1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски ја отфрли идејата за Заедница на албански општини

БГ /МИА
27 февруари 2023

Премиерот Димитар Ковачевски го отфрли како неприфатлив и несериозен предлогот за формирање заедница на албански општини во Северна Македонија, како пандан на истиот модел во Косово кој го предложи партијата Алтернатива.

Димитар Ковачевски Северна Македонија
За Димитар Ковачевски предлогот за Заедница на албански општини е неприфатливФотографија: Virginia Mayo/AP/picture alliance

Предлогот за формирање заедница на албански општини во Северна Македонија по урнекот на заедницата на српски општини во Косово е неприфатлив за премиерот Димитар Ковачевски, како и за коалициските партнери во владата.

„Односите во нашата држава се решени со Охридски рамковен договор кој го потпишаа претставници на сите политички партии – и на Македонците, и на Албанците, за кој гаранција се САД и Европската Унија. Врз основа на тој Охридски рамковен договор, Северна Македонија денес претставува пример за соживот и остварување на правата на сите етнички заедници во државата и врз негова основа во нашата држава се изградени институции за заштита и унапредување на правата на помалите заедници на највисоко ниво споредено со сите други држави во Европа“, изјави Ковачевски во понеделникот. 

Според Ковачевски, во Косово веќе постои друг договор кој е потпишан помеѓу две страни и кој ги решава проблемите што постоеле во минатото во таа земја.

„Оттука сметам дека таквиот предлог е неприфатлив, несериозен, нееверопски и неамерикански“, рече Ковачевски. 

Лидерите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Албин Курти во понеделник во Брисел треба да одлучат дали ќе направат чекор натаму во нормализацијата на односите меѓу двете земји, а една од клучните проблематични точки во преговорите е договорот за формирање на Заедница на српски општини во некогашната југословенска покраина. Актуелната влада во Приштина се противи да го прифати формирањето на таа заедница, а премиерот Курти во една прилика го оцени тој чекор како „апартхејд“.

Политичката партија Алтернатива, која до неодамна беше од владата во Северна Македонија, викендов преку соопштение повика да се започне иницијатива за формирање заедница на албански општини во Северна Македонија, по сличен модел како и косовскиот. 

Предлогот го отфрлија и ДУИ и ЛДП. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми