1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризна состојба во енергетиката и лов на крадци на струја

ДТЗ
25 август 2022

Мерките се носат во пресрет на зимата, која што се најавува како една од најтешките во светот, а чии последици ќе ги почувствуваат и македонските граѓани

Далновод струја
Владата прогласи кризна состојба во енергетиката, која што ќе стапи на сила од 1 септемвриФотографија: dapd

Владата прогласи кризна состојба во енергетиката, која што ќе стапи на сила од 1 септември, заедно со пакетот мерки коишто треба да овозможат заштеда на струја до 15 отсто, а ќе важат до март идната година. Одлуките се однесуваат на постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на земјата. 

Првата одлука е донесена поради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија, додека втората се донесе заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија. Постоењето на кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија и на топлинската енергија ќе трае 30 дена од денот на отпочнувањето на примена на овие одлуки.

Мерките се носат во пресрет на зимата, која што се најавува како една од најтешките во светот, а чии последици ќе ги почувствуваат и македонските граѓани. Надлежните уверуваат дека рестрикции на струја нема да има, но ќе има казни за оние државни институции коишто нема да ги почитуваат препораките и да ги намалат месечните трошоци за електрична енергија. 

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека ќе побара од МВР и другите надлежни институции да постапат во сите општини каде има големи загуби на струја, бидејќи тие се на товар на сите потрошувачи на електрична енергија. Загубите на струја се признаваат како трошок кога се одредува цената за струјата, изјави тој по посетата на Арачиново, каде има големи загуби на електрична енергија. Но, не е само Арачиново проблем. Бектеши вели дека загуба има и во Куманово – 16,2 проценти, Тетово 10,7; Гостивар – 19,3; Кичево -12,1; Скопје – 19,6 отсто. Министерот најави дека кај сите овие општини и останатите ќе се постапува согласно закон.

Крадење на струја или незаконски приклучок во дистрибутнивната мрежа е кривично дело. Од понеделник екипите на ЕВН Македонија непречено ќе работат на терен во Општина Арачиново и на тој начин ќе почне да се наплаќа струјата во оваа Општина, но и на други места. 

Итни мерки 

Во меѓувреме, стопанствениците кои се жалат дека се потешко ги подмируваат големите трошоци за струја, побараа од Владата да споведе итни мерки за да го ублажи кризниот удар. Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија информира дека во соработка со своите членки извршиле анализа на оваa проблематика и предлагаат конкретни мерки.

Според истражувањето на СКСЗМ, за поголемиот дел од фирмите, односно 65% од членството, кои веќе имаат енергетско ефикасна инфраструктура, трошоците за eлектрична енергија во 2021 година биле од 1.3 % до 2.3% од вкупните месечни трошоци. Додека за оваа година, тие трошоци се од два до шест пати зголемени. Сметките за месец јули веќе изнесуваат 7-10 % од месечните оперативни трошоци. Од друга страна, состојбата кај производствените компании е алармантна. Без исклучок кај сите производители износот на месечните трошоци за електрична енергија преставуваат минимум 25% од вкупните трошоци, додека од друга страна нивната профитна маржа изнесува помалку од 5%. 

Фатмир Битиќи порача дека не очекува тешка зима и дека која и да е одлуката што ќе ја преземат од денеска па натаму, сите ќе бидат одговорни за истата.Фотографија: Furkan Abdula/AA/picture alliance

„Очекувањата се дека Владата веднаш треба да се нафати со работа и да им помогне на фирмите преку укинување на ДДВ за струја, замрзнување на цената на електричната енергија по примерот на соседните земји, да се забрзаат постапките за инсталација на фотоволтаици и конечно да се пренаменат голем дел ако не целосниот износ на средства од капиталните расходи за да истите се инвестираат во обновливи извори на енергија, се со цел максимално да се искористи целиот државен капацитет за производство на електрична енергија“, укажуваат од Комората, која што бара Владата итно треба да превземе мерки по однос на енергетската криза, бидејќи овој проблем го доведува во прашање самото постоење и опстанокот на бизнисите на пазарот.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, по средбата со стопанствениците во Владата во рамки на седницата на Комисијата за јавно-приватен дијалог, порача дека не очекува тешка зима и дека која и да е одлуката што ќе ја преземат од денеска па натаму, сите ќе бидат одговорни за истата.

„Ако се задолжиме за да помогнеме на стопанството, свесно ќе влеземе и стопанството и Владата во таква работа, и ќе знаеме дека некој ќе треба да го плати тоа задолжување, а дали се тоа поголеми даноци заедно ќе одлучиме“, рече Битиќи. Запрашан дали е можно да се намали ДДВ во оваа криза, тој посочи оти е намалено. 

Спас во домашното производство  

Државниот завод за статистика објави дека во јуни вкупно се потрошени 521. 750 мегават часови електрична енергија, 3.139 милиони нормални кубни метри природен гас, 436. 990 тони јаглен и 97.452 тони нафтени продукти.

Според статистичарите, 71,4 проценти од потрошената електрична енергија е од домашно производство, а 97,1 процент од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија.

Во првите седум месеци од годинава АД ЕСМ произведе 2.194 гигават часови електрична енергија што е за 15 проценти повеќе од лани, а зголемувањето на производството, споредкомпанијата, се должи пред се, на зголеменото производство во термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј за 40 проценти. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми