1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кулминираа недоразбирањата околу Град Скопје

ДТЗ
20 август 2024

Кулминираа недоразбирањата меѓу Владата и Градот Скопје. Додека двете страни си ја префрлаат вината, градот тоне во смет, а неизвесно e како учениците ќе одат на училиште поради кусокот на автобуси во јавниот превоз.

Данела Арсовска
Арсовска смета дека беспотребно ја напаѓаат и бараат оставка и одговорност од неа, кога вината лежи на друго место - кај ВМРО-ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski/DW

Недоразбирањата и препирките меѓу Владата и Градот Скопје место да се смират – кулминираа по средбата којашто се одржа во понеделникот (19.08) меѓу премиерот Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа, Златко Перински и скопската градоначалничка Данела Арсовска. Пред почетокот на школската година градот е оставен на милост и немилост. Место решение за проблемите со јавниот превоз, функционирањето на јавните претпријатија и сметот во којшто се гуши градот, двете страни продолжуваат со меѓусебни обвинувања, без конкретни планови како да се најде решение на бројните проблеми во коишто тоне главниот град. 

Сомнеж за позитивен епилог 

Откако министерот за локална самоуправа Златко Перински по средбата во понеделникот изрази сомнеж дека работите би можеле да тргнат во вистинскиот правец, градоначалничката Данела Арсовска на прес- конференција во Град Скопје со сите оружја ги нападна советниците на ВМРО-ДПМНЕ, коишто „стоеле некогаш зад неа и давале ветувања“ - дека сега со своето негласање го блокираат токму исполнувањето на тие ветувања во Градот Скопје.

„Град Скопје не може ништо да исполни додека 45 советници не престанат да ги блокираат програмите што го прават со години. Владата треба да си го подмири долгот од 8 милиони евра“, децидна е скопската градоналачничка. Тврди дека беспотребно ја напаѓаат и бараат оставка и одговорност од неа, кога вината лежи на друго место. Порача дека сѐ зависи од одлуките на Советот на Град Скопје и дека таа законите не може да ги крши. 

Се бараат нови решенија 

Арсовска порача дека на средбата со Мицкоски во Владата предложила решенија за проблемите со кои се соочува Град Скопје, но оцени дека оваа средба делувала повеќе како „политички циркус за добивање политички поени”. Од Владата ѝ дадоа рок до четврток да изготви нови предлози коишто ќе треба да ги презентира пред советниците.

„Ќе изготвуваме нови предлози сѐ додека не им се допаднат во Владата“, порача таа.

Генерален заклучок од средбата, според Арсовска, е немањето комуникација помеѓу советничките групи во рамки на Градот Скопје. „Добро е тоа што Мицкоски се обиде да ги поправи грешките на неговите сопартијци. За жал, сето тоа наликуваше на политички циркус само за добивање на политички поени. Јас не се натпреварувам за политички поени“, рече таа. 

Скопје тоне во проблеми 

Министерот Перински по средбата во Владата рече дека не слушнале ништо конструктивно од градоначалничката во однос на решавањето на проблемите со Јавното комунално претпријатие и Јавно сообраќајно претпријатие.

„Јавните претпријатија не можат да вработат 120.000 луѓе, ако таа програма не е помината на Совет на Град Скопје. Тоа би било незаконски. Доколку ги слушаа моите планови сега ќе имавме целосно нов возен парк. Не ги ветуваше Мицкоски автобусите покрај мене? Во Скопје ме гласаа 45 советници, но тука во Советот не гласаа ништо. Да можев без нив, досега градот ќе беше тип-топ. Станав непопуларна градоначалничка откако ги фатив со рачињата во медот“, рече Арсовска, која што смета дека без опструкции уште во 2022 година ќе ги исполнела сите ветувања. 

Арсовска и Мицкоски си ја префрлаат одговорноста - Скопје оставено на милост и немилостФотографија: Petr Stojanovski/DW

Меѓу нив е и изградбата на Пречистителната станица во Скопје, за која Арсовска вели дека ѝ е жал што што е во застој еден од најгоголемите проекти во главниот град. „Но, се работи за европски средства и за луѓе кои беа фатени со „рачињата во медот“, вели таа. Сериозен проблем има и со јавниот превоз, каде недостигаат автобуси во пресрет на почетокот на школската година. 

„Секоја година по 50 години ако набавувавме, ќе имавме досега 150 автобуси. За жал на средбата рекоа дека нема пари во буџетот. Можеа како Груевски да се одважат, па да купат 250 автобуси, немаше да имаме ништо против. Но, тие не понудија ништо“, вели Арсовска.  

Нема да се укинува бесплатниот превоз за студентите 

И покрај долгот од осум милиони евра во којшто се гуши ЈСП, Арсовска е децидна дека бесплатниот студентски превоз не треба да се укинува.  

„Не го прекинуваме слободното возење за студентите. Има зошто се вика студентски стандард. Најдете јунак кој ќе каже дека не треба да им се плаќа на студентите за тоа. Тоа е владина одлука донесена пред 10 години и нема причина зошто сега да не се спроведува“, вели таа.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми