Криза со гориво во Русија: недостиг на бензин и високи цени
15 октомври 2025
Кризата со гориво во Русија, предизвикана од украински напади со дронови, се заострува. Рафинерија по рафинерија се затвораат заради поправки, а обемот на производство значително опаѓа. Цените на горивото, како последица на тоа, достигнаа рекордно ниво на берзите, а и на бензинските пумпи постојано растат, но не толку драматично бидејќи владата вештачки ги одржува пониски. Но, како и во советско време, регулирањето на цените доведува до недостиг на гориво.
Каква штета предизвикаа украинските дронови?
Според слободно достапните извори на податоци што ги анализираше ДВ, украински дронови во изминатите месеци погодија бројни рафинерии за нафта во Русија, меѓу кои Афипски, Илски и Славјанск во регионот Краснодар, како и постројки во Волгоград, Новокубишевск, Новошахтинск, Рјасан, Самара, Саратов, Сисран и Ухта. Речиси половината од рафинериите во Русија биле барем еднаш нападнати. Руските власти ги чуваат во тајност официјалните податоци за производството, па обемот на настанатата штета може само да се проценува врз основа на анонимни извештаи од инсајдери и експерти. Според истражувањата на Ројтерс и Економист, можно е до 20 проценти од капацитетите на рафинериите привремено да се вон употреба. Учесник на пазарот за рускиот весник Комерсант потврди слична проценка. Во септември недостасуваа околу 400 илјади тони бензин при вкупен обем од два милиони тони. Украинскиот претседател Володимир Зеленски,исто така наведе дека недостигот на бензин во Русија достигнал 20 проценти.
Зошто токму сега се појавува недостиг?
Кризата беше во најава уште кон средината на летото - дури и пред да се случат масовните прекини во работата на рафинериите. Неколку фактори се поврзани - сезонското зголемување на потребата, редовните одржувања во некои рафинерии и непланирани поправки во други. Освен тоа, нафтените концерни значително го зголемија својот извоз.
Кога недостигот доведе до пораст на цените до рекордно високи нивоа, властите воведоа привремена забрана за извоз. Тоа првично донесе олеснување на пазарот, но експерти во старт предупредуваа дека ефектот брзо ќе попушти, ако дојде до дополнителни попречувања - како што се масовни напади со дронови. А, токму тоа и се случи. Клучен фактор можеби е и променетата тактика на украинските вооружени сили. Тие постојано ги напаѓаат сѐ истите рафинерии и спречуваат да отпочнат со работа. Па така постројката во Рјасан, една од најголемите во земјата, беше најмалку шест пати мета на напади, а во Волгоград и Сисран четири пати. „Пред тоа, некаде во 2024 година, секоја рафинерија беше напаѓана само еднаш, така што штетата може да се поправи во рок од само неколку дена или недели“, објаснува Сергеј Вакуленко, експерт во Центарот за Евроазија и Русија „Карнеги“ во Берлин, во интервју за ДВ.
Форми на кризата
Руските производители се должни да продаваат најмалку 15 проценти од својот бензин на берзата. Цените таму се скокнати за повеќе од 40 проценти од почетокот на годината до сега. Истовремено државата домашниот пазар го одржува вештачки стабилен на начин што нафтените компании продаваат бензин на домашниот пазар по регулирани цени и добиваат надомест од државата за евентуални загуби. Освен тоа, антимонополската управа ги следи зголемувањата на цените и на 30 септември најави инспекции на бензинските пумпи во неколку региони. Според Ростат, малопродажните цени на бензинот се зголемиле за 8,36 проценти од почетокот на годината (заклучно со 24 септември). Тоа е двојно повисоко од општата стапка на инфлација, но сепак е умерено. Проблемот е што бензинските пумпи кои не се поврзани со нафтени компании и не купуваат гориво директно од нив, не добиваат никакви надоместоци од државата за порамнување. Тие мора бензинот да го купуваат на берзата, каде што цените се блиски до оние во трговијата.
Последици за бензинските пумпи
„Ова не е ниту колапс, ниту кошмар. Проблемите настануваат затоа што пазарот беше навикнат на ситуација во која бензинот генерално беше достапен во изобилие“, објаснува Сергеј Вакуленко и додава дека „има логистички проблеми бидејќи рафинерија по рафинерија се затвораат. Независните синџири на бензински пумпи се принудени да прекинат со набавката бидејќи бензинот на берзата е премногу скап за нив.“ Многу независни бензински пумпи затвораат за да избегнат загуби. Според агенцијата ОМТ Консалт, нивниот број меѓу 28 јули и 22 септември се намалил за околу 360 локации.
Тоа на почеток може да личи дека е малку, но во некои региони како Ростов, Мари Ел и Еврејскиот автономен округ и до 14 проценти од пумпите мораа да се затворат. На украинскиот полуостров Крим, анектиран од Русија, во меѓувреме половината бензински пумпи не работат. Според ОМТ Консалт, регионите на далечниот Исток се особено загрозени. Во други региони каде што сите бензински пумпи и натаму работат, залихите на бензин се ограничени.
Како реагира владата на ова?
Ембаргото за извоз на гориво првично важеше до крајот на август, но потоа беше продолжено до крајот на 2025 година. Русија во меѓувреме зачестено увезува бензин од Белорусија, но тоа малку го ублажува недостигот. Според весникот „Комерсант“, вицепремиерот Александар Новак предложил укинување на царините за увоз од Кина, Јужна Кореја и Сингапур за да се обезбеди снабдувањето од таму. Друга иницијатива предвидува да им се дозволи на производителите употреба на монометиланилин, додаток за зголемување на октаните што овозможува производство на бензин од суровини со понизок квалитет. Русија ја забрани неговата употреба во 2016 година, со што се усогласи со европските стандарди за емисии. Дали мерките ќе бидат ефикасни, останува да се види, особено затоа што продолжуваат нападите со беспилотни летала. Сергеј Вакуленко вели дека во некои рафинерии „веќе ништо не функционира“. На долг рок, руското раководство би можело да биде принудено да разгледа преќутен договор со Украина за меѓусебно откажување од напади врз енергетските постројки.