Јужна Кореја: Отворена истрага против претседателот Јун
5 декември 2024Јужнокорејската полиција денеска објави дека отворила истрага за велепредавство против претседателот Јун Сук Јеол, по неговиот неуспешен обид да воведе воена состојба. „Случајот е во тек“, рече началникот на полициската истрага Во Конг-су.
Јужнокорејскиот претседател денеска нема да и се обрати на јавноста, изјави неговиот претставник за медиуми.
Шефот на државата последен пат јавно проговори вчера наутро кога мораше да се откаже од обидот да воведе вонредна состојба во земјата, обвинувајќи ја опозицијата дека го контролира парламентот, соработува со Северна Кореја и ја парализира владата со антидржавни активности.
Опозициските партии во парламентот на Јужна Кореја вчера соопштија дека поднеле барање за импичмент на претседателот по неуспешниот обид за воведување вонредна состојба. Гласањето е планирано за во сабота.
Партијата на народната моќ, од која е претседателот на Јужна Кореја, побара од него да поднесе оставка, но најавија и дека нема да гласаат за предлогот за отповикување на опозицијата.
Оставка поднесе министерот за одбрана, Ким Јонг Хјун за кој се смета дека бил еден од иницијаторите за воведување вонредна состојба.
Министерот претходно се извини за неговата улога во овој потег, кој ја шокираше земјата и предизвика масовни протести.
Воените функционери одговараа пред пратениците за потегот на претседателот, а се покажа дека малкумина од нив знаеле за неговиот план.
Џун Сук Јеол ненадејно прогласи вонредна состојба во вторникот вечерта, прва во земјата во последните 50 години.
Но, одлуката беше во сила само неколку часа.
По потегот на претседателот, пратениците во парламентот, сите 190 кои присуствуваа на вонредната седница, гласаа против одлуката на претседателот, за тој подоцна да ја укине вонредната состојба.