1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаШвајцарија

Зошто Кредит Свис се соочува со проблеми?

17 март 2023

Швајцарската банка Кредит Свис позајми 50 милијарди франци од националната банка. Веста ги смири светските финансиски пазари.

Schweiz | Credit Suisse in Genf
Фотографија: Fabrice Coffrini/AFP/Getty Images

Кредит Свис презема „одлучувачки мерки“ за јакнење на својата ликвидност и за таа цел ќе позајми до 50 милијарди швајцарски франци од Швајцарската национална банка (СНБ), објави менаџментот на банката. Исто така, беше истакнато дека овој кредит е целосно обезбеден со првокласни вредности на имотот. Покрај тоа, банката понудила да издаде документи за готовинска уплата до три милијарди франци.

Најавените мерки дојдоа откако Швајцарската агенција за финансиски надзор вети помош на Кредит Свис за зачувување на ликвидноста, бидејќи вредноста на акциите на банката падна за 30 отсто во средата (15 март). На овој начин, Кредит Свис стана првата глобално систематски релевантна банка која доби ваква помош по големата финансиска криза.

Само неколку часа откако беше објавено дека Кредит Свис ќе позајми пари,вредноста на акциите на банката повторно порасна. Прво скокна на речиси 33 отсто, а потоа се стабилизираше на плус 18 отсто. 

Банка на богати клиенти 

Кредит Свис е глобална швајцарска банка и една од најголемите банки во светот. Таа е особено позната по тоа што води бизнис со многу богати клиенти. Банката е основана во 19 век и игра голема улога во швајцарската економија, но и во глобалниот финансиски систем. Во последниве години, сепак, таа изгуби прилично од својот углед поради разни скандали и загуби.

Покрај тоа, Кредит Свис моментално се наоѓа во средината на опсежно реструктуирање кое чини милијарди и вклучува елиминација на 9.000 работни места. Во иднина, банката сака да се фокусира првенствено на водење бизнис со милионери и милијардери и повеќе нема намера да се занимава со ризично инвестициско банкарство.

Швајцарската народна банка и агенцијата за супервизија на финансискиот пазар Финма претходно во заедничка изјава објавија дека Кредит Свис ги исполнува сите барања за систематски релевантни банки во однос на капиталот и ликвидноста. Се посочува и дека засега нема индиции дека проблемите на американските банки би можеле да ги погодат и швајцарските. 

Некогаш горда институција: седиштето на Кредит Свис во ЦирихФотографија: picture alliance/KEYSTONE

Падот на вредноста предизвика загриженост ширум светот 

Колапсот на неколку регионални американски банки во последните денови предизвика неизвесност во банкарскиот сектор. Ова особено влијаеше на Кредит Свис, која и онака беше нестабилна.

Инвеститорите почнаа да се повлекуваат и затоа што во средата (15 март), голем саудиски акционер, Саудиската национална банка, објави дека не може да и стави на располагање на швајцарската банка дополнителни финансиски средства. Кредит Свис забележа загуба од 7,3 милијарди франци минатата година, а клиентите во тој период повлекоа влогови во вредност од 123 милијарди франци.

Драматичниот пад на вредноста на акциите на таа банка, која е втора по големина во Швајцарија, предизвика и пад на хартиите од вредност на другите европски банки. Индексот на банкарскиот сектор Stoxx Europe 600 Banks падна за 6,9 отсто. Во Германија акциите на Комерцбанка изгубија 8,7 отсто - но денес тие вредности повторно се опоравија.

Финансиските надзорни агенции ширум светот, владите и другите финансиски институции се обидуваат да ги проценат ризиците. Некои влади зад сцената побараа од Швајцарија да ги преземе неопходните мерки - што потоа беше сторено. „Финма и СНБ детално го следат развојот и се во близок контакт со Министерството за финансии за да се обезбеди финансиска стабилност“, се вели во соопштението на двете институции. 

Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер уверува дека германските финансиски институции се стабилнФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Германски министер: кредитните институции се „стабилни“

Експертите сметаат дека кризата на голема швајцарска банка ги надминува националните граници. Тие велат дека нејзината релевантност е значително поголема од онаа на средните американски банки кои претходно банкротираа. Кредит Свис е премногу голема и премногу вмрежена во глобалниот финансиски свет за да дозволи нејзино пропаѓање. Неликвидноста на таа банка би имала катастрофални последици за светскиот финансиски систем и би повлекла многу други банки. Затоа, акциите на швајцарската национална банка за спас се целосно оправдани, се согласуваат експертите.

Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер изјави: „Имаме способен финансиски надзор, а имаме и национална банка со традиција на политика на стабилност. Затоа можеме многу јасно да кажеме: германските кредитни институции - приватни банки, штедилници, кооперативни институти - се стабилни. Ќе се погрижиме тоа да остане така“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми