.

Младиот и полетен Ковачевски претставувајќи ја владината програма на стартот на својот премиерски мандат на 15 јануари 2022 година, настапи со голем ентузијазам.

„Имаме ретка можност и шанса во период од 2,5 години без изборни потреси, кои секогаш за политичарите најчесто се неоправдано историски, а за граѓаните секогаш оправдано трауматични, да се посветиме на реалните проблеми и животот на граѓаните. Да се посветиме на економијата, на платите и пензиите, на поддршка на компаниите, на енергетскиот развој и на зголемување на вработеноста“, рече тој. 

Но во реалноста се случи спротивното. Платите и пензиите се изгубија во високите плати кои легнаа на контото на функционерите, далеку заостанувајќи зад сумите кои си ги додели власта со помош на Уставниот суд. Па така, во време на СДСМ која во јадрото на својата партиска филозофија ја има солидарноста и работничките права, се случи историски расчекор во платите на граѓаните и на нивните „слуги“ – политичарите, па така платата на премиерот изнесува 160.000 денари, на претседателот на државата 165 илјади денари, а просечната плата во државата е 38.000 денари.

Како илустрација дека Владата го згази принципот на солидарност се податоците дека во ноември 8.273 вработени земале од 1 денар до 20.174 денари плата, 26.537 вработени земале плата во висина од 20.175 денари, или 34.810 лица земале минимална плата или под минималец. Вкупно 324.674 лица на сметките добиле нето-плата во износ од 20.176 до 37.875 денари. Она што е загрижувачки е дека речиси 90 илјади вработени земаат минимална плата. Тоа практично значи дека една третина од граѓаните живеат со околу 600 денари на ден. 

Ветувањата останаа на хартија 

Следното важно ветување што го даде Ковачевски на тој 15 јануари 2022 година беше: „Мора подобро и поефикасно да испорачаме резултати во борбата против криминалот и корупцијата, во ефикасноста на администрацијата која мора да се намали и професионализира, во креирањето на модерен здравствен систем, во образованието на младите. Наша обврска е да не дозвилиме младите да бараат авионска карта за надвор, туку да стекнат знаења и работа дома“. 

Но и тоа ветување остана само на хартија. Македонија се соочува со епидемија на корупција – неодамна ќе констатира американската амбасадорка во земјава кажувајќи го она што стана јавна тајна. Институциите за 2022 година исполниле само 10 отсто од активностите за борба против корупцијата предвидени со националната стратегија, за разлика од 2021 кога тоа изнесувало 20 отсто, односно регистриран е пад по доаѓањето на владата на Ковачевски. Државната администрација ниту стана помала ниту поефикасна, туку обратно. Стенка под товарот на партизацијата.

Премиерот вети и удвојување на стапките на економски раст на среден рок и тоа од 2,5 %, на 5% просечен раст. Но реалноста беше поинаква. Според податоците на Министерството за финансии и Народната банка Македонија 2023 година ја заврши со раст на економијата од околу 2 проценти. 
Не изостанаа ветувања ни за изградба на патна инфраструктура. „Продолжуваме со изградба на автопатот Кичево – Охрид и Скопје – Блаце. Во план е отпочнување на целосна надградба на автопатот Тетово – Гостивар, како и уште четири автопатски делници. Планирана е тековна реконструкција и изградба на локални патишта во должина од преку 1000 километри во 36 општини“, рече Ковачевски на стартот на својот премиерски мандат. Сите знаеме како неславно заврши изградбата на автопатот Кичево-Охрид за која крајниот рок беше декември 2023 година. 
Ковачевски во својата политичка наивност или неопитност даде и ветување околу тоа како ќе раководи со коалицијата во неговиот кабинет. „Не сакам и нема да ги делам министрите на ‘наши' или ‘ваши’, туку на способни и неспособни, на чесни и нечесни, на работливи и неработливи, на одговорни и неодговорни. За првите секогаш ќе има место и ќе имаат поддршка, за вторите во Владата и институциите нема и ќе нема место“, рече Ковачевски. 
Но денес кога се прави резиме на неговата влада пред нејзиното заминување, впечаток кој преовладува е дека политички неискусниот шеф на Владата беше проголтан од старите „џомби“ и тој беше бројот 2 во власта, а лидерот на ДУИ Али Ахмети бројот 1. Ковачевски се повлече пред аферите „Соравија“, тендери од МНР на финансиери на ДУИ, изборот на нов шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и партиското насилство во М-НАВ, заштитата на судијата кој помогна да застари случајот со масовното прислушување во кој беше обвинет Сашо Мијалков.

Нем посматрач на катастрофата 

Бескрајните судења за сообраќајните несреќи крај Ласкарци и во Бугарија, како и пресудата за изгорената модуларна болница во Тетово, случувањата на Клиниката за Онкологија, измените на Кривичниот законик кои ги срушија сето она за кое се бореше СДСМ во Шарената револуција, се исто така настани кои го обликуваа јавното мислење против Владата. Ковачевски, наместо вокален борец за спроведување на владината програма стана нем посматрач на катастрофата. 
Инфериорноста на социјалдемократската екипа на „Илинденска“ пред екипата на Мала Речица се смета и за една од причините за корупцискиот бум и падот на судството. Впечатокот дека СДСМ е втора виолина на ДУИ го девалвираше рејтингот на некогашната македонска левица до тој степен што посматрачите на македонската политика веќе се прашуваат што ќе остане од СДСМ по изборите. Или поточно по поразот на изборите. 
Ковачевски имаше доволно маневарски простор без ДУИ да неутрализира дел од јавното незадоволство, но се чинеше дека му недостасуваа храброст и искуство во раководење со сложен систем како што е коалициска влада. Можеше да поентира со намалување на функционерските плати како што вети, но тој тоа го одлагаше додека не стана јасно дека нема да се случи. Исто така и не застана зад своето ветување дека ќе ги испита платите во владините агенции, компании и управни одбори од каде бескрупулозно се пљачка буџетот на легален начин. Можеше да застане и поцврсто зад М-НАВ кога изборите се веќе на прагот а со тоа и неговата задача да се бори за интересите на неговата партија а не на ДУИ. Конечно, тој ја пропушти шансата и за култивирање на политичкиот дијалог пропаѓајќи во јазот меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и правејќи го невозможен договорот со десницата да испорача гласови за уставните измени за продолжување на преговорите со ЕУ. За тоа вината ја дели со неговиот ривал Христијан Мицкоски кој остана на тврдите позиции, но несомнено е дека не беа исцрпени сите средства за договор ако постоеше политичка волја и вештина за управување со политички дијалог во услови на партиска поделеност, која постоела и ќе постои, но и процесите мора да се водат поконструктивно.
Ковачевски не успеа ниту како партиски лидер бидејќи во СДСМ се водат фракционерски борби кои експлодираат сега кога треба да се номинира кандидат за претседател. Поради тоа СДСМ која се нарекува себеси проевропска партија, спротивно на европските практики сѐ уште нема кандидат за претседателските избори кои ќе се одржат во април. Со Ковачевски од Владата заминува и Оливер Спасовски вечниот министер за внатрешни работи, негов ривал и пријател, што води кон нови неизвесности во внатрепартиски односи во СДСМ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми