Роберт Редфорд беше еден од великаните на Холивуд
17 септември 2025
Роберт Редфорд почина на 16 септември, на 89-годишна возраст, во својот дом во Санденс, Јута, „на местото што го сакаше, опкружен со луѓето што ги сакаше“, напиша агенцијата на Редфорд во соопштение за медиумите. „Ќе ни недостига многу. Семејството моли за приватност“.
Роберт Редфорд стана холивудска легенда во филмови како „Буч Касиди и Санденс Кид“, „Бодеж“, „Моја Африка“ и „Шепотот на коњите“. Филмска ѕвезда или не, тој секогаш беше поврзан со природата на домот што сам го избра - американската сојузна држава Јута.
„Другите имаат психоанализа, јас ја имам Јута“, одговорил еднаш Роберт Редфорд кога го прашале како преживеал во бруталниот холивудски бизнис. Овој цитат циркулира со години. Во секој случај, тој е веродостоен, бидејќи актерската ѕвезда имаше многу врски со американската сојузна држава. Тој живееше таму со децении - заедно со својата втора сопруга, германската сликарка Сибил Сагарс.
Син на млекар – во близина на Холивуд
Редфорд е роден во Калифорнија, на 18 август 1936 година, во Санта Моника, округ Лос Анџелес – географски блиску до Холивуд, но во исто време и многу далеку. Тој пораснал во скромни околности како син на млекар. Прераната смрт на неговата мајка во 1955 година го исфрлила младиот Роберт „од шините“ и го однесла директно во прегратка на алкохолот, чинејќи го стипендијата за колеџ што ја заработил преку своите бејзбол настапи.
Редфорд прво работел на калифорниските нафтени полиња, а потоа отпатувал во Европа за да фрли поглед на различни уметнички академии. Дури и кратко работел како уличен сликар во Фиренца.
Пробив како бандит
Враќајќи се во САД, по дебито во театарот на Бродвеј и споредните ТВ-улоги, тој за првпат се појави на големото платно во филмот за Корејската војна „Зад непријателските линии“. Во киното се етаблираше првпат во 1967 година со „Бос во паркот“, во кој глумеше заедно со Џејн Фонда. Со Фонда сними четири филма. За нивната речиси 50-годишна соработка, двајцата го добија почесниот лав на Филмскиот фестивал во Венеција во 2017 година.
Тажна од веста за неговата смрт, Џејн Фонда вели: „Не можам да престанам да плачам. Тој ми значеше многу и беше прекрасен човек во секој поглед. Тој се залагаше за Америка за која мора да продолжиме да се бориме“.
Во 1969 година, со филмот „Буч Касиди и Санденс Кид“, се роди ѕвездата на вестернот Роберт Редфорд. Во 1972 година, тој ја играше главната улога во вестерн епот на Сидни Полак „Џеремаја Џонсон“. Снимањето се одвиваше, меѓу другото, и на ранчот на Редфорд во Јута. Тој во гангстерската комедија „Бодеж“ (1973), како и во „Буч Касиди и Санденс Кид“, глумеше заедно со Пол Њумен. Филмот беше собра многу Оскари и беше хит на кино благајните.
Либералниот левичар Редфорд потоа се сврте кон политичкото кино, појавувајќи се во „Три дена на Кондорот“ во 1975 година и како истражувачки новинар во филмот од 1976 година за скандалот Вотергејт, „Сите луѓе на претседателот“.
Роберт Редфорд и Сидни Полак како дрим-тим
Редфорд постојано соработуваше со режисерот Сидни Полак, кој режираше бројни негови филмови, вклучувајќи го и романтичниот еп „Моја Африка“ (1985).
Ситуацијата беше поинаква во 1998 година со „Шепотот на коњите“. Тука, Редфорд не само што ја играше главната улога, туку и режираше. Филмот наиде на многу млак прием од критичарите. Редфорд неколкупати потоа објави дека ќе се пензионира од глумата.
Во 2014 година, Роберт Редфорд се појави во суперхеројскиот универзум на Марвел „Одмаздници“ (Avengers) - како антагонист на Капетан Америка во „Капетан Америка: Враќањето на првиот одмаздник“. Неговата последна голема актерска улога беше во „Старецот и пиштолот“ од 2018 година. Неговото последно - иако кратко - појавување пред камерата пред официјалното пензионирање беше во „Одмаздници: Завршна игра“ од 2019 година.
Екологист и промотор на филмска уметност
Роберт Редфорд беше исто така посветен поддржувач на независниот филм. Во 1981 година, тој го основа Институтот Санденс за поддршка на независната филмска продукција и филмаџии. Од тоа произлезе Филмскиот фестивал Санденс, кој многу инди-продукции ги направи достапни за пошироката публика и со тоа ги направи успешни. Неодамна таков беше случајот со документарецот од 2022 година за рускиот опозициски лидер Алексеј Навални и филмот од 2023 година „20 дена во Мариупол“, кој ја документираше суровоста на украинската војна.
Роберт Редфорд беше исто така страствен заштитник на животната средина. Тој ја искористи својата слава за да сврти внимание кон климатските промени, истребувањето на видовите и одговорноста на политичарите. Редфорд ги поддржуваше иницијативите за обновлива енергија, зборуваше во Обединетите нации за климатската криза и беше еден од најпознатите застапници за зачувување на американската дивина.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик