Излез од едногласноста: Како ЕУ ја заобиколува Унгарија?
24 септември 2025
Напуштање на просторија за „пауза за кафе“, комплицирани правни конструкции за користење на приходите од камати од замрзнатите руски средства и завршни изјави на шефовите на држави и влади без унгарскиот премиер Виктор Орбан - ваквите примери покажуваат како ЕУ мораше да донесе некои одлуки без Унгарија или да ја заобиколи Унгарија.
Сепак, ова станува сè потешко во надворешната и безбедносната политика. Пакетите санкции против Русија, на пример, од кои 19-тиот е во преговори, мора да бидат одобрени од сите земји-членки. И во даночната политика, или кога станува збор за прием на нови членки на ЕУ, една држава може да го искористи своето вето за да спречи каква било одлука.
Ова „не е морално за осуда“, вели за ДВ Николај фон Ондарца од фондацијата Наука и политика (СВП). Впрочем, кога станува збор за вакви прашања се работи за „основни области на национален суверенитет“. А државите не сакаат да бидат надгласани кога станува збор за сопствените интереси, објаснува политикологот, кој во СВП ја предводи истражувачката група за ЕУ. Во Германија, ова е случај, на пример, со политиката на ЕУ кон Израел.
Фон Ондарца смета дека е проблематично тоа што на Унгарија честопати не ѝ е до самото прашање. Земјата го користи своето право на вето за да ги „уценува“ земјите-членки за други прашања.
Во жаргонот на ЕУ, ова се нарекува „тактичко вето“. Орбан особено често ја попречува политиката на ЕУ кон Украина. На пример, неисплатени остануваат приближно 6,6 милијарди евра помош за Украина од Европскиот мировен фонд. Земјата, исто така, се спротивставува на евентуалното пристапување на Украина во ЕУ. Унгарија, меѓу другото, го наведува стравот дека ова би можело да ја вовлече ЕУ во војна со Русија. Сепак, владата на Орбан на крајот ги одобри сите 18 пакети санкции против Русија донесени досега.
Ретко се случува и други земји-членки да ја користат оваа тактика, вели политикологот Фон Ондарца. На пример, Кипар ги блокираше санкциите против Белорусија во 2021 година со цел да постигне построги мерки против Турција.
Министрите за надворешни работи сакаат да разговараат за методите на работа
ЕУ има уставен проблем, изјави данскиот министер за надворешни работи Ларс Расмусен на неодамнешниот неформален состанок во Копенхаген: „Најбавниот брод во конвојот ја одредува брзината. И треба да најдеме начини за пробивање на позицијата на мнозинството во Европа“. Затоа, ЕУ треба да бара „иновативни решенија“.
Сепак, на состанокот на крајот на август не се дискутираше како би можеле да изгледаат ваквите методи на работа. Ова „дефинитивно“ треба да се случи во наредните месеци, изјави шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас. Тоа за ЕУ е „прашање на кредибилитет“.
„Групата на пријатели“ сака помалку едногласност
Во 2023 година, на германска иницијатива, е основана „Групата на пријатели за подобрено донесување одлуки во областа на заедничката надворешна и безбедносна политика“. Според Советот на ЕУ, во групата се веќе дванаесет држави. Покрај Германија, тоа се Белгија, Данска, Финска, Франција, Италија, Луксембург, Холандија, Романија, Словенија, Шпанија и Шведска.
„Групата на пријатели“, на пример, предложи одлуките за санкции, декларациите за прашања поврзани со човековите права или распоредувањето цивилни мисии да се одлучуваат со квалификувано мнозинство. Ова се постигнува кога се согласни најмалку 15 земји-членки, кои претставуваат најмалку 65 проценти од населението на ЕУ. Исто така, треба да постои еден вид сигурносна мрежа за основните национални интереси на земјите-членки. Сепак, ваквите предлози би требало да бидат одобрени од сите 27 шефови на држави и влади на ЕУ.
Според дипломат од ЕУ, некои држави во оваа група сакаат да ги прошират дебатите за да ја вклучат даночната политика со цел и таму да се олабави принципот на едногласност. Во своето обраќање за состојбата на ЕУ на почетокот на септември, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така, се залагаше за реформирање на процесите на донесување одлуки за да се избегне застој. Во некои области, таа повика ЕУ да се ослободи од „оковите на едногласноста“ меѓу 27-те земји-членки.
Промена на договорот е можна, но малку веројатна
Друга можност за слабеење на принципот на едногласност во ЕУ е промена на договорите на ЕУ, на пример во контекст на прием на нова земја-членка, вели Фон Ондарца. И за ова би била потребна согласност од сите 27 земји-членки. Политикологот во моментов смета дека таквата согласност е „политички неверојатна“.
Меѓутоа, ако земјите-членки дополнително ја прошират својата група пријатели, тие би можеле да извршат поголем притисок врз преостанатите држави за подоцна да се постигне носење одлуки со квалификувано мнозинство. Сепак, според Фон Ондарца, на Унгарија веројатно ќе мора да ѝ се плати многу висока цена во иднина за таа да се откаже од овој моќен адут за преговарање.
И во Брисел, групата пријатели се смета за средство за вршење притисок, изјави дипломат на ЕУ за ДВ. Унгарија, додава тој, станува сè поизолирана. ЕК во моментов работи на план за користење на замрзнатите руски средства за обнова на Украина. Како што објави новинската агенција Ројтерс, Комисијата бара начини да го заобиколи унгарското вето уште од самиот почеток.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик