1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Криза во германските градинки - кусок од 125.000 воспитувачи

12 ноември 2024

Во Германија недостасуваат 125.000 воспитувачи во градинките. Една од градинките во Келн вработува воспитувачи од Шпанија.

Персонал во градинката „Стоногалка“
Персонал во градинката „Стоногалка“: Никол Валтхаузен, директорката Ирина Ципа, Кармен Касарес Нарањо и Џесика Рохас Флорес Фотографија: Oliver Pieper/DW

Здодевно, облачно ноемвриско утро. Дваесетина деца од градинка во Келн гласно се обидуваат да пеат за сонцето. „Sal, solecito, caliéntame un poquito" - „Сонце, излези и загреј ме малку“ е името на песната, а посебното во неа е што само мал дел од децата од две до шест години знаат да зборуваат шпански. Меѓутоа, кога ќе ги слушнете децата како пеат, мислите дека сте заталкале во дневен престој за деца во Мадрид.

Боливијката Џесика Рохас Флорес пред две години во Германија дојде од Шпанија. За воспитувачката, двојазичниот концепт на градинката „Стоногалка“ е модел на успех. Таа за ДВ вели: „Со децата не зборуваме шпански постојано, туку пееме шпански детски песни и повторуваме некои зборови како стол, маса или чинија. Така тие го учат јазикот на разигран начин. Децата се исто така многу сочувствителни кон мене и зборуваат побавно ако нешто не разберам веднаш“.

До тобоганот во градината, покрај кој на дрвен знак стои шпански превод, и многу од постерите содржат шпански зборови. Родителите и децата се поздравуваат и се збогуваат со „Buenos días" и „Adiós". Тоа е вин-вин приказна: додека децата го учат шпанскиот вокабулар, наставниците кои се штотуку пристигнати учат германски јазик преку секојдневната работа во градинката. Шпанката Кармен Касарес Нарањо за ДВ вели:

„Родителите неодамна ми кажаа многу гордо дека нивното дете веќе може да брои на шпански и ги знае сите бои на шпански. Она што го прави двојазичниот концепт толку посебен е што децата се подготвуваат за животот и секојдневието затоа што треба да развијат стратегии за ситуации, каде што другата личност можеби нема да ги разбере“.

Децата во градинката „Стоногалка“ одамна знаат што значи зборот тобоганФотографија: Oliver Pieper/DW

Синтија Малка-Бухолц го иницираше двојазичниот концепт во 2013 година, а групата Фребел, која ја води градинката, веднаш беше воодушевена од идејата. Малка-Бухолц, која по потекло е Перуанка, е заменик директорка на градинката и до денес мора да ги отфрла стравовите на некои родители дека децата би можеле да бидат префорсирани од дополнителниот јазик. Напротив, одговара таа, повеќејазичноста им отвора повеќе врати. Веста за успешниот модел се шири, па на нејзината работна маса неодмна пристигнала уште една апликација од Шпанија.

Но, зарем Германија не им ги зема квалификуваните работници на земјите на кои итно им се потребни? Малка-Бухолц за ДВ вели: „Не, затоа што многу обучени едукатори во Шпанија или Латинска Америка често не можат да најдат работа и мора да работат како келнерки. Во Германија можеме да им понудиме можност да го работат она што го студирале четири или пет години“.

Огромен недостиг на места во градинките и стручен персонал

Моделот на „Стоногалка“ на потпирање на квалификувани работници од странство би можел да биде креативно решение за проблемот, кој во Германија го има неласкавото име „Китастрофа“ (вкрстување меѓу „Кита“, што значи градинка, и „катастрофа“). Во Германија недостигаат 430.000 места во градинките и, според истражувањето на Сојузот на социјални организации, 125.000 воспитувачи, што значи недостигаат по околу двајца воспитувачи во градинка.

Децата во „Стоногалка“ ги учат и шпанските зборови за годишните времињаФотографија: Oliver Pieper/DW

Недостатокот на персонал е особено драматичен во западна Германија: градинките во најнаселената сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија мораа да ги ограничат своите понуди за згрижување деца 3.600 пати во септември, што е рекорд надвор од сезоната на настинки во зима. Во такви случаи, родителите треба да ги земат своите деца порано од вообичаено или децата се згрижени во други групи. Во најлош случај, градинката целосно се затвора.

„Дали Германија заостанува во проширувањето на згрижувањето на децата? Дефинитивно да. Дали недостасуваат критериуми за квалитет? Дефинитивно исто така!“, вели за ДВ Видо Гајс-Тене, експерт за семејна политика на Институтот за германска економија во Келн. „Ние имаме законско право на место во градинка за деца под три години повеќе од десет години, што не е во сооднос со регулаторната политика. Ако имам законско право, тогаш мора да можам да му обезбедам место на секое дете.“

Видо Гајс-Тене: Кога воспитувачите не би морале постојано да импровизираат, професијата би била поатрактивнаФотографија: Uta Wagner/Institut der Deutschen Wirtschaf (IW)

Кризата во градинките, исто така, предизвикува огромна штета на економијата во целина: студијата наа „Степстоун“ со наслов „Вработени родители и пошироко“ покажува дека штетата изнесува околу 23 милијарди евра. Бидејќи понудите за згрижување не се доволни, не може да се извршат околу 1,2 милијарди часа работа годишно. Некои компании го намалуваат работното време на своите вработени или дури ги отпуштаат затоа што едноставно недостасуваат опции за згрижување на децата. Постојат историски причини зошто ова е проблем, особено на Запад, нагласува Гајс-Тене:

„Во старата Сојузна република долго време важеше: само не институционална грижа. ГДР, од друга страна, етаблираше понуда за згрижување затоа што жените требаше да имаат можност да работат. Затоа истокот е традиционално посилен кога станува збор за градинките, а Западот постепено се поодбруваше. Пред 20 години на Западот речиси и немаше згрижување на деца под три години, а потоа беше донесено законското право на место во градинка, и се почна со надградување.“

Градинката носи предности за децата

01:13

This browser does not support the video element.

Петицијата „Се брои секое дете“ имаше рекорден број потписи

Катја Рос не сакала да стои со скрстени раце и да ја гледа кризата со згрижувањето на децата. Воспитувачката од Росток започна петиција наречена „Се брои секое дете“ и наиде на отворени врати. 220.180 луѓе се потпишаа на повикот за подобри работни услови во раното детско образование, најголемата кампања за градинките во историјата на оваа земја. Затоа, на почетокот на октомври ѝ беше дозволено да зборува еден час пред Комитетот за петиции на Бундестагот.

ДВ ја најде во базен, каде што тренираше со своите деца од градинката за тестот за пливање. Рос за своето секојдневие вели: „Наутро доаѓаш во градинката и прво се надеваш дека повеќе од половина од твоите колеги се таму, насекаде 'гори'. Ние сме првата образовна институција што децата ја посетуваат, сѐ што доаѓа се надградува на она што е направено во градинка. Она што децата не го научиле до шестата година се основите што е многу тешко да се надополнат на училиште“.

Рос и нејзините колеги бараат дополнителни стручњаци за јазично образование и инклузија, задолжителни минимални стандарди за персоналот и проширување на мрежата за секое дете во Германија да има место во градинка. Воспитувачката е скептична дека ќе бидат доволни четирите милијарди евра за 2025 и 2026 година со кои сојузната влада сака да даде поддршка на покраините преку новиот Закон за квалитет на градинките.

„Секое евро што се инвестира во раното детско образование се враќа четирикратно на долг рок. Децата кои се добро поттикнувани во градинка имаат поголема веројатност да имаат повисока образовна квалификација, а тоа пак има влијание врз пензискиот фонд. Но, едноставно се потребни храбри политичари, кои ќе почнат и ќе размислуваат надвор од четиригодишниот легислативен период“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми