1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај за евтините пратки од Тему во Македонија

ДТЗ
9 октомври 2025

Владата со законски измени ќе го стопира освојувачкиот поход на популарните кинески онлајн трговци како Тему, чии производи ја преплавија и Македонија

Порачки од Тему
Крај за евтините порачки од Тему - за малите пратки до 22 евра ќе се плаќа ДДВФотографија: Philippe Turpin/Photononstop/picture alliance

Се надзира ли крај за евтините порачките од Тему и сличните кинески онлајн продавници во Македонија? Во Собранието на дневен ред за усвојување по локалните избори чека предлог-закон од Владата за измени на Законот за додадена вредност, со кој се планира да се укине ослободувањето од плаќање ДДВ за производите од странство во износ до 22 евра. Тоа ќе значи автоматско поскапување на сите нарачки за 18 проценти, колку што е стапката за ДДВ.

„Исто така се пропишува ослободување од плаќање данок на додадена вредност за добра пратени како мали пратки од некомерцијална вредност, од физичко лице на физичко лице, чија вредност не надминува 22 евра. Ослободувањето не се применува за алкохол и алкохолни пијалаци, парфеми и тоалетна вода и тутун и преработки од тутун“, се наведува во предлог-законот. Откако ќе помине, законот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“. 

Кој се ослободува од плаќање ДДВ? 

Во предлог-законот се наведува дека при увоз на добра од плаќање ДДВсе ослободуваат патници кои доаѓаат од странство, за предмети наменети за нивни лични потреби за време на патувањето во странство (личен багаж), а кои не подлежат на какви било важечки ограничувања или забрани.

Исто така се ослободуваат од екстра плаќање домашни патници, за други предмети со мала вредност покрај предметите од личниот багаж, кои ги внесуваат од странство, а кои не се од комерцијална природа. Ослободување има и за за лекови за лична употреба што патниците ги носат со себе или ги добиваат во пратки од странство, како и за лични предмети кои ги наследиле надвор од земјата. Ослободување од плаќање ДДВ има и по други основи. 

Пазарувањето од евтините онлајн продавници како Тему, Шејн, Али експрес доживува вистински бум во Европа, но и во Македонија. Анализите на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ неодамна покажаа дека во првата половина од 2025 година вредноста на вкупните трансакции направени кон е-продажни места од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички изнесува 456.3 милиони евра, што преставува пораст од 34.3% во однос на истиот период минатата година.

Секој ден, 12,6 милиони пакети се доставуваат без царинско одобрение, што е закана за трговците на мало во ЕУ оптоварени со повисоки трошоци за работна сила, синџир на снабдување и усогласеност. Фотографија: DW

Илјадници пратки дневно на домашна адреса

Македонците во странство направиле онлајн трансакции во вредност од 201,2 милиони евра односно 55,1 отсто пораст во однос на истиот период лани. Анализите посочуваат дека македонските граѓани прават голем број нарачки, но со помала вредност. Овој тренд најмногу се поврзува со појавата на Тему, кој за кратко време привлече голем број на купувачи со широка понуда, ниски цени и бесплатна достава дури и за најмали нарачки.

Царинската управа неодамна информираше дека во септември остварила наплата на приходи од 179,5 милиони евра, што претставува раст од 7,5% или 12,5 милиони евра повеќе во споредба со истиот период лани. Најголем раст е забележан во наплатата на приходи од царина (+13,4%), следи ДДВ (+8,7%), ДМВ (+6,9%) и акциза (+3,7%).

Само во јуни македонските граѓани нарачале 250 тони стока од Тему. Дури 95 тони од оваа стока се пратки со вредност до 22 евра и за нив не се платени никакви давачки. За остатокот, 153 тони, се платени давачки во износ од 678 илјади евра (41,7 милион денари), покажуваат податоците на Трговската комора при Сојузот на стопански комори.

Бизнис модел - како трн во око

Бизнис моделот на кинеските платформи за е-трговија „Тему“ и „Шејн“ веќе подолго време е трн во око и во САД и во Европа. Американскиот претседател, Доналд Трамп, го стесни протокот на нивната евтина стока во САД, ги затвори дупките во законот за бесцаринско тргување.

Слични мерки се „крчкаат“ и во Европа, откако во 2024 година, 4,6 милијарди пакети со ниска вредност го преплавија пазарот на ЕУ - двојно повеќе отколку во 2023 година и трипати повеќе во 2022 година. Притоа 91 процент од овие пратки доаѓаат од Кина.

Секој ден, 12,6 милиони пакети се доставуваат без царинско одобрение, што е закана за трговците на мало во ЕУ оптоварени со повисоки трошоци за работна сила, синџир на снабдување и усогласеност. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми