1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаДанска

Данската Државна пошта ја прекинува доставата на писма

ЖА / агенции
30 декември 2025

Поштенските марки веќе не се продаваа во Данска, а денеска завршува и доставата - барем преку државната компанија ПостНорд. Компанијата во иднина ќе се фокусира на пакети и ги демонтира своите поштенски сандачиња.

Крај на доставата на писма од ПостНорд и нивните поштенски сандачиња, Копенхаген, Данска
Според планот на државната компанија ПостНорд, денеска, 30 декември, е последниот ден кога ќе се доставуваат писмаФотографија: Steffen Trumpf/dpa/picture alliance

Данска ја прекинува јавната достава на писма со крајот од годината. Според планот на државната компанија ПостНорд, денеска, 30 декември, е последниот ден кога ќе се доставуваат писма. Поштенските марки не се продаваат веќе од 18 декември. Сите јавни поштенски сандачиња треба да се отстранат до крајот на годината.

„Данците  стануваат сè повеќе дигитални,  а она што порано се испраќаше како писмо сега огромното мнозинство го прима дигитално", соопшти ПостНорд. Од почетокот на милениумот, обемот на пошта во земјата е намален за повеќе од 90 проценти, а трендот на намалување продолжи. Многу од приближно 1.500 црвени поштенски сандачиња во земјата веќе се отстранети од летоска, сега се продаваат на аукција, на пример.

Данска се смета за пионер во  дигитализацијата.  Поголемиот дел од кореспонденцијата со јавните власти се одвива преку дигитални платформи. Исклучок се оние кои се ослободени од таканаречената дигитална пошта: ова вклучува приближно 300.000 од речиси шест милиони жители, меѓу кои и некои постари лица во руралните средини.

„Писмото продолжува да живее“

За овој потег речиси и да немаше поголеми критики. Додуша, здружението на постари граѓани Faglige Seniorer се пожали дека завршува една ера, но додадавајќи дека очекувале таков развој на настаните откако стапи на сила новиот поштенски закон на почетокот на 2024 година. Групата за рурални интереси „Landdistrikternes Fællesråd" побара писмата да продолжат да пристигнуваат во секој дел од земјата под исти услови. На данските граѓани сега првенствено за  испраќање и достава на писма им останува приватната компанија Дао.

ПостНорд, формиран во 2009 година преку спојување на данските и шведските поштенски служби, заработуваше сè помалку пари од достава на писма во последниве годинФотографија: Kristian Tuxen Ladegaard Berg/NurPhoto/picture alliance

Од Дао истакнаа дека инсталирале 1.500 поштенски сандачиња низ целата земја. И тие се црвени, но се наоѓаат во одредени продавници за пакети, а не на улица. Дао соопшти дека нема планови да се повлече од пазарот на писма како ПостНорд: „Писмото продолжува да живее“.

Во однос на точноста во доставата на писма, компанијата се покажа значително подобро од ПостНорд според студијата на Данскиот транспортен орган. Цената е исто така поповолна: стандардно писмо во Данска чинеше еквивалент на нешто помалку од 3,90 евра со ПостНорд, а околу 3,10 евра со Дао.

Секој што сака  да испрати писмо  или разгледница во странство - на пример, во Германија - неодамна плаќаше еквивалент на 6,70 евра со ПостНорд. Со Дао, тоа изнесува еквивалентно на нешто помалку од 6,20 евра, според сегашните проценки. Владата го ангажираше Дао за достава на писма од странство и во Данска, почнувајќи од јануари.

ПостНорд, формиран во 2009 година преку спојување на данските и шведските поштенски служби, заработуваше сè помалку пари од достава на писма во последниве години. Сега има намера првенствено да се фокусира на пакети. Компанијата ја најави својата намера да стане преферирана услуга за достава на пакети за данските потрошувачи кога пролетоска објави прекин на својата услуга за достава на писма и укинување на 1.500 работни места.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми