Ламбсдорф - новиот човек на Германија во Москва
24 јуни 2023Кога Александар Граф Ламбсдорф за неколку недели ќе ја преземе веројатно најтешката дипломатска работа која Германија во моментов може да ја понуди, 56-годишниот пратеник од Бундестагот ќе може да употреби еден адут: тој веќе го знае јазикот. Уште во 1997 година требаше да биде економско аташе во германската амбасада во Москва и вредно го учеше рускиот јазик на двомесечен интензивен курс во Новосибирск.
На крајот од таа работа не бидна ништо бидејќи тогашниот министер за надворешни работи Клаус Кинкел го назначи за шеф на својот кабинет. Дури сега, по 25 години, кругот се затвора и политичарот од редовите на Либералите доаѓа во Москва. Својата херкуловска задача ја гледа во тоа „недвосмислено, но дипломатски да ù соопштам на руската страна како германската влада ги гледа нештата”.
Меѓународната политика отсекогаш во фокусот
Биографијата на Граф Ламбсдорф е како апликација за неговата нова функција. Роден е во Келн како син на дипломатот Хаген Граф Ламбсдорф. Се школувал во Брисел и Бон, а подоцна студирал европска историја во Бон и Вашингтон. Темата на дипломската теза му била „Соработката на фашистичките групи во Европа во 20-тите години”. Еден од неговите предавачи во главниот град на САД била и Медлин Олбрајт, подоцнежната државна секретарка на САД.
Од 1993 година работел за консултантската компанија Мекензи, Европската комисија и Фондацијата Фридрих Науман во Талин, Естонија, пред да започне со дипломатска обука во 1995 година. На почетокот на новиот милениум работел во канцеларијата за планирање при Министерството за надворешни работи, во одделението за медиуми во амбасадата во Вашингтон и како известувач за Русија.
Презиме кое обврзува
Кога станува збор за Русија и Москва, Граф Ламбсдорф чекори по татковите стапки. Од 1982 до 1985, за време на челичната завеса, неговиот татко беше на чело на одделението за култура во амбасадата на Германија. Александар Граф Ламбсдорф како тинејџер неколку пати ја има посетено руската престолнина.
Уште повпечатлива е кариерата на неговиот чичко, Ото Граф Ламбсдорф. Од 1977 до 1984 година тој беше германски министер за земјоделие и потоа претседател на Либералите.
Неговиот внук во политиката влегува во 2004 година - откако е избран за пратеник во Европскиот парламент, Александар Граф Ламбсдорф го напушта министерството за надворешни работи. 13 години во Брисел е претставник на Либералите, а во 2014 станува и потпретседател на Европскиот парламент. Сепак, негова страст останува меѓународната политика. Граф Ламбсдорф ги предводи набљудувачките мисии во Кенија, Бангладеш и Гвинеја, дел е од делегацијата за односи со Кина и во 2015 година повикува да се прекине процесот за пристапување на Турција во ЕУ.
Министерството за надворешни работи им припадна на Зелените
Граф Ламбсдорф, татко на две деца, во Германија се врати во 2017 година. Преку листата на Северна-Рајна Вестфалија влегува во Бундестагот и веднаш е избран за заменик претседател на фракцијата на Либералите каде е одговорен за надворешна политика. Четири години подоцна на сојузните избори во 2021 година, успеа да добие уште еден мандат, но Либералите при поделбата на министерските ресори останаа со празни раце и министерка за надворешни работи стана Аналена Бербок од Зелените.
Но, токму таа политичарка на Граф Ламбсдорф му го понуди амбасадорското место во Москва. Граф Ламбсдорф кој од секогаш беше заговорник за посилна воена поддршка на Украина и гасоводот “Северен тек 2” го нарече “геополитичка глупост и дипломатски дебакл”, не размислуваше долго за да прифати.
Со Александар Себастијан Леонс Фрајхер фон дер Венге Граф Ламбсдорф, како што се вика со полно име, Германија во претстојните години во Москва ќе може да смета на дипломат кој не верува во остра реторика. Како што откри во интервју за „Берлинер Моргенпост”, тој во Москва сака да ја следи политиката на надворешнополитичката икона на Либералите, Геншер. „Филозофијата на Геншер беше дека ако дозволиме да се прекине дијалогот, нема да забележиме ако било што се промени”, вели Граф Ламбсдорф.