1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Критичната инфраструктура на маргините

29 јули 2026

За жал кај нас се поважни заштитните мерки за мандатите, апанажите и привилегиите на сегашните и бивши функционери, наместо да ги заштитат со закон критичните објекти за функционирањето на државата.

Скандалот со гостиварскиот водовод, кој деновиве ја преокупира јавноста го покажува степенот на загрозеност на критичната инфраструктураФотографија: SVR Tetovo

Што беше тоа критична инфраструктура? Добро прашање за политичарите. Да се обложиме дека повеќе од половината од нив не знаат да го одговорат. Самата тема е и на маргините на општеството, политиката и безбедноста. Овој заклучок неминовно се наметна по случувањата во Гостивар кога се виде дека секој што сака може да се приближи на самиот извор од каде почнуваат цевките на водоводот преку кој водата стигнува до чешмите и домаќинствата на гостиварчани.

Уште не стивната аферата со гостиварскиот водовод во Скопје се случи кражба. И тоа несекојдневна кражба при што во електровлечната подстаница Драчево, лоцирана помеѓу железничките станици Лисиче и Драчево беше целосно уништена дел од електроенергетската опрема на железничката инфраструктура. При кражбата биле насилно превртени два големи електроенергетски трансформатори, секој со тежина од над 30 тони. Од трансформаторите било испуштено и истурено трансформаторското масло, додека бакарните намотки и другите вредни компоненти биле целосно отстранети и украдени. Од подстаницата се украдени бакарни жици, бакарни шини и прачки, како и практично сите уреди и елементи неопходни за нејзиното функционирање.

И ова се објекти кои припаѓаат на критичната инфраструктура во државата, па прашањето е како тие се толку лесно достапни за (зло)намерници. Дури и кражбата да ја сториле лица кои се вработени или на некој друг начин искусни во таа област, повторно треба да се замислиме како и тие можеле со таква леснотија да го остварат својот план. Каде се камерите за надзор, каде се чуварите. За таква кражба е потребна цела ноќ за да се изведе, а потребно е и големо стручно знаење. Значи објектот бил толку незаштитен што буквално самиот им помагал на крадците да го извршат делото.

Изминатите години имаше и бројни случаи на намерно палење на шумите со цел да се „разгори“ бизнисот со бесправна сеча и продажба на овој скапоцен материјал. Шумите се белите дробови на планетата, па иако тие формално не се сметаат за критична инфраструктура, го заслужуваат целото внимание од државата. Но со сета технолошка предност што сега ја има на располагање човештвото, дроновите, пироманите беснеат напоредно со пожарите.

Дебати има закон нема

Секоја држава има своја критична инфраструктура, односно системи кои се неопходни  за општественото функционирање – водоснабдување, производство и снабдување со храна, важни патни коридори. За тоа се поставува и соодветна законска регулатива на која се базираат безбедносните мерки што се преземаат за заштита на критичните објекти.

Но од необјасниви причини, иако Законот за критична инфраструктура се пишува од поодамна, сѐ уште не е донесен. Последна активност за тоа прашање имаше на почетокот на доаѓањето на владата на премиерот Мицкоски кога пратеник од СДСМ праша зошто е одложено донесувањето на законот кога тој е веќе готов. Одговорот на министерот за одбрана Владо Мисајловски беше дека при анализата на напишаниот текст на законот биле идентификувани пропусти и дека истиот треба да се доработи преку организирање јавни дебати со домашни и со меѓународни институции. И оттогаш – штама. 

Десетици илјади Гостиварчани деновиве живеат во агонија. Затоа што животот без вода е живот во агонија.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Пребарувањето на интернет покажува дека имало дебатите во земјава за критичната инфраструктура, а се интензивирале со влезот во НАТО. Меѓутоа оваа област остана нерегулирана иако е дел од правната и безбедносна архитектура на секоја држава.

Обврската за донесувањето посебен закон за заштита на критичната инфраструктура е  дел и од Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот, кој во октомври 2019 година земјава го потпиша со Европската комисија и со кој презеде обврска да изготви и донесе таков закон. Експертите предупредуваат дека денешните форми на тероризам вклучуваат токму суптилни напади врз важни објекти. Цел на терористичките акции во најчест случај е оневозможувањето или уништувањето на витални објекти на државите или критичната инфраструктура, а тоа се телекомуникациите, системите за производство на електрична енергија, системите за складирање и транспорт на гас и нафта, банкарството и финансиите, транспортот на патници, снабдувањето и дистрибуцијата на енергија и вода, и службите за итна помош (медицинска, полициска, пожарникарска).

Агонијата на Гостивар

Загрозувањето на оваа инфраструктура ја оневозможува одбраната, ја загрозува безбедноста и здравјето на луѓето, ја уништува економијата и го прекинува нормалното функционирање на општеството. Мислам дека она што се случи во Гостивар а и кражбата во Скопје беа со таков потенцијал или имаа токму такви ефекти, иако е претерано да се наречат терористички чинови. Факт е дека еден град со околните населени места кои според последниот попис имаат околу 83 илјади жители, веќе втора седмица ако не и повеќе живее во агонија. Затоа што животот без вода е живот во агонија.

Во светот во кој живееме посебно се актуелни модерните закани како што се нападите со дронови и сајбер нападите, кои станаа реалност и ја таргетираат критичната инфраструктура, така што е потребна и физичка и дигитална заштита. Притоа сериозни закани се и климатските промени, како поплави, земјотреси и други природни непогоди. Една таква непогода му се случи пред неколку денови на Скопје и не е исклучено ветер од таков вид во иднина да резултира и со многу потешки последици за функционирањето на главниот град. Тоа не се состојби предизвикани од човек но треба да има закон за критична инфраструктура што ќе ги обврзе одговорните да преземат мерки за зголемување на физичката отпорност на виталните објекти од временски непогоди.

За жал во Северна Македонија во законите повеќе се инкорпорираат заштитни мерки за политиката, мандатите во институциите, привилегиите на сегашни и бивши функционери како што се службени аута и телохранители за физичко обезбедување, наместо да се заштити со закон безбедноста на тоа што значи непречено функционирање на државата и граѓаните.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми