Критики за Трамп по наводниот напад на резиденција на Путин
31 декември 2025
Војната за иднината на Украина е и борба за размислувањето на американскиот претседател Доналд Трамп. И украинскиот претседател Володимир Зеленски и шефот на Кремљ, Владимир Путин го гледаат како последна инстанца.
По средбата со Трамп во Флорида пред неколку дена, Зеленски веројатно помислил дека постигнал поен – самитот помина без драма.
Но, потоа Путин се јави по телефон и во разговор со Трамп тврдел дека Украина со дронови нападнала една од неговите резиденции.
И веднаш Путин повторно беше во предност, бидејќи Трамп се налути: „Тоа не ми се допаѓа, тоа не е добро. Утрово дознав за тоа – знаете од кого? Од претседателот Путин! Тоа ме налути многу.“
На дополнително прашање, Трамп призна дека нема разузнавачки информации за наводниот напад.
Поранешен американски амбасадор во Киев: Путин лаже многу
Вилијам Тејлор на Си-Ен-Ен реагираше со неразбирање на изјавата на Трамп. Бидејќи е добро познато дека шефот на Кремљ лаже многу, рече поранешниот амбасадор во Киев.
„Кога Путин го окупираше Крим во 2014 година, рече: ‘Не, тоа не се руски војници! Немам поим чии се тие!’ Чиста лага. Кога Путин во 2022 беше пред инвазија на Украина, рече: ‘Никогаш не би влегле во Украина! Американците се само хистерични!’ И тоа беше лага. Ништо што ќе каже претседателот Путин не можете да го сметате за чиста вистина.“
Трамп и порано му верувал на Путин
Трамп повеќепати му верувал на Путин, предизвикувајќи неверување. Така беше и во 2018 година на самитот во Хелсинки.
Американските разузнавачки служби тогаш заклучија дека Русија се обидела да влијае на претседателските избори во САД во 2016-тата во корист на Трамп. Но Трамп пред светската јавност изјави дека тоа не е точно – бидејќи Путин му рекол дека не е точно.
Дон Бејкон, конгресмен од редовите на републиканците, смета дека е историска грешка што Трамп постојано изгледа како да застанува на страната на Русите во војната во Украина. „Тука има морална слепост, морална нејасност. Не го разбирам! Ова ќе влезе во историјата. Сакам Америка да биде на вистинската страна. Се надевам дека претседателот ќе сфати: Во оваа војна ќе влезе во историјата како Чемберлен, а не како Черчил.“
Американски амбасадор во НАТО: Нејасно дали нападот се случил
Од Белата куќа првично немаше јасен став за тоа како претседателот го оценува наводниот напад врз резиденцијата на Путин. Но потоа, американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витекер, на Фокс Бизнис го прекина молкот:
„Не е јасно дали (нападот) навистина се случил. Ми изгледа малку неумесно да се биде толку блиску до мировен договор – а Украина навистина сака да постигне мировен договор – и да се направи нешто што може да се смета за непромислено или неполезно.“
Амбасадорот не ризикуваше поголема дистанца од својот шеф. Бидејќи Трамп важи за злопамтило и бара апсолутна лојалност. Заклучокот на Витекер: „Ќе видиме што ќе кажат разузнавачките информации. За мене најважно е што ќе кажат американските и сојузничките разузнавачки служби дали овој напад навистина се случил.“
Автор на текстот: Карстен Кинтоп (АРД)