1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Градоначалниците на Струмица и Карпош го напуштаат ЗЕЛС

ДТЗ
24 октомври 2024

Општина Струмица ја напушта Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), а нејзиниот пример ќе го следи и градоначалникот на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

Струмица
Градоначалниците на Струмица и Карпош го напуштаат ЗЕЛСФотографија: Arbnora Memeti & Emilija Petreska/DW

Општина Струмица ја напушта Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), а нејзиниот пример ќе го следи и градоначалникот на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Од Општината соопштија дека Костадинов ќе поднесе оставка и на функцијата член на Управниот одбор. Напуштањето на ЗЕЛС, според општината, е во знак на револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици - водата за пиење, но и по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит.

Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, на социјалните мрежи објави дека ќе испрати и официјален допис, во кој ќе ја извести ЗЕЛС дека не ја заслужува партиципацијата на градот со кој раководи.

„Го напуштаме ЗЕЛС, со целата одговорност, обиди за соработка, партнерски однос, доволно е. Филозофија без прагма, штета за која ја плаќаат граѓаните! Ова е еден од најголемите скандали во Европа за повреда на човековите права, за уставните права и слободи. За мојата Струмица, компромиси немало, нема и нема да има! Нека ви е со среќа“, порача Костадинов. 

Во Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) засега нема пристигнат официјален допис од Општина Струмица дека сака да ја напушти организацијата. Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски го повикува Костадинов добро да размисли пред да донесе таква одлука која е на штета на општината и на граѓаните. 

„За да се пристапи кон одредена изјава или одредени обвинувања, особено кон ЗЕЛС, треба претходно да се седне и да се разговара. Апелирам до двајцата колеги да се вразувам и малку посериозно да погледнат на овие нивни потези, затоа што Орце не може самоиницијативно да одлуки како градоначалник на Кисела Вода да ги стави во заложништво сите граѓани повлекувајќи личен потег или потег побуден од различна политичка причина или понуда“, изјави Ѓорѓиевски.

Нарушување на единството

Реагираше и министерот за локална самоуправа Златко Перински. Тој вели дека секоја најава за нарушување на единството му штети и на ЗЕЛС и на сите општини.

„ЗЕЛС е единствената асоцијација на единиците на локалната самоуправа која што има мандат да ги застапува нивните интереси пред Владата. Добро е и во иднина да остане така. Ваквото однесување сериозно ја нарушува позицијата на ЗЕЛС, затоа што само единствен ЗЕЛС може да биде сериозен партнер на Владата во разговорите за унапредување на системот на локалната самоуправа и на развојот на општините, зад што оваа Влада застана многу отворено и јасно и преку конкретни решенија тоа веќе го потврдуваме“, вели Перински во изјава за МИА.

Ваквите потези, според Перински, не се решение. Со пренасочување на вниманието и политизирање на случајот, губат сите, а најмногу граѓаните, вели тој. 

Што претходеше на овој чекор? 

Ваквиот чекор следи откако Струмица веќе неколку недели се соочува со забрана за користење на водата за пиење. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) препорачува водата од струмичкиот водоснабдителен систем да не се користи, бидејќи не е исправна за пиење - прво имаше манган, а потоа и бактерии. Но, Костадинов го тврди спротивното. 

„Борбата против Струмица продолжува, чекаа, калкулираа и преку медиуми се научивме дека не ни даваат решение за водата. Одговорно тврдам, а потврда за тоа ќе бидат резултатите кои повторно ќе бидат објавени, дека водата е исправна и хемиско физичкиот состав и микробиолошки“, објави деновиве Костадинов, најавувајќи дека наскоро ќе излезе на виделина „вистината и за водата, но и за сите притисоци, врз инспектори, врз вработени во ИЈЗ само да не се кажуваат јавно резултатите“.  

„Ние струмичани сме трпеливи, сме издржале многу неправди, ќе го издржиме и ова“, порача градоначалникот на Струмица.  

И Карпош по неговите стапки 

И градоначалникот на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски, најави дека размислува да му се придружи на Костадинов и на Општина Струмица во намерата да ја напуштат ЗЕЛС, поради „поради големи притисоци од страна на централната власт“.

„Причини за напуштање на ЗЕЛС има многу. ЗЕЛС ги премолчи сите притисоци што ги трпиме од министрите од оваа влада. Не сум прв пат градоначалник. Но, ова е невидено што го прават министрите од владата на Мицкоски. Не знам дали е по негова директива, или не е, но гледате што прават со градоначалникот на Струмица. Градоначалникот да имал чиста вода за пиење. Министерот си ја решил ситуацијата во земјоделието, па се фатил со детено „водата, па водата“. Наместо да му помогне како министер, видете тој што прави. Што прават со мене тука“, рече Јакимовски. 

„И јас ќе се придружам на Општина Струмица. И така одамна се спремам да ја напуштиме ЗЕЛС. Нека си прават таму партиска забава“, вели Јакимовски. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Тој неодамна влезе во клинч со Владата, откако одлучи да го одложи греењето во училиштата во Општина Карпош. Од Владата побара да ги покрие трошоците за греење на општинските основни училишта во висина од 8,3 милиони денари, зашто локалната самоуправа, според него, не е должна да го прави тоа. 

Јакимовски смета дека нивниот пример треба да го следи и градоначалничката на Градот Скопје, Данела Арсовска, бидејќи градот е главен финасиер на ЗЕЛС, а за возврат не добива ништо.

Неодамна Град Скопје не доби пари од Владата за ниту еден од 20 проекти со кои аплицираше на огласот за помош на Општините за реализација на инфраструктурни проекти. Одбиени беа и проектите на Општините Струмица, Сарај и Теарце оти не ги исполнувале условите.

Премиерот Христијан Мицкоски при посетата на тетовското село Радиовце на 17 октомври рече дека на Струмица, Сарај, Теарце и Скопје не им биле одобрени проектите поради грешки во аплицирањето, но дека рокот за доставување на проектите ќе биде продолжен до 15 ноември и се надева оти дотогаш и овие четири општини ќе ги поправат грешките и ќе можат да добијат пари за предвидените проекти.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми