1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската економија „на нестабилни нозе“

Сабине Кинкарц
26 септември 2025

Економската состојба во Германија малку се подобрува, велат економските експерти. Но, тоа не значи дека ситуацијата за Германија како деловна локација е розова. Напротив.

Голем брод со контејнери во Бремерхафен, на кого има кранови
Компаниите во Германија се загрижени за иднинатаФотографија: Leon Kuegeler/REUTERS

Фрустрацијата во германската економија се зголемува. По промената на владата, претприемачите се надеваа дека канцеларот Фридрих Мерц брзо ќе ги спроведе своите ветувања за економска политика од изборната кампања. Целта: Германија повторно да стане поконкурентна. Но, сега расте стравот дека длабоките реформи ќе се остваруваат бавно.

Канцеларот ја чувствува оваа фрустрација со полна сила: „Во последните денови имав голем број разговори: со работнички совети, со синдикати, со здруженија на работодавачи, со индустриски здруженија, со занаетчии“, рече Мерц во Бундестагот. „Сите тие се длабоко загрижени за иднината на своите компании“.

„Не пет до дванаесет, туку дванаесет и една минута“

Германската индустриска и трговска комора (ДИХК) наведува: „Очекуваме владата конечно да се посвети на јасен и долгорочен курс на економска политика што брзо ќе доведе до забележително олеснување во делот на даноците, трошоците за енергија и бирократијата“, вели раководителката на ДИХК, Хелена Мелников.

ДИХК е еден од четирите главни економски сојузи во Германија. Мерц неодамна им беше домаќин на нивните раководства во Канцлерамтот. Тој рече дека разговорот му покажал дека „не е пет до дванаесет, туку дванаесет и една минута“. „Мора да го стигнеме темпото, мора да забрзаме, мора да се подобриме“, рече Мерц.

Канцеларот Мерц е под притисок за реформиФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Незадоволни се и економските експерти

Водечките економски истражувачи го делат ова мислење во својот есенски извештај, презентиран во Берлин на 25 септември. Фундаменталните реформи што би ја зајакнале економската позиција на земјата не се остваруваат, со што се влошуваат перспективите на земјата, наведуваат тие. „Високите трошоци за енергија и работна сила во споредба со меѓународните стандарди, недостигот од квалификувани работници и понатамошниот пад на конкурентноста продолжуваат да ги кочат долгорочните перспективи за раст“.

Истражувачите ѝ препорачуваат на владата вкупно десетина мерки за „есента на реформи“ што постојано ја најавува канцеларот Мерц. Тие вклучуваат поголема ефикасност на сите нивоа на власта, помалку административен персонал и зголемена продуктивност преку дигитализација, како и подобрувања на ефикасноста во здравствениот систем.

Пензиите треба да растат побавно од платите. Стимулациите за предвремено пензионирање мора да се елиминираат. На пазарот на трудот му е потребно поедноставено и проширено признавање на странски квалификации за да се привлечат квалификувани работници. Но, она што истражувачите го бараат пред сè е построга буџетска политика со помал долг. Намалувањето на буџетските трошоци има повеќе смисла од зголемувањето на даноците. Јавната инфраструктура треба да се финансира повеќе од страна на корисниците.

Економските истражувачи го презентираа својот есенски извештај: (од лево) Торстен Шмит, Институт за економски истражувања Лајбниц, Оливер Холтемелер, Институт за економски истражувања Лајбниц Хале, Џералдин Дани-Кнедлик и Хана Зајдл, Германски институт за економски истражувања, Тимо Волмерсхојзер, Институт Ифо - Институт за економски истражувања Лајбниц, Штефан Кутс, Килски институт за светска економијаФотографија: Christoph Soeder/picture alliance/dpa

Лоши перспективи за Германија

„Германската економија е и натаму на нестабилни нозе“, предупреди Џералдин Дани-Кнедлик од Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ Берлин), која е еден од авторите на есенскиот извештај. Мало закрепнување се предвидува само на краток рок. По две години рецесија, се очекува брутодомашниот производ годинава да порасне за 0,2 процентиа. Во 2026 година растот се очекува да биде 1,3 проценти, за во 2027 година - 1,4 проценти.

Овој раст ќе биде предизвикан од високото задолжување што владата има намера да ги направи во наредните години. 500 милијарди евра треба да се инвестираат во дотраена инфраструктура и заштита на климата. Што за тоа мислат економските истражувачи е јасно видливо од насловот на нивниот есенски извештај: „Експанзивната финансиска политика го маскира слабиот раст“.

Самоодржливо закрепнување со значителни приватни инвестиции не е на повидок, предупредува Штефан Кутс од Килскиот институт за светска економија, нудејќи драстична споредба: Ако на зависник од дрога му се даде инјекција, тој првично ќе се чувствува подобро. „Но, никој, особено не лекар, не би помислил да каже дека пациентот се опоравил.“

Нема мајстори: Во Германија за поправки се чека со недели

01:52

This browser does not support the video element.

Извозна криза и покрај врвниот имиџ: Германија губи приклучок

Германската економија е во голема мера зависна од надворешната трговија. Речиси секое четврто работно место зависи од извозот. Агресивната трговска политика на американскиот претседател Доналд Трамп ги влошува овие проблеми. Економските истражувачи сметаат дека ова се заканува да стане кочница за глобалната економија, пишуваат тие во својот есенски извештај. Високото ниво на царини се зацврстува.

Странската побарувачка за германски стоки продолжува да слабее. Притоа, според студијата на Нирнбершкиот институт за пазарни одлуки, производите со печат „Произведено во Германија“ уживаат највисок меѓународен углед. Сепак, истражувачите предупредуваат: Германија има добар имиџ, но сè уште се залага за производи како што се мотори со внатрешно согорување. САД и Јапонија се подобри во производите ориентирани кон иднината, како што се вештачката интелигенција, електричните автомобили и електрониката.

Ќе возат ли Германците кинески автомобили?

00:54

This browser does not support the video element.

Технолошкиот пресврт е клучен

Канцеларот е исто така свесен за ова. „Ние сме земја со малку природни ресурси. Нашиот просперитет и безбедност зависат многу од тоа да бидеме на чело на технолошкиот развој што моментално се случува низ целиот свет и да не заостануваме зад него“, рече тој во Бундестагот. Но, промените бараат време и трпение.

Во последните месеци, веќе се донесени и започнати низа одлуки за нов почеток во економската политика. Сепак, многу од нив сè уште чекаат парламентарно одобрување.

Застој во социјалните реформи - критиките на сметка на Мерц растат

Но, тоа е само половина од вистината. Критичарите веќе предупредуваат дека „есента на реформи“ може да не се реализира или може значително да се одложи. Ова се однесува на реформите во социјалните системи, вклучувајќи ги пензиите, таканаречениот граѓански додаток, основната помош за невработени и здравственото осигурување и осигурувањето за нега. Во сите области има експлозија на трошоците, а придонесите, кои вработените и работодавачите ги плаќаат по половина, продолжуваат да растат. Но, ЦДУ/ЦСУ и СПД не се согласуваат околу тоа колку далеку треба да оди кратењето во социјалниот систем.

Бизнисот се жали дека не е почнато спроведување дури ни на договорените мерки. „Почеток на реформата на корпоративниот данок дури од 2028 година, намалување на цените на електричната енергија само за поединечни сектори и правењето маргинални промени во законот за синџирите на снабдување се далеку од доволни“, оценува ДИХК.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми