Куфери полни обвинувања - и Заев во вртлогот на кампањата
7 октомври 2025
Предизборните препирки меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и првиот човек на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче го вратија поранешниот премиер и лидер на социјалдемократите, Зоран Заев на политичката сцена во Македонија. Заев кој изминатиот период, по повлекувањето од лидерската позиција, речиси воопшто не учествуваше во јавниот живот во земјата. Но, откако премиерот Христијан Мицкоски го спомена во рамките на предизборниот караван на партиските митинзи во земјата, се отвори „куферот“ полн со обвинувања, којшто го повлече Заев во вртлогот на изборната кампања за локалните избори во октомври.
„Куферчиња од Бугарија“
Мицкоски за време на викендот од митингот во Куманово порача дека предлог-резолуцијата за црвените линии на СДСМ е тројански коњ и нов подарок за Бугарија.Тој изрази сомнеж за мотивите зад предлогот на СДСМ, потсетувајќи на минати изјави за финансиска поддршка од Бугарија.
„Се сеќавам, не заборавам, дека поранешниот премиер на нашиот источен сосед јавно зборуваше дека финансиски ја помогнал таа опција на СДС директно преку куферче пари кон неговиот гуру и ментор од Струмица“, рече Мицкоски. Според него, логично е да се верува оти СДСМ повторно тропнале на истата врата, а дека подарокот што Бугарија може да го плати е „нов предлог за ново предавство на националните и државни интереси“.
Заев по подолго време се огласи на социјалните мрежи, порачувајќи дека станува збор за невистини, лаги и клеветења за наводни ‘куферчиња со пари од поранешен премиер од Бугарија’.
„Небулози, клевети и навреди се методите на Мицкоски со кои сака да се оправда за катастрофата која ѝ ја нанесува на целата држава. Неспособноста да испорача макар и еден единствен резултат во која било сфера од општеството и политиката, залиена со неговата самобендисаност и аздисаност ќе го турне во политичка провалија. Но, ќе мораме да внимаваме да не ни ја повлече и државата со себе во таа провалија“, порача Заев.
Во објавата на социјалните мрежи тој додава: „Кога сме веќе кај куферите, видовме во снимките што сами си ги пуштија во јавност дека експерти за куфери со пари се токму неговите поддржувачи и финансиери. Оние за кои се фалеше дека му ги плаќале сметките за струја во Белата палата, оние несудени бугарски конзули и осудени криминалци пуштени да се бранат од слобода за да ја напаѓаат опозицијата.
Кој ги влече конците?
Но, појавувањето на поранешниот лидер на СДСМ и експремиер, Зоран Заев, во јавност преку објава на социјалните мрежи, за потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и вицепремиер, Александар Николоски, е само доказ дека тој е лидерот во сенка на СДСМ, кој ги влече конците во оваа партија.
„И овој СДСМ му служи само на Зоран Заев, ѝ служи на ДУИ и на Али Ахмети, коишто гледаат своја повторна можност, повторна шанса во политиката. Човекот којшто ги нанесе најголемите национални порази на Македонија, најголемите национални предавства и во чиешто време криминалот цветаше и корупцијата царуваше, во чиешто време се случија најголемите корупциски афери, наеднаш се појавува во кампањата за да му покаже и на Венко Филипче и на цел СДСМ кој во суштина ја води партијата“, рече Николоски на прес-конференција во понеделникот (06.10).
Тој смета дека опозициската партија има концесии, особено кон источниот сосед, за што многу јасно говори и предлог-резолуцијата што Филипче неодамна ја понуди во македонското Собрание. „Очигледно Заев ја пишувал, а Венко Филипче ја поднесе“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче на 25 септември ја презентираше Резолуцијатаза дефинирање на заедничките државни и национални позиции за продолжување на европскиот пат на Македонија. Станува збор за предлог-решение за коешто СДСМ бара да се постигне национален консензус со цел да се отстранат сите грижи, сомнежи и дилеми поврзани со заштитата на идентитетските обележја во текот на процесот на пристапување кон ЕУ.