1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кржаловски: Мора да се елиминира неказнивоста

1 јануари 2024

Треба да негуваме средина каде европските вредности не се само на хартија, туку вкоренети, живи, дишечки принципи, вели директорот на МЦМС, Александар Кржаловски.

Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС)
Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС)Фотографија: Privat

 Пред две недели одбележаа 30- годишен јубилеј, што е респектабилен успех, не за само за македонски услови. За Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) не треба посебно претставување. И во домашната јавност и пошироко, МЦМС е познат и исклучително почитуван бренд во сферата на граѓанското општество, дијалогот, толеранцијата, антикорупцијата, со резултати достојни за почит. Ќе треба многу простор и време да се набројат сите проекти на организацијата во изминатите три децении, безмалку, речиси од независноста на државата. Со директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, разговараме за прашањата кои нѐ преокупираа некогаш, а дел од нив и денес остануваат голем предизвик.

ДВ: Инспиративната приказна за МЦМС започна на 14-ти декември 1993 година. Какви беа замислите кога се основаше МЦМС и како гледате на тоа од денешна перспектива?

Александар Кржаловски: МЦМС бил замислен како што е наведено во визијата и мисијата на организацијата: да биде „алката што недостига“ во општеството, која што ќе поттикнува и предводи промени, влијаејќи на сите релевантни чинители активно да учествуваат во креирање политики за постигнување одржлив мир, хармонија меѓу луѓето и просперитет. Уште од тогаш се гледаше и стремеше кон перспективата за скорешно членство на Македонија во ЕУ како самостојна, демократска и просперитетна држава. И самото име „за меѓународна соработка“, подразбираше спојување на домашните развојни потреби, со глобалните можности - како со финансии, така и со пренос на знаења и искуства, но и очекување по одреден, краток период на транзиција, МЦМС да „извезува“ експертиза надвор од Македонија и да помага и во развој на други земји, како што некои од основачите веќе и правеле во претходната држава - Југославија. Денес, за жал, многу од проблемите останаа: идентитетските прашања оспорувани од соседите и натаму се причина за забавување на процесите на целосна и непречена меѓународна афирмација и интеграција на државата во ЕУ,а тука се и сиромаштијата, растечките јазови во распределбата на ресурсите на државата, иселувањето и во последната декада, особено корупцијата како водечки проблеми кои директно ги засегаат македонските граѓани. Останува актуелна потребата за обнова или целосна реформа на политичкиот систем, развивање на граѓанската свест и политичката култура, за општа деполаризација и зголемување на довербата на граѓаните во институциите.

И според вашите последни истражувања, корупцијата е најголем проблем во Македонија во последниве години. Како ќе се справиме со тоа?

Справувањето со корупцијата е сложен и повеќеслоен предизвик кој бара активности од повеќе аспекти. Граѓаните ја рангирааат корупцијата како најголем проблем во општеството последниве три години, дури и пред сиромаштијата, невработеноста и високите цени. Од друга страна, голем број на граѓани прифаќаат коруптивни практики или би ги компромитирале своите вредности под притисок на околностите. Ова е значаен проблем во развојот на антикоруптивни политики и практики, бидејќи коруптивното однесување може лесно да се експлоатира од политички или бизнис-фактори. Кога зборуваме за перцепции, голем број на граѓани сметаат дека корупцијата не може да се намали значително, а за најкорумпирани професии ги сметаат токму оние што треба всушност да се во првите редови во борбата против корупцијата, како партиите, Владата, судиите и обвинителите. Токму ваквиот песимизам претставува опасност за поттикнување на повисоки стапки на прифатливост и вклученост во корупција.

Од некаде сепак мора да се почне, но граѓаните губат доверба дека тоа ќе се случи, имајќи предвид дека најмногу напредува неказнивоста.

Во борбата против корупцијата, првенствено мора да се елиминира неказнивоста, како најголеми поттикнувач на коруптивни дела. Тоа всушност ни го препорачува и Европската унија во својот последен извештај - казните за корупција да се зголемуваат и да ги има многу повеќе, а не да се намалуваат - како што се направи со измените на Кривичниот законик, и делата кои се однесуваат на корупција да бидат процесирани до крај и доведени до осудителни пресуди, а не да застаруваат. И, како што е вообичаено во борбата против корупцијата, примарно треба да се следи текот на парите и темелно да се проверуваат и следат јавните набавки со особено високи износи, на пример, проектот за коридорите или хидроелектраната Чебрен, за кои и општата и експертската јавност веќе изнесоа сериозни анализи не само за ризиците од корупција, туку и бесмисленоста на толкави трошоци - над милијарда евра во двата случаи, за бенефитите за кои се предвидени. Не е потребна голема интелигенција, ни природна ни вештачка, да се заклучи дека експропријацијата на земјиштето за коридорите ќе биде извор на голем грабеж на државните ресурси и нивно прелевање во приватни раце - верувам, внимателно селектирани во партиските штабови.

Во јавноста владее впечаток дека не постои суштинска отчетност ни почитување на довербата што граѓаните им ја дале на политичарите за одговорно да управуваат со буџетските средства. Колку тоа уште повеќе ја еродира довербата?

Никаквата лична одговорност при задолжувањата на државата (за разлика од приватните, каде банките бараат обезбедување и двојно поголемо од заемот), веќе нѐ доведе до презадолженост по глава на жител и поголема од времето на Југославија. Но сѐ додека партиите и политичарите немаат и не чувствуваат лична одговорност дека ние граѓаните сме им дале доверба одговорно да управуваат со заедничките средства, туку ја доживуваат државата и буџетот како фирма или акционерско друштво со ограничена или никаква одговорност, не можеме да очекуваме воведување ред и да нема нерационално, па дури и расипничко трошење на буџетот.

За жал, државата/иниституциите кои станаа „заробени“ во 2015/16 година, до денес не успеаја да се ослободат од партиските стеги и злоупотреби. Дури се добива впечаток дека заробувањето се „надградува и проширува“, доведувајќи до институционална дисфункционалност и драматично губење на довербата на граѓаните во нив. И со сето ова кажано погоре, ќе треба внимателно да ги слушаме новогодишните честитки на политичарите за време на празнициве, да ги споредиме со состојбиве кои треба драстично да се променат, па да ја употребиме таа анализа на претстојните избори пролетва, во надеж дека ќе добиеме луѓе со интегритет во власта, зошто без многу такви и голема политичка волја, секоја борба против корупцијата ќе е осудена на неуспех!

Во изминатиот период сите беа со „полни усти“ за европски вредности и стандарди, кои пак, ретко кој ги практикува. Каква е оценката на МЦМС на ова поле?

Вредностите и стандардите на ЕУ се навистина нешто што секој сака да прикаже дека му се блиски, но не секој ги практикува. А тие се општо познати и запишани во членот 2 на Договорот за Европската Унија: човечко достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и човекови права. Сведоци сме дека во последниве години има поголем расчекор меѓу изјавите на политичарите и нивните практики, особено од владејачката коалиција. Самата Европска Унија им укажа на тоа, би рекол со „ладен туш“ во последниот Извештај за прогресот на Македонија (измените во Кривичниот законик, постапките во Судскиот совет, злоупотребата на европското знаменце во Собранието и.т.н.), а кој всушност во голема мера се базира на сознанијата и истражувањата на граѓанските организации, но конечно и ЕУ реши да „зборува без влакна на јазикот“, т.е. да пишува без вообичаените дипломатски „обланди“.

Но, и ова е подлабок проблем, кој веројатно започнува уште од образовниот систем, а кој исто така се чини постојано назадува овие три децении, во кој треба да негуваме средина каде овие вредности не се само на хартија, туку вкоренети, живи, дишечки принципи, обликувајќи ги умовите на нашите идни лидери. Второ, неопходна е одговорност. Ако се залагаме за овие вредности, треба да се сметаме себеси и другите одговорни за нивното спроведување. Тоа значи јасен систем на проверки и поправки (check and balances), со што ќе се осигура дека нашите активности се усогласени со овие стандарди. Сега тоа го нема, со ваква поставеност на политичкиот систем, каде има доминација на три партии кои не се волни да се откажат од тоа и со години одбиваат да го променат изборниот законик кој би довел до поголема плурализација и распределба на моќта и би се зголемиле тие проверки и баланси во општеството. Сервилноста на пратениците кон Владата и партијата, наместо нивна контрола, како и веќе масовната неодговорност поттикната од претходно споменатата неказнивост на сите нивоа, доведува до разорување на институциите, општ пад на довербата на граѓаните и е двигател за натамошното иселување оттука.

Кога сме кај одговорноста, ние дури на крајот на годината дочекавме некоја оставка во М-Нав, и тоа од лица што не треба да да заминат. Ама на тие што треба да заминат не им текнува, како и на 100-тина други кои само од септември лани до денес самите требаше да се повлечат од функциите - што министри, што директори на институции, што службеници.

Без „длабок рез“, тешко дека нешто значително ќе се промени на подобро следниве години, па не би се изненадил некоја друга земја (пример, Холандија) да стави вето во следната прилика, дури и ако/кога ќе ги почнеме преговорите. А кога сме кај тоа, кога веќе ја загубивме целата 2023-та, годинава би морале да направиме исчекор со почеток на преговорите по поглавја, дали со поголемо парламентарно мнозинство или со дополнителни преговори со ЕУ и/или Бугарија, останува да видиме и да се надеваме!

Новата година е време на желби, надежи и очекувања. Што очекува МЦМС и што може да очекуваме од МЦМС во 2024 година?

Историјата на МЦМС ни покажува една, би рекол, малку непријатна закономерност - кога ситуацијата во државата не е добра, ние располагаме со поголеми финансиски средства за решавање на проблемите. Така беше во периодот од 1999 до 2021 година во време на косовска бегалска криза и на нашиот внатрешен конфликт, а по подолго време и релативно стабилна ситуација, повторно сме во ситуација на значително зголемен буџет за следните 3-4 години. Може да се заклучи дека меѓународната заедница (пред се ЕУ, САД и Швајцарија) согледуваат дека повторно треба засилена поддршка за граѓанските организации, бидејќи едноставно државните институции не ги испорачуваат потребните реформи и напредок, па со обновен граѓански ангажман и внатрешен/граѓански притисок треба да се придонесе работите да се поправат.

Тоа може да се очекува и од МЦМС, понатамошна поддршка на граѓанските организации во разни области, за нивно обновување или подобрување на врските со граѓаните, за нивни поголем општествен ангажман за одговор на потребите и менување на состојбите на подобро. Ќе продолжиме и со честите истражувања на состојбите за најакутелните прашања - не само на јавното мислење, да влијаеме на политиките и процесите на донесување одлуки, а особено ќе се концентрираме на следење на трошењата на државните и општинските буџети, со фокус на најголемите проекти - коридирите, Чебрен и слично, во обид да се укаже на можните точки на корупција, дел од нив да се спречат, а каде што ќе се случат - да се разоткријат и со тоа да придонесеме во намалувањето на корупцијата. Се надевам дека во тој процес ќе ни се приклучат многу граѓани, а би било добро и чесни политичари со искрена намера за искоренување на корупцијата, па со желби за заеднички успеси на тоа поле, на сите нив им ја честитам Новата 2024 година!

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми