Меланија Трамп претседаваше со Советот за безбедност на ОН
3 март 2026
Седницата на Советот за безбедност на ОН се одржа во Њујорк - за првпат под водство на една прва дама на САД. Меланија Трамп ја водеше седницата на која се дискутираше за децата, технологијата и образованието во конфликти. Соединетите Американски Држави овој месец го презедоа ротирачкото претседателство со најважното тело на ОН, што вклучува и претседавање со седниците. Ова обично го прават амбасадорите во ОН или претставници на владите на земјите членки на ова 15 члено тело. Сопругата на американскиот претседател ретко настапува политички. Сега 55-годишната прва дама се обрати до светската јавност. Во таа пригода рече: „Општествата кои се водени од знаење и мудрост се помирни“. Таа, исто така, нагласи дека САД се со децата ширум светот. „Се надевам дека мирот наскоро ќе биде ваш“, рече таа, не осврнувајќи се на нападите на Блискиот Исток.
Иран ги критикува САД
Нејзиниот настап доби и поддршка и осуда, амбасадорот на Иран во ОН, Амир Саид Иравани, го нарече нејзиниот ангажман „срамен и лицемерен“. Пред седницата, тој го критикуваше фактот дека САД „свикаа сесија на високо ниво за заштита на децата на првиот ден од претседателствувањето со Советот за безбедност“. САД и Израел започнаа голем напад врз Иран во саботата. Според извештаите на иранските државни медиуми, погодено е и женско училиште на југот од земјата. Наводно, загинале најмалку 165 лица, а десетици се повредени.
Израелската армија соопшти дека нема информации за напади во областа. Американскиот државен секретар Марко Рубио ги отфрли обвинувањата и рече дека САД никогаш намерно нема да нападнат училиште.
Настапот на Меланија оценет како „охрабрувачки“
Францускиот амбасадор Жером Бонафон ѝ упати многу пољубезни зборови. Тој ја спореди Меланија Трамп со познатата поранешна прва дама и активистка Елеонор Рузвелт и го оцени нејзиниот настап како „охрабрувачки“. ОН, исто така, го поздравија фактот дека таа претседаваше со седницата. Тоа е знак на почит од страна на САД кон Советот за безбедност, изјави портпаролот на генералниот секретар Антонио Гутереш пред нејзиното обраќање.
Првата дама во голема мерка се повлече од јавниот живот за време на претседателствувањето на нејзиниот сопруг, американскиот претседател Доналд Трамп. Сепак, таа постојано се залага за правата на децата. На пример, во 2025 година таа му напиша писмо на рускиот претседател Владимир Путин барајќи враќање на украинските деца кои биле однесени во Русија за време на војната. Меланија Трамп ја заврши седницата во Њујорк со реченицата: „Ви посакувам на сите сила во зачувувањето на мирот во светот“.