1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Совет на Европа: Растечка нееднаквост во Германија

Лусиа Шултен
20 март 2024

Непропорционална сиромаштија, недоволна вклученост на лицата со попреченост, премалку детски права, зголемена дискриминација - комесарката на Советот на Европа ја обвинува Германија за недостатоци во човековите права.

Седиштето на Советот на Европа во Стразбур
Седиштето на Советот на Европа во Стразбур, ФранцијаФотографија: uncil Daniel Kalker/picture alliance

Комесарката Дуња Мијатовиќ на крајот на минатата година помина пет дена во Германија за да се стекне со претстава за состојбата со човековите права. Во вторникот, комесарката за човекови права на Советот на Европа, институција за заштита на човековите права од Стразбур, го презентираше својот извештај. Таа гледа потреба од корекции во некои области. 

Социјални права, сиромаштија и недостиг од станови 

Иако преземените чекори од германската влада за да го направи социјалниот систем попристапен, треба да бидат поздравени, Мијатовиќ смета дека се неопходни дополнителни напори. Таа особено го критикува фактот што високото ниво на сиромаштија е непропорционално со просперитетот на земјата. Децата, постарите лица и лицата со попреченост се особено погодени од сиромаштијата. Мијатовиќ ги повикува државните актери на поголема соработка и предупредува дека оние кои имаат право на бенефиции мора побрзо да бидат информирани за нивните права. Таа е загрижена и за зголемениот број на бездомници - што бара стратегија заснована на човекови права. 

Посебно загрозена категорија се бездомниците Фотографија: Florian Gaertner/photothek/IMAGO

Правата на децата и лицата со посебни потреби 

Иако Германија сака да ги зајакне правата на децата,  во практиката има мал напредок. Во извештајот со жалење се констатира дека службите не знаат дека треба да ја стават  благосостојбата на детето  во центарот на нивните одлуки. Комесарката за човекови права, исто така, го критикува недостатокот на централна служба која може да ги координира и промовира правата на децата на сите нивоа и повикува на понезависни тела за жалби.

Мијатовиќ во својот извештај вели дека има мал напредок и за правата на лицата со попреченост. Иако структурите за снабдување се финансиски добро опремени, тие не се инклузивни. Останува широко применет концептот на „заштитени простори“, како што се специјални училишта, работилници за инвалиди и посебни станбени објекти. Ова го отежнува постигнувањето самостоен живот на овие лица во заедницата. Мијатовиќ се жали на недостаток на посветеност и немање волја за промена на постоечките структури и ја повикува Германија да инвестира во интегративни структури и инклузија. 

Заштита од дискриминација 

И покрај релевантните бројки и и покрај експертските извештаи - на пример, во студија на Агенцијата за фундаментални права на ЕУ,  Германија е рангирана како најлоша од 13 земји на ЕУ  во дискриминација на луѓето од африканско потекло - Мијатовиќ смета дека фундаменталните стандарди за еднаквост и недискриминација и натаму се малку познати во Германија.

Дуња Мијатовиќ, комесарка за човекови права на Советот на ЕвропаФотографија: Armin Durgut/AP Photo/picture alliance

„Посебно внимание треба да се посвети на  растечката ксенофобија и расизам,  кои имаат потенцијал да ја поткопаат социјалната кохезија и  да ги дестабилизираат демократските институции“,  истакнува Мијатовиќ.

Таа посебно забележува дека нејзините соговорници во Германија се загрижени поради порастот на  десничарските екстремистички тенденции  во земјата. Иако законот за општата еднаквост генерално се смета за несоодветен, сè уште нема временски план за негово подобрување, се констатира во извештајот. 

Што вели Германија за ова? 

Овој извештај не е правно обврзувачки, но предизвикува дијалог меѓу сојузната влада на Германија и комесарката за човекови права на Советот на Европа. Сојузната влада суштински го поздрави извештајот и го гледа како важен придонес за размислување за состојбата со човековите права во Германија.

Меѓутоа, во некои области, Германија очигледно не сака да ги прифати критиките. На пример, сојузната влада наведува дека извештајот за социјалните права „во многу делови не кореспондира со политичката реалност“. Ова важи и за изјавите за лицата со попреченост. Сојузната влада смета дека констатациите за сиромаштијата се само делумно прифатливи.

Сојузната влада не смета дека е неопходна централна служба за правата на децата и посочува дека ќе има уште еден обид да се вкотват правата на децата во Уставот. Освен тоа, сојузната влада не го дели ставот дека нема напредок во спроведувањето на меѓународните стандарди за борба против расизмот, но признава дека „борбата против расизмот“ е „континуирана и долгорочна задача“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми