1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата и пандемијата ги научија граѓаните на штедење

ДТЗ
31 октомври 2023

На банките и на штедилниците македонските граѓани им имаат доверено на чување околу 5,5 милијарди евра. Депозитите на домаќинствата, од пандемијата досега, се зголемиле за 20 проценти.

штедење
Кризата и ковид-пандемијата ги научија граѓаните на штедењеФотографија: picture-alliance/dpa/A.Warnecke

Кризата и ковид-пандемијата ги научија граѓаните на штедење. На банките и на штедилниците македонските граѓани им имаат доверено на чување 340 милијарди денари или околу 5,5 милјарди евра, што се повеќе средства отколку што има во државната каса, која што годинава тежи околу 5,3 милијарди евра. Се поголема е бројката на граѓани коишто се одлучуваат да штедат во денари.

Депозитите на домаќинствата, од пандемијата досега, се зголемиле за 20 проценти. Народната банка забележува поволни структурни промени кај штедењето на населението - учеството на денарските во вкупните депозити на домаќинствата има нагорен тренд и изнесува околу 48 проценти. Растат и долгорочните депозити на домаќинствата и во моментов се на највисокото ниво во последните десетина години. 

Растат депозитите 

„Фактот што депозитите кај банките растат, и покрај мноштвото надворешни шокови, какви што имало само еднаш во изминатите сто години, е потврда за високата доверба која што ја има населението во банкарскиот систем. Кон тоа придонесува и централната банка која што постојано се залага за јакнење на неговата отпорност“, вели гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска. 

На банките и на штедилниците македонските граѓани им имаат доверено на чување околу 5,5 милијарди евра.Фотографија: NBRM

 

По повод Светскиот ден на штедењето, Народната банка објави податоци кои посочуваат дека граѓаните најмногу штедат во банките, со учество на депозитите со 62 проценти во нивната вкупна финансиска актива во 2022 година, но се зголемува и учеството на вложувањата во алтернативните финансиски инструменти. 

Вишок на заштеди 

Пандемијата, според банкарите, беше двигател на собирањето „вишок на заштеди“ кај населението, кои најчесто завршија како депозити. Според гувернерката, нема сомнение дека штедењето е еден од клучните „мотори“ на економскиот раст. Колку е повисоко домашното штедење, толку се повисоки и можностите за инвестирање. Доколку домашното штедење е помало од потребите за инвестирање, тоа ќе наметне потреба да се позајми однадвор, што пак ќе предизвика и зголемување на надворешното задолжување.

„Граѓаните имаат висока доверба во банкарскиот сектор, што и не е изненадување, имајќи предвид дека системот во период на повеќе кризи коишто се преклопуваат, сепак е стабилен, високо капитализиран и ликвиден“, велат од Народната банка.

Што се однесува до просечната каматна стапка на вкупните кредити во септември, таа е непроменета во однос на август, додека кај вкупните депозити има месечен раст од 0,04 процентни поени.  Просечната каматна стапка на вкупните кредити во септември изнесувала 5,49 проценти и на годишна основа бележи раст за 1,14 процентни поени, додека кај депозитите, каматната стапка изнесувала 1,59 проценти и бележи годишен раст од 0,89 процентни поени.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми