Крст на Попова Шапка ги оживеа меѓуетничките тензии
17 ноември 2023Крст на Попова Шапка, за кој се наведува дека бил незаконски поставен, ги крена тензиите кај албанскиот политички блок кој бара овој верски објект висок 15 метри, да биде отстранет. По бранувањата и бројните реакции од општина Тетово, како и дел од партиите од албанскиот блок, Комисијата за односи со верските заедници повика на смиреност, а од Општина Тетово се бара кон верските обележја да нема селективен однос.
„Комисијата за односи со верските заедници повикува на внимателност и воздржаност од граѓаните, како и мудрост во раководењето со институциите од оние кои добиле мандат од граѓаните да градат хармонично мултикултурно општество, кое само по себе не подразбира исклучивост на ниту една култура, туку нивна коегзистенција и почитување на различностите“, се вели во апелот.
Повик да се отстрани крстот
Лидерот на Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами, на прес-конференција на Европски сојуз за промени, заедно со лидерите на Алтернатива и Демократско движење, Африм Гаши и Изет Меџити, повика да се отстрани крстот.
„Ја повикуваме Комисијата за односи со верските заедници, Македонската православна црква - Охридска архиепископија, односно Тетовска митрополија, согласно нивните надлежности, да преземат мерки и самите да го тргнат крстот и да не дозволат верата да се трансформира во инструмент на создавање тензии меѓу нашите граѓани“, изјави Касами.
Дилеми
Станува збор за 15-метарски крст поиставен на Попова Шапка кај манастирската црква Свети Наум Чудотворец.
„За разлика од многубројните објекти, на катови и со оградени дворови на државно земјиште, крстот е поставен на манастирски имот и прашање е дали каде било во земјава за поставување на крст во двор на манастир некој дал дозвола. Крстот е верско обележје. Што правиме со многуте објекти профани и сакрални изградени на државно земјиште? Ете, на Попова Шапка такви има насекаде. Зошто за ниту еден од нив до сега не заседаваше вонредно Советот“?“, реагираше на Фејсбук, Даријан Сотировски, претседател на Комисијата за верски заедници.
Тој повикува на внимателност и воздржаност од сите за ситуацијата околу Попова Шапка. „Верските симболи ги следат верските објекти, крстот и минарето одат до цркви и џамии. Во мултикултурно и мултирелигиско општество со секој човек пак, мора да оди толеранцијата и почитта кон различниот“, додава тој. Имајќи ја предвид сензитивноста, Комисијата за верски заедници апелира политиката и други интереси да не се вмешуваат во меѓучовековите односи.
Бурни реакции
Изградбата на крстот предизвика реакции и меѓусебни обвинувања меѓу партиите. Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) и Движењето БЕСА меѓусебно се обвинуваа дека крстот бил поставен во координација со опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од црковниот одбор при манастирската црква „Свети Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка, пак, информираа дека крстот е поставен како верско обележје и претставува урбана опрема. Општина Тетово веднаш испрати инспектори на терен. Нивниот став е дека крстот на Попова Шапка е поставен без соодветна дозвола и најавија дека ќе ги почитуваат сите законски процедури, како што тоа го правеле и досега.