1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Криза во европската градина: Јагодите и борбата за вода

Ралф Шулце
29 април 2023

Одгледувањето јагоди за супермаркетите во Европа го уништува светски познатиот шпански национален парк Доњана. Едно од најголемите мочуришта во Европа е во опасност од пресушување.

Жетварка од Мароко бере јагоди во Палос де ла Фронтера во близина на Хуелва
Жетварка од Мароко бере јагоди во Палос де ла Фронтера во близина на ХуелваФотографија: Getty Images/AFP/C. Quicler

Тоа е катастрофа со најава: светски познатиот шпански национален парк Доњана, едно од најголемите мочуришта во Европа, е во опасност да пресуши. Природниот рај во јужна Шпанија, кој е под заштита на УНЕСКО, го уништуваат пред сè големите фарми со јагоди, наменети за европските потрошувачи.

Но, наместо да го заштити паркот Доњана и да преземе мерки против стотиците одгледувачи на јагоди кои без дозвола пумпаат подземни води во нивните полиња, конзервативната регионална влада на Андалузија сака да го легализира нелегалното одгледување. Европската комисија, меѓународните еколошки организации и прогресивната шпанска национална влада зборуваат за скандал.

„Ситуацијата е критична“, вели Елој Ревиља. 51-годишникот е шеф на станицата за биолошко истражување во националниот парк и најдобар познавач на ова загрозено царство на природата. Паркот од 1.200 квадратни километри е дом на диви коњи, царски орли, рисови, желки и милиони птици преселници.

Симбол на смртта

Ревиља со испружена рака покажува кон жолто-кафеавата степа опкружена со борови. Порано тоа беше лагуна, вели тој. Езеро во кое илјадници фламинга ловеле ракови, полжави и ларви од инсекти. Поради падот на нивото на подземните води таа лагуна денес е само исушена каллива пустина. Стана симбол на смртта на паркот Доњана. Ревиља вели дека 60 отсто од сите лагуни, кои се срцето на животот за видовите што живеат во националниот парк, се веќе исушени. Заедно со лагуните исчезнуваат и многу загрозени видови кои во овој уникатен природен резерват имаа едно од нивните последни засолништа.

Живеалиште на многу видови животини - розови фламинга во Националниот парк ДоњанаФотографија: J. van der Neu/blickwinkel/AGAMI/picture alliance

На север и запад од паркот, на повеќе од 100 квадратни километри, се протегаат големи плантажи. Тука, под пластични покриви, се одлегуваат повеќето од јагодите кои напролет ги преплавуваат супермаркетите во Германија, Австрија, Швајцарија и Луксембург. Бизнисот со црвено овошје - главно јагоди, но и малини - е, заедно со туризмот, најважниот економски сектор во јужната шпанска провинција Хуелва.

Во сливното подрачје на паркот Доњана, бројот на фарми за јагоди расте со децении. Бидејќи, гладот ​​на Европејците за јагоди се зголемува. Шпанското овошје е обично поевтино од бобинките што се одгледуваат во земјите од северна и централна Европа. Шпанските политичари од сите партии беа среќни поради бумот и во голема мера ја игнорираа масовната кражба на вода од страна на земјоделците.

Тешка борба против крадците на вода

Но, притисокот се зголеми откако Европскиот суд на правдата во 2021 година ја осуди Шпанија за прекумерна експлоатација и недоволни заштитни мерки за Доњана. Националната агенција за заштита на води започна инспекции за да ги пронајде крадците на вода. Еколошката полиција со багери и цемент затвори стотици диви бунари. Но, успехот е половичен - некои земјоделци набрзо најдоа подземни резервоари за вода на друго место.

Оранжерии за јагоди во Палос де ла ФронтераФотографија: Bodo Marks/dpa/picture-alliance

Повеќе од 20 европски трговски синџири, вклучително и сопственици на многу супермаркети во земјите од германското говорно подрачје, се приклучија на апелот на еколошката организација ВВФ. Се апелира до шпанските политичари и земјоделци да ја гарантираат одржливоста на земјоделството. Војна за вода беснее и во земјоделството. Тоа е војна меѓу земјоделците кои имаат законски права на водата и оние кои незаконски ги наводнуваат своите ниви со подземни води. Има извештаи за закани за земјоделци кои се посветени на одржливо одгледување јагоди и кои сакаат да им застанат на патот на дивите одгледувачи.

Климатските промени го влошуваат проблемот

Проблемот со недостигот на вода се влоши поради глобалните климатски промени. Сега не се суши само националниот парк, туку сѐ повеќе и полињата со јагоди. Според податоците на регионалното здружение на земјоделци „Фрешуелва“, родот годинава најверојатно ќе биде за 30 отсто помал од ланскиот. Поради недостиг на вода, дури и чесните производители на јагоди мораат да затвораат сѐ повеќе плантажи.

Сепак, се чини дека ништо од тоа не му пречи на конзервативниот лидер на Андалузија, Хуан Мануел Морено. Со планот за легализирање на речиси 600 диви одгледувачи, тој дополнително го влошува проблемот. Морено вели дека проблемот нема никаква врска со недостигот на вода, туку дека за тоа е единствено виновен социјалдемократскиот премиер на Шпанија, Педро Санчез. Затоа што владата, според него, не инвестирала доволно во регионот и не ја снабдувала Доњана со вода. Санчез одговори со јасна порака: шпанската национална влада ќе ги искористи сите расположливи средства за да го запре планот на Морено за јагоди.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми