Пријава за Бислимоски поради наводни злоупотреби во РКЕ
29 јануари 2026
Финансиската полиција поднесе кривична пријава против Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), под сомнение за злоупотреба на службената положба.
Според институцијата, Бислимоски не постапил согласно законските одредби и навремено не ја одзел лиценцата на компанијата „Тритерол Петрол“ од Скопје, иако таа не ги исполнувала условите за трговија со нафта и горива. Наместо лиценцата да биде укината во јануари 2024 година, постапката била прекината со незаконско решение, а одземањето било извршено дури во април 2025 година.
„Пријавениот М.Б., во својство на претседател на РКЕ, ја злоупотребил службената положба спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценци. Иако бил должен да отпочне постапка за одземање на лиценцата за трговија на големо со сурова нафта, деривати, биогорива и транспортни горива, донел незаконско решение за прекин на постапката“, се вели во соопштението на Финансиската полиција.
Како резултат на тоа, компанијата продолжила да работи уште околу 15 месеци, учествувајќи во јавни набавки и склучувајќи договори без правна основа. Во овој период „Тритерол Петрол“ остварил промет над 3,15 милиони евра, а противправната корист се проценува на повеќе од 227.000 евра.
Компанијата е во сопственост на Љупчо Пецов. Станува збор за лице коешто е опфатено со истрагата во случајот „Синџир“.
Реакција од РКЕ: „Постапено е согласно Законот“
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и претседателот Марко Бислимоски соопштија дека се целосно отворени за соработка со сите институции со цел да се расчисти случајот објавен од Финансиската полиција.
Од Комисијата истакнуваат дека постапката за одземање на лиценцата на „Тритерол Петрол“ била спроведена во целост согласно Законот за енергетика и Правилникот за лиценци.
„Постапено е на ист начин и во исти рокови како и кај сите други компании баратели на лиценци“, стои во реакцијата.
Од РКЕ додаваат дека нема да коментираат дополнителни детали за да се овозможи институциите професионално да си ја завршат работата.
Што содржи случајот „Синџир“?
Случајот „Синџир“, отворен кон крајот на 2023 година, е една од најголемите истраги за организиран финансиски криминал во последната деценија. Според обвиненијата, 26 лица и 28 компании учествувале во шема за даночно затајување преку издавање фиктивни ДДВ-фактури. Со тоа бил оштетен државниот буџет за околу осум милиони евра.
Пецов е посочен како еден од организаторите на групата. Иако дел од обвинетите склучија спогодби со Обвинителството, постапката за Пецов беше блокирана поради неговото долгогодишно бегство. По речиси две години бегство, тој во декември им се предаде на органите на прогонот.
Пецов и претходните случаи: „Керозин“ и истраги за нафта
Случајот „Синџир“ е само еден од истражните процеси во кои Пецов се јавува како осомничен. Во 2014 година, тој беше осуден во случајот „Керозин“. Преку фирмата „Алма Комерц“ државниот буџет бил оштетен за речиси три милиони евра. Оштетени биле Владата, Царината, УЈП, повеќе министерства, општини и јавни установи.
Во 2023 година повторно се соочи со обвинение — овојпат за испорака на значително помали количини на нафта за греење за јавни установи во Штип.
Неговото име се споменуваше и во случајот со поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, кој беше уапсен поради поткуп. Во рамки на истрагата било утврдено дека лицето за кое Стафа требало да издејствува укинување на мерката притвор е Љупчо Пецов.