1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

КСЗД: Клубот „Ванчо Михајлов“ дискриминира и вознемирува

ДТЗ
14 октомври 2022

Клубот ќе мора да ги отстрани сите спорни елементи кои вознемируваат, а прекор доби и Министерството за правда што дозволило вакви законски пропусти.

Битола
Бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола дискриминира и вознемируваФотографија: picture-alliance/dpa/R. Kaufhold

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди дискриминација по основ на национална и етничка припадност за основањето на здружението Културен центар „Ванчо Михајлов” – Битола. Утврдена е и индиректна дискриминација извршена од страна на Министерството за правда, поради пропуштање на извршување на своите законски надлежности, со коишто му овозможиле на здружението да врши противзаконски дејствија.

Продолжено и повеќекратно вознемирување

Комисијата постапи по овој случај по претставка поднесена од Сојузот на борците – ОО Битола од Народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија 1941-1945 година.

Весна Бендевска, членка на Комисијата, на денешната прес-конференција информираше дека комисијата утврдила продолжено и повеќекратно вознемирување како потежок вид дискриминација извршено од клубот „Ванчо Михајлов“ кон членовите, семејствата, поддржувачите и почитувачите на Сојузот на борците, но и кон македонскиот народ и припадниците на сите заедници во македонското општество.

Комисијата утврдила и продолжено повеќекратно повикување, поттикнување и инструкција за вознемирување од културниот клуб „Иван Михајлов“ кон Сојузот на борци – Битола и кон припадниците на македонскиот народ и заедниците.

Бендевска вели дека е извршена и индиректна дискриминација од Министерството за правда поради пропуштање на извршување на своите законски надлежности со што му се овозможило на културниот центар да врши дискриминација и вознемирување. Согласно законот, Комисијата откако ќе утврди форма на дискриминација должна е да донесе препораки за начинот на кој ќе треба да се отстрани ова еклатантно вознемирување.

Деновиве беше отворен и клуб на здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид, а се споменува можноста да никне и клуб Цар Фердинанд во БогданциФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Реакција

Но, од Министерството за правда реагираат на ваквите наводи на Бендевска. Тврдат дека немаат никаква надлежност да вршат надзор над работата на здруженијата, но и дека немаат дадено согласност за употреба на името ,,Иван Михајлов”.

„Министерството за правда единствено е надлежно да врши надзор на законитоста на примената на одредбите од законот“, се вели во реакцијата. Во однос на постапката за регистрација на здружението ,,Иван Михајлов‘‘, тие објаснуваат дека до нив на 27.02.2019 година е доставено барање за давање на согласност за регистрација во Централен регистар. Министерството за правда со допис од 05.03.2019 година доставило одговор на барањето со кое се известува подносителот дека согласно член 9 став (1) од Законот за здруженија и фондации, Министерството за правда издава одобрение за употреба на зборот ‘‘Македонија‘‘, зборовите изведени од него, како и неговите кратенки, за употреба во името на организацијата.

„Со оглед на тоа дека во називот на здружението – Културен центар Иван Михајлов, кое било во постапка и регистрирање во Централниот регистар, содржано е името на историска личност, а земен e предвид фактот дека не постои регистар на историски личности или кој било друг документ со кој може да се утврди статусот на историската личност, Министерството за правда не издаде одобрение за употреба на името ,,Иван Михајлов‘‘ во името на здружението“, се додава во реакцијата.

Препораки

Комисијата за заштита од дискриминација препорачува здружението да ги отстрани сите спорни елементи во името, статутот и програмата во рок од 45 дена и да ги отстрани сите спорни содржини од својата Фејсбук-страница кои предизвикуваат вознемирување поврзани со ликот и делото на Иван Михајлов во најкус рок, но не повеќе од 30 дена. Министерството за правда ќе треба да  изврши надзор врз законитоста на примената на одредбите на Законот за здруженија и фондации кој забранува да се организираат и формираат здруженија кои поттикнуваат ширење на расна нетрпеливост во рок од 45 дена и за тоа писмено да ја извести Комисијата. 

Комисијата во август изврши увид во просториите на здружението, коешто отвори и клуб со контроверзно име кој предизвика реакции,  кои  кулминираа со подметнат пожар. По него деновиве беше отворен и клуб на здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид, а се споменува можноста да никне и клуб Цар Фердинанд во Богданци. Државата засега нема механизам за да ја спречи појавата на бугарски клубови со контроверзни имиња, кои што се доживуваат како провокација. Во најава се законски измени, а во меѓувреме и ад хок тело на Министерството за правда ќе биде филтер којшто ќе оценува кои здруженија ќе можат да бидат регистрирани во земјата. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми