Кравите во Крива Паланка – проблем што ескалира
27 февруари 2026
Кравите кои со години лутаат низ Крива Паланка и предизвикуваат штети на земјоделските поседи и во околните села, станаа ударна тема во Македонија. Проблемот, за кој со децении не се наоѓа решение, предизвика протести на локалното население и отвори жестока расправа меѓу Општината и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), кои си ја префрлаат одговорноста.
Протести и реакции од жителите
Во четвртокот (26.02), жителите на селата Трново, Добровница, Узем, Кркља, Варовиште, Дрење и Станци одржаа мирен протест пред Општина Крива Паланка. Бараа трајно решение за неконтролираното движење на крупниот добиток. На протестот присуствуваше и градоначалникот Сашко Митовски.
Граѓаните посочија дека со години трпат значителни штети на посеви, ниви, дворови и помошни објекти, а велат дека е загрозена и безбедноста во сообраќајот. Дел од нив тврдат дека биле изложени и на закани од сопствениците на животните.
Според локалното население, проблемот трае повеќе од 15 години, а бараат решение што ќе ги заштити и нивните имоти и самиот добиток.
Приведување и институционални конфликти
Еден ден пред протестот, МВР информираше дека е приведена 27-годишна жена од село Жидилово, која спречувала службени лица од АХВ да спроведат мерки за одземање добиток. Според медиумите, станува збор за ќерката на сопственикот на кравите. И во декември случајот беше присутен во медиумите, кои известуваа дека татко и неговите две ќерки спречиле инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство, со правосилно решение да одземат крупен добиток.
По последните случувања, се отвори јавно несогласување околу надлежностите. Градоначалникот Митовски за „Призма“ изјави дека Општината нема законски надлежности за постапување.
Од АХВ остро му возвратија, тврдејќи дека согласно Законот за јавна чистота, општините се надлежни за контрола на чувањето и напасувањето на крупниот добиток на јавни површини. „Ако сакаше, Митовски можеше да го реши проблемот и досега“, наведе АХВ во реакцијата.
Во неа се додава: „Говедата ниту се размножија во толку голем број за година и половина, ниту може инстантно да се соберат, во услови кога со Агенцијата не соработува Општината која е подеднакво одговорна за решавање на проблемот“.
АХВ: Проблемот не може да се реши „инстантно“
Од Агенцијата посочуваат дека говедата не може веднаш да се соберат, особено ако, како што тврдат, Општината одбива да соработува. АХВ инсистира дека е потребно заедничко дејствување за да се заштитат имотите на жителите во засегнатите села.
Истражување на БИРН од декември покажа дека државата формално ги одзела животните од сточарот и неговите три ќерки уште пред една и пол година, по измените на Законот за благосостојба на животните. Но на терен, ситуацијата е непроменета – кравите и понатаму лутаат без надзор.