1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сезона на респираторни болести и ковид: заштитете се

ДТЗ
19 декември 2023

Варијантата Ерис на коронавирусот ќе доминира оваа зима. Многу лесно се пренесува, поради што се препорачува постарите и хронично болните лица да се заштитат

ковид
Сезона на респираторни болести и ковид: заштитете сеФотографија: Petr Stojanovski

Додека во регионот повторно се вклучува ковид-алармот, поради се поголемиот број заразени со новите соеви на вирусот, во Северна Македонија надлежните велат дека ситуацијата засега е мирна.

„Нема зголемување на нови позитивни случаи, а минатата недела, согласно податоците од извештајот на Институтот за јавно здравје, се регистрирани само два случаи на Ковид-19“, вели портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ за ДВ. 

Во меѓувреме Хрватска алармираше дека повторно се зголемува бројот на заразени со коронавирус, а за само една недела се регистрирани 42 смртни случаи од Ковид. Информации за зголемен број на заболени и хоспитализирани пристигнуваат и од Грција, Бугарија и Србија. 

Ерис ќе доминира оваа зима 

Оваа зимска сезона надлежните очекуваат да доминира варијантата Ерис, која што  со помош на секвенционирање, е докажано дека е присутна и во Северна Македонија. Станува збор за сој кој полесно се пренесува и го заобиколува имунолошкиот систем.

„Со оглед на тоа дека оваа варијанта го избегнува имунитетот многу подобро од претходните варијанти, и особено може да биде проблематична за повозрасните, за оние коишто имаат над 65 години и хронични заболувања, апелираме граѓаните да го заштитат своето здравје преку вакцинација против ковид или преку примање на бустер доза“, вели д-р Мехмедовиќ.

На повозрасните и понатаму им се препорачува да носат заштитни маски, особено при посета на здравствените установи. 

Од 4 до 10 декември во земјата се пријавени 87 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, 40,3% повеќе во споредба со претходната недела. Притоа, не се детектирани позитивни случаи на Influenza. Регистрирани се два пациенти со Ковид-19 и осум со респираторен синцицијален вирус (RSV).

Во однос на возрасната дистрибуција, 38 лица се на возраст од 15-64 години, 28 кај деца на возраст од 0-4 години, 17 кај деца на возраст од 5-14 години и 4 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца (29,0/100.000) се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години. Заболените се пријавени во Дебар – 49, Битола – 8, Тетово – 7, Куманово – 5, а во Кичево, Кавадарци, Берово, Охрид, Прилеп, Скопје, Струмица, Гостивар и Радовиш бројот на пријавени е помал од 5.

Во сезоната 2023/2024 вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 551.

Варијантата Ерис ќе доминира оваа зима. Многу лесно се пренесува, поради што е потребна заштита Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Респираторни проблеми кај децата 

Иако ковидот навидум падна во сенка изминативе месеци, Мехмедовиќ вели дека граѓаните и понатаму се тестираат, дури многу повеќе од претходно, што резултира со откривање на други респираторни заболувања, коишто биле присутни и порано, но сега почесто се детектираат на тест. 

„Овој период се присутни вирусни заболувања кај децата коишто и претходно ги имало, но ковидот меѓу другото ни покажа дека доколку следиме и тестираме малку повеќе, ќе добиваме и многу повеќе извештаи за позитивни случаи од останатите вируси. Така што сега многу почесто се детектираат респираторните вируси, кои се особено присутни кај помалите деца, но има присуство и на аденовирусите“, вели нашиот соговорник.

Кашлица, кивање, температура и малаксаност се дел од симтомите на кои се жалат пред се децата. Респираторниот синцицијален вирус кај нив може да доведе до сериозни респираторни потешкотии, посебно кај новороденчињата.

Што се однесува до грипот - се уште е рано. Институтот за јавно здравје по последниот извештај посочува дека се забележува зголемување на бројот на заболувања слични на грип, кој сè уште е под неделната граница за сезонска активност. Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца покажуваат дека нема активност на вирусот на грип во 7 од десет недели на надзор. Согласно овие податоци, во земјата има низок интензитет и спорадична активност на вирусот на грип.

Неговиот пик се очекува по новогодишните и божиќните празници. 

Вакцинација како превентива 

Мехмедовиќ вели дека на граѓаните на располагање им се околу 50 илјади вакцини за Kовид-19, кои можат да се користат за прва и втора вакцина, но и како бустер вакцини за оние кои примиле две или повеќе дози. 

Според Министерството за здравство, повеќе од 3.600 деца се вакцинирани или им е закажан термин за вакцинација во кампањата „Од врата до врата“. Во кампањата изминатиот период 30 медицински тимови посетиле 221 рурално место и 79 урбани населени места. Медицинските тимови, за месец и половина, посетиле вкупно 3.867 домови во кои има невакцинирани лица или лица заинтересирани за вакцинација.Вакцинирани се и 2. 630 граѓани над 65 годишна возраст и против сезонски грип, а за нив е обезбедена и бивалентна ревакцина за Ковид-19.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми