Латинска Америка: Офанзива на ЕУ против Русија и Кина
27 август 2022Повеќе од 600.000 жители на Џоинвил во бразилската држава Санта Катарина се со германско потекло. Па каде, ако не таму, германските компании можат профитабилно да работат. Но, на овогодинешниот традиционален Саем на пластика немаше ни трага за некаква предност за Германија.
„Слушнав од претставник на компанија која се занимава со машини за пластика дека еден кинески конкурент ги понудил своите машини без аванс и на 45 месечни рати, без камата. Нашите компании не можат да се натпреваруваат со таков вид финансирање“, вели Томас Улбрих.
Улбрих е генерален директор на германското здружение за машинско инженерство ВДМА во Сао Паоло и вели дека чувствува дека влијанието на Кина во Бразил расте од ден на ден. На германските и европските компании, додава тој, им е сè потешко да бидат во чекор со компаниите од Кина. „Кинеските банки, кои имаат само неколку филијали во Сао Паоло, главно се користат за финансирање на проекти на кинески компании“, вели Улбрих.
Пекинг сака да ја круниса својата стратегија за Латинска Америка на крајот на ноември во Гвајакил, Еквадор. Се е подготвено за потпишување на билатерален договор за слободна трговија со Еквадор, што ќе се случи во рамките на 15. бизнис самит Кина - Латинска Америка.
Долгорочна стратегија на Кина
Помеѓу 2000 и 2020 година, Кина ги зголеми своите инвестиции во Латинска Америка за неверојатни 26 пати. Во многу градови и региони, таа е трговски партнер број еден или барем број два – ја замени ЕУ, а често и САД.
Клаудија Гинтерсдорфер има многу да каже за тоа како Кина освои цел континент за само две децении. Таа четири години живее во Уругвај, четири години живееше во Бразил, а три години беше шеф на американскиот оддел на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
„Секогаш бев изненадена колку добро кинеските амбасадори во регионот зборуваа шпански и во исто време го разбираа менталитетот. Тука беше донесена цела генерација експерти. На некој начин, Кина го зазеде нашето место, меѓу другото, затоа што шефот на државата, Си Џинпинг, одвои време да разговара со сите по телефон“, вели Гинтерсдорфер.
Целта на тие разговори беше пред се да се заинтересираат земјите од Латинска Америка за т.н проектот Нов пат на свилата. И тоа успеа: 21 од 33 земји се вклучени во интерконтиненталната трговска и инфраструктурна мрежа, што значи дека Кина е се поблиску до контролата на најважните трговски патишта во светот. Крајно време е, веруваат во Европската Унија, да се направи нешто за да се спротивставиме.
ЕУ смета на шпанското претседателство од јули 2023 година
Брисел сака да започне дипломатска и економска офанзива во Латинска Америка со инвестиции од 3,4 милијарди евра. Почетокот треба да биде состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ и Заедницата на државите од Латинска Америка и Карибите (CELAC) на 27 октомври во Буенос Аирес. Истовремено, Унијата полага големи надежи за шпанското претседателство во втората половина на следната година.
„Ние едни со други се земаме здраво за готово, што може да доведе до тоа односите да не се развиваат на вистински начин“, вели Гинтерсдорфер. „Истовремено, ние, ЕУ, сме сериозен партнер и многу добра трета алтернатива. Со нас регионот не мора да избира меѓу САД и Кина“.
Европската Унија, вели тој, сака да ја поддржи Латинска Америка по пандемијата „на социјален и интегративен начин“, таа сака „да промовира проекти за заштита на климата, со клучен збор „Зелен договор“ “, сака да „промовира дигитализација “, што подразбира и натамошно проширување на трансатлантскиот телекомуникациски кабел со оптички влакна меѓу Португалија и Форталеза, Бразил. „Кога станува збор за дигитализација, балтичките земји го предводат патот“, вели дипломатот на ЕУ. „Треба да се вклучат и други земји, а не само Шпанија, Португалија и Германија“.
Конкурент е и Русија
Вратете ја довербата – тоа е мотото, кое беше значително нарушено за време на пандемијата. Латинска Америка залудно чекаше долго време вакцини од ЕУ, бидејќи иницијативата Ковакс за подеднаков пристап до вакцините ширум светот не успеа како што замислуваа во Брисел. Во меѓувреме, Кина ревносно доставуваше вакцини, како и Русија својата вакцина Спутник.
Европската Унија и дипломатот Клаудија Гинтерсдорфер имаа полни раце работа обидувајќи се да ги придобијат Латиноамериканците за резолуцијата на Генералното собрание на ОН за рускиот напад врз Украина . Брисел успеа да го прослави тоа гласање како успех: повеќето земји ја осудија руската инвазија, а само Боливија, Салвадор, Никарагва и Куба беа воздржани, додека Венецуела немаше право на глас.
Важноста на договорот Меркосур
Целта на офанзивата на ЕУ во Латинска Америка е да се потисне влијанието на Русија и Кина, а во исто време да се подобрат односите со регионот со „квалитативен скок“. А, што може да биде подобар доказ за тоа од конечното спроведување на договорот за слободна трговија со земјите од Меркосур (Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај) по повеќе од 20 години преговори?
Со промената на власта во Бразил и враќањето на Лула да Силва, тоа не е невозможно, според Клаудија Гинтерсдорфер: „Имавме таква констелација на сили во Латинска Америка што тоа беше можно, но ние Европејците имавме проблеми - многумина во ЕУ говореа дека (претседателот) Болсонаро ја пали прашумата и затоа не може да се потпише договор со него. И тој договор би бил важен знак, не само економски, туку и политички“.