1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бектеши: Македонија има најевтина храна во регионот

ДТЗ
8 мај 2023

Министерот за економија Бектеши вели дека владините мерки вродиле со плод - инфлацијата во април се намалила на 13 проценти, што го потврдуваат и податоците на Државниот завод за статистика

Крешник Бектеши, министер за економија
Според Крешник Бектеши, Македонија има најевтина храна и гориво во регионотФотографија: Wirtschaftsministerium Nord-Mazedonien

Северна Македонија е најевтина земја во регионот во делот на цените на прехранбени производи и нафтени деривати, вели министерот за економија, Крешник Бектеши. По најновите статистики податоци коишто ги објави Државниот завод за статистика, за движењето на цените и трошоците за живот во споредба со лани, Бектеши на прес-конференција во Владата порача дека „треба да бидеме горди“, бидејќи мерките да се зауда инфлацијата вродиле со плод. 

„Имаме намалување на инфлацијата во април на 13 проценти и ако се споредува со тоа колку беше во октомври, кога и почна поголемиот удар во делот на цените, ќе приметиме дека имаме речиси 7% намалување на инфлацијата во државата“, вели Бектеши.  Тој смета дека трендот на намалување на инфлацијата ќе продолжи, а ако не се случи нешто непредвидливо, очекува во јуни таа да биде под пет отсто. 

„Иако од октомври до март, разликата меѓу месеците во делот на трошоците за живот на цени на мало, посебно на храната и безалкохолните пијалоци се одвиваше од околу два отсто, само споредбено од март и април оваа година, имаме речиси повеќе од двојно намалување споредбено со другите месеци. Имаме намалување само за еден месец од 5,2 отсто во делот на трошоците на живот на мало за храна и безалкохолни пијалоци“, вели Бектеши.

Само од октомври 2022 до крајот на април годинава забележано е намалување на цените на прехранбени производи со 14,7 отсто, што според министерот, е поголемо намалување од зголемувањето на платите во овој период во државата. 

Само од октомври 2022 до крајот на април годинава забележано е намалување на цените на прехранбени производи со 14,7 отстоФотографија: DW/K. Delimitov

Простор за корекции кај нафтените деривати 

Бектеши вели дека цените на суровините и цените на енергенсите се на ниво на кое можат дополнително да се намалуваат. Владата почнува процес на консултации за дизајнирање на нови мерки со цел да им излезе во пресрет на најранливите категории на граѓани

„Иако цените на дериватите се утврдуваат на берза, владата има простор процентуално да влијае на цените, посебно во делот на фискалните политики, каде што влегуваат акцизите, ДДВ-то, и другите царински давачки. Имаме простор да донесуваме вакви одлуки за да ги амортизираме високите цени“, рече Бектеши.

Во изминатиот период рапидно е намалена цената на дизелот и на другите нафтени деривати, поради што министерот смета дека е логично да има намалување во делот на цените за транспорт. 

Што вели статистиката 

Според Државниот завод за статистика, намалување на индексите на трошоците на животот во април 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај маслото и маснотиите за 6.5 %, овошјето за 3.2 %, млекото за 3.4 %, сирењето и урдата, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 1.5 %, лебот и житата, прехранбените производи за 0.4 % и пивото за 0.3 %.

Пораст на индексите на трошоците на животот во април 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај цигарите за 8.1 %, зеленчукот, освен компирите и другите коренести плодови за 2.0 %, месото за 1.4 %, виното за 1.2 %, кафето, чајот, какаото за 0.5 %, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук, жестоките пијалаци за 0.4 %, рибата и морските плодови за 0.2 %. Индексот на трошоците на животот во април 2023 година, во однос на април 2022 година, бележи зголемување од 13.0 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 10.1 %.  

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми