1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Обама момент": Првиот премиер Албанец во Македонија

ДТЗ
27 јануари 2024

Во случајот на премиер Албанец симболиката е силна дека нема забранети позиции за ниту еден граѓанин на оваа земја, без разлика на етничката припадност, велат аналитичарите.

Талат Џафери
На 100 дена пред избори, Македонија ќе го добие првиот етнички премиер Албанец Фотографија: Petr Stojanovski

Северна Македонија е на чекор да го добие првиот премиер Албанец кој ќе биде на чело на Владата во наредите 100 дена, до изборите на 8 мај. Изборот падна на Талат Џафери - искусен политичар на ДУИ, актуелен претседател на Собранието и поранешен министер за одбрана (2013 -2014 година). Гласањето на новата техничка влада треба да се оконча до недела на полноќ (28 јануари), по што почнуваат забрзаните активности за пролетните избори во земјата. 

Додека во македонскиот табор се кршат копјата околу идејата за премиер Албанец, која наиде на низа полемики и иницијативи за укинување на „Пржинската влада“, албанската етничка заедница во земјата смета дека станува збор за симболичен политички чин, којшто ќе придонесе за подобрување на меѓуетничките односи. Иако станува збор за функција која што ќе трае само 100 дена, симболиката е многу силна дека нема забранети позиции за ниту еден граѓанин на оваа земја, без разлика на етничката припадност, велат аналитичарите со коишто разговараше Дојче веле.

Функцијата технички премиер Албанец ќе трае само 100 дена, но симболиката е многу силна дека нема забранети позиции за ниту еден граѓанин во земјатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Обама момент“

Првиот премиер етнички Албанец е еден вид на „Обама момент" во Северна Македонија, вели новинарот и аналитичар Џелал Незири за ДВ.

Тоа, според него, значи дека општеството созреало и дека меѓуетничките односи не се веќе на ниво да бидат третирани како најранлива точка на државата.

„Секој премиер ги спроведува законите кои ги носи Собранието, каде се одразува волјата на граѓаните преку директни избори. Во случајот на премиер Албанец, сепак, симболиката е силна дека нема забранети позиции за ниту еден граѓанин на оваа земја, без разлика на етничката припадност“, посочува Незири.

Како и во случајот на Барак Обама во САД, Риши Сунак во Обединето Кралство, Дритан Абазовиќ во Црна Гора, и во случајот на Македонија еден ваков момент, вели нашиот соговорник, говори за демократската зрелост на мнозинската етничка заедница која демократските вредности ги става пред ексклузивните политики, кои се синоним на дискриминација. 

Мал, но значаен чекор за меѓуетничките односи 

Изборот на 100 дена Албанец премиер повеќе е симболичен политички чин, којшто може да придонесе за подобрување на меѓуетничките односи во земјата. Во оваа насока одат размислувањата на универзитетскиот професор по новинарство и јавни комуникации, Сефер Тахири.  

„Изборот на премиер којшто доаѓа од албанската етничка заедница е еден мал чекор кон тоа што се стремиме поголем дел од граѓаните - а тоа е да бидеме кохезивно и интегративно општество. Мислам дека тоа е повеќе симболичен политички чин, којшто ќе придонесе за подобрување на меѓуетничките односи, бидејќи досега освен претседател на Собранието, немало претставник од албанската заедница во највисоките функции“, посочува Тахири за ДВ.

Тоа што премиер Албанец ќе биде на чело на државата до пролетните избори, според нашиот соговорник е добар чекор, чин кој придонесува албанската заедница да го зголеми нивото на лојалноста кон државата. „Треба да бидеме свесни дека тоа ниво е многу ниско“, посочува Тахири. 

Спротивставувањето на ВМРО-ДПМНЕ кон изборот на Талат Џафери за технички премиер, аналитичарите го толкуваат како стратегија за придобивање на политички гласовиФотографија: Petr Stojanovski

Идеја дочекана на нож 

Договорот за „сто дена премиер Албанец" беше обелоденет на 18 август 2020 година, по разговорите за формирање Влада што во Клубот на пратениците ги имаа лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, и генералните секретари Љупчо Николовски и Артан Груби.

„Идејата беше за доближување, порака за преземање одговорност од Албанците за заедничка држава. Мора да му признаам на Заев за храброста и го поздравувам тоа што ќе има Албанец премиер во последните 100 дена од оваа Влада“, порача тогаш Ахмети.

Четири години потоа ова прашање сѐ уште предизвикува низа полемики во јавноста. Најжестоки критики доаѓаат од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која што во повеќе наврати порача дека е подготвена и за „бришење“ на техничката влада, само за да нема технички премиер  од редовите на ДУИ. Последните пораки од партијата се дека ќе ја поддржат техничката влада, но не и Талат Џафери за технички премиер.

Според аналитичарите, противењето на ВМРО-ДПМНЕ е дел од нивната предизборна стратегија за прибирање на што поголем број на гласови, особено оние од крајната десница и левица. 

Стратегија за придобивање гласови 

„Спротивставувањето на ВМРО-ДПМНЕ кон изборот на Талат Џафери за технички премиер повеќе го гледам како стратегија за придобивање на политички гласови. Знаеме дека ВМРО-ДПМНЕ е десно ориентирана политичка партија, поголем дел од нивниот електорат сѐ уште е во минатото - и дава гласови врз основа на тоа колку е потврда етнонационалистичката реторика, а во овој мозаик, би рекол, дека влегува и спротивставувањето на изборот на Џафери“, анализира Сефер Тахири.

Според него, не се работи за спротивставување на изборот на личноста  - конкретно на Талат Џафери, не станува збор ниту за тоа дека доаѓа од ДУИ. „Во времето на ВМРО-ДПМНЕ, тој беше министер за одбрана, а ДУИ беше во владата со ВМРО-ДПМНЕ десет години. Сметам дека оваа партија сѐ уште е во фаза на некој начин можеби на преориентирање за да го реализира мотото 'Македонија на сите граѓани'“,  посочува соговорникот на ДВ.

Сто дена за некого е краток, за други пак е доволен период за да се стави на тест идејата за 100 дена премиер Албанец. 

Политичкиот аналитичар Сефер Селими, за ДВ оценува дека ако политичкиот договор опстои и Талат Џафери се избере за прв премиер Албанец, во суштина и пракса тоа нема да смени ништо посебно. „Но, ќе биде повеќе симболичен чин кој би требало да пренесе јасна порака за целосна интеграција на Албанците во Северна Македонија. И со тоа да се сузбијат повеќе митови меѓу кои и најголемиот - за 'лојалноста' на Албанците кон државата“, вели тој. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми