1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се заштитите од крлежи?

ДТЗ
31 јули 2023

Смртноста од ККХТ достигнува и до 40%. Инфектолозите советуваат граѓаните да не ги вадат крлежите од телото сами, туку да отидат на лекар.

крлеж
Како да се заштитите од крлежи? Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

Новооткриен вирус кој го пренесува крлеж се шири во Европа, а во Северна Македонија деновиве беше евидентиран случај на 27-годишна жена од штипското село Кучица која почина по убод од крлеж. Причина за смртта е Конго-кримска хеморагична треска кај пациентка која била хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Со оглед на тоа што болеста се пренесува и преку крв од заразено лице, направени се проверки на сите контакти во семејството. 

Лекарите укажуваат дека Конго-кримската хеморагична треска (ККХТ) е широко распространета болест која се пренесува преку крлежи, предизвикана од вирус (Nairovirus) од семејството Bunyaviridae. Вирусот на Конго-кримска хеморагична треска предизвикува сериозни епидемии на вирусна хеморагична треска. Смртноста од ККХТ достигнува и до 40%. Инфектолозите советуваат граѓаните да не ги вадат крлежите од телото сами, туку да отидат на лекар.

Како се пренесува?

Според Институтот за јавно здравје, вирусот се пренесува на човек од крлежи на домашни животни. Поголемиот дел од случаите на заболување се однесуваат на луѓе кои се вклучени во работа со добиток, како што се земјоделските работници, работници во кланици и ветеринарите. Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, слуз, органи или други телесни течности на заболените лица. 

ККХТ е ендемична во Африка, на Балканот, Блискиот Исток и Азија. Не постои вакцина за луѓето и животните, а лекувањето е симптоматско.

Крлеж продира во човечка кожаФотографија: Imago/blickwinkel/F. Hecker

Симптоми

Должината на периодот од заразување до појава на симптоми зависи од начинот на стекнување на вирусот. По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот е обично еден до три дена, со максимум од девет дена. Периодот по контакт со заразена крв или ткива е обично пет до шест дена, со максимум 13 дена.

Почетокот на болеста е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, болки во зглобовите, болки во стомакот и повраќање. Црвени очи, зацрвенето лице, црвено грло, и црвени дамки на непцето, се исто така присутни. Може да се јави жолтица, а во потешки случаи, промени во расположението. Како што напредува болеста, на телото на заболениот се јавуваат големи делови со модринки, како и крвавење од носот. Закрепнувањето е бавно.

Прва опишана епидемија на ова заболување во Македонија е во 1971 година, при што заболеле 13 лица со два смртни исходи во едно семејство во с. Чифлик – Тетово. По оваа епидемија, лабораториски е потврден еден случај во 2010 година. Со оглед на тоа што постојат услови за природни жаришта и на други подрачја во земјата, ова заболување претставува потенцијална опасност. Од соседните земји, болеста е ендемска во Косово, а регистрирани се спорадични случаи и во неколку други европски земји.

Во области каде што има крлежи, се препорачува да се покријат откриените делови од телотоФотографија: Roman McKay

Превенција

Од Институтот за јавно здравје советуваат дека доколку се престојува во место каде што има крлежи, да се носи облека која нема да остава откриени делови од телото. „Покријте ги рацете, нозете и другите експонирани делови – врат, глава. Носете светла облека за да се овозможи лесно откривање на крлежи на облеката. Испрскајте ја облеката со спреј на база на синтетски пиретроид – перметрин или употребете купена, специјално третирана со перметрин облека, за да се намали можноста за закачување на крлежите на облеката“, советуваат од ИЈЗ. 

Дополнителна заштита можат да обезбедат репелентите против крлежи и инсекти со посебна состојка, кои можат да се нанесуваат на гола кожа. 

По можна експозиција на убоди од крлежи, лекарите препорачуваат да се направи детална проверка на своето тело и облека, како и на телото и облеката на децата. Крлежите најчесто се закачуваат на главата, вратот и пределот зад ушите, во пазувите, препоните, под градите кај жените и.т.н.

Ризикот од пренос од животно на човек може да се намали со носење ракавици и друга заштитна облека додека се ракува со животни или нивни ткива во ендемични области, особено за време на колење. 

Од ИЈЗ советуваат да се избегнува близок физички контакт со лица заболени од ККХТ, да се носат ракавици и заштитна опрема при контакт со болните луѓе, како и редовно да се мијат рацете со вода и сапун по активностите за грижа/нега или посетата на болните луѓе.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми