Јужна Кореја: Неуспешно апсењето на Јун Сук Јеол
3 јануари 2025Во Јужна Кореја, ситуацијата околу суспендираниот шеф на државата Јун Сук Јеол повторно ескалира. Истражители во Сеул имено, деенеска ја напуштија официјалната резиденција на Јун, откако не успеаја да го приведат и по речиси шест часа. Тоа е најновата конфронтација во политичката криза која ја парализираше Јужна Кореја и доведе до импичмент на двајца шефови на државата за помалку од еден месец.
Државната антикорупциска агенција соопшти дека ги повлекла своите истражители откако претседателската служба за безбедност со часови ги блокирала да влезат во резиденцијата на Јун поради загриженост за нивната безбедност.
Агенцијата објави дека нејзините истражители се побројни и дека неколкупати се судриле со претседателските безбедносни сили и изрази „сериозно жалење поради односот на осомничениот, кој не се придржува до законскиот процес“.
Полицијата соопшти дека планира да спроведе истрага против шефот и заменик-шефот на претседателската служба за безбедност поради сомнение дека попречувале службени лица во извршувањето на нивните работни задачи и ги повика утре да дојдат на сослушување.
Јун, поранешен обвинител, со недели им пркоси на обидите на истражителите да го испрашаат. Последен пат, како што е познато, тој ја напуштил резиденцијата на 12 декември, кога отишол во блиската претседателска канцеларија и ѝ се обратил на нацијата на телевизија, пркосно изјавувајќи дека ќе се спротивстават на обидите за негово соборување.
Инспекторите од антикорупциска агенција ги разгледуваат обвиненијата за бунт откако Јун, фрустриран поради блокадите во парламентот во кој доминира опозицијата, прогласи вонредна состојба на 3 декември и испрати војници да го опколат Националното собрание.
Парламентот ја поништи декларацијата во рок од неколку часа и го отповика Јун на 14 декември, обвинувајќи го за бунт, додека јужнокорејските антикорупциски власти и јавните обвинители започнаа одделни истраги.
Судот во Сеул издаде налог за апсење на Јун на 2 јануари, но неговото извршување е комплицирано сѐ додека тој се наоѓа во неговата службена резиденција.
Адвокатите на Јун, кои вчера поднесоа жалба на налогот, велат дека тој не може да се примени во резиденцијата порад законот за претреси без посебна согласност кој ги штити локациите кои се потенцијално поврзани со воени тајни.
Канцеларијата соопшти дека ќе разговара за понатамошни акции, но не соопшти веднаш дали ќе се обиде повторно да го приведе Јун. Потерницата по него важи една недела, до 6 јануари.