1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лавина амандмани за законските измени за коридорите

ДТЗ
11 април 2023

Предлогот за зголемување на работната недела од 40 на 60 часа за работниците на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради „Бехтел и Енка“ отвори низа дилеми во јавноста.

Собрание
Лавина амандмани за законските измени за коридоритеФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Предлогот за зголемување на работната недела за работниците во случаите кои се од национален и стратегиски интерес, како што е проектот за изградба на автопатиштата од коридорите 8 и 10д што ќе ги гради „Бехтел и Енка“ отвори низа дилеми во јавноста. Опозицијата обвинува дека Владата се обврзала да ѝ плаќа огромни пенали на компанијата доколку не се зголеми работната недела во период од 45 дена од потпишувањето на договорот. Преку „суштински“ амандмани ќе се обидуваат да го успорат брзото донесување на законите кои се однесуваат на градењето од Коридорите, а амандмани најавуваат и од другите партии. ВМРО-Народна партија побара Владата да го објави Договорот со конзорциумот Бехтел - Енка.

Нема да се плаќаат пенали

Од Владата, пак, тврдат дека нема да се плаќаат пенали на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ кој ќе ги гради коридорите 8 и 10-д доколку не му овозможи поголема работна недела, но во таков случај на сметка на државниот буџет ќе бидат сите трошоци за изградба на автопатиштата откако ќе помине предвидениот рок за изградба од речиси пет години.

Измените во Законот за работни односи, кои се пред Собрание, се однесуваат само на проекти од стратешки и национален интерес и вклучуваат решение со кое градежните работници ќе добиваат надоместок од 50% повеќе за секој час работа во недела и ќе добиваат надоместок за прекувремена работа за останатите прекувремени часови. За сето ова, претходно ќе биде обезбедена писмена согласност од самиот работник, објаснуваат од Влада.

За спорните моменти од договорот се заинтересира и Комисијата за заштита и спречување дискриминација, која најави дека ќе ја разгледа предлог-законската измена предложена од пратениците од мнозинството во врска со зголемување на работната недела, за да се види дали има простор за покренување постапка по службена должност. Ако до Комисијата пристигне претставка од граѓани, тогаш би се постапувало по Законот за спречување и заштита од дискриминација, најави на прес-конференција Игор Јадровски, член на Комисијата. 

Неуставно зголемување на работната недела

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во гостувањето на Сител во понеделникот (10.04) рече дека доколку законски не се измени работното време односно од 40 часа неделно не се зголеми на 60 часа, тогаш државата ќе плаќа пенали од три вида, еднократно 53 милиони евра, секој месец 1 милион 265 илјади евра на веќе постојни трошоци, кои што треба да се платат во договорот и дополнителни 900 илјади евра.

Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски денеска повтори дека  неуставен е делот за зголемувањето на работната недела, и најави дека ќе бараат одговорност по промената на власта.

„Уставниот суд по ова прашање веќе се изјаснил многу пати во минатото. Некој свесно знаел дека ова што го бараат е невозможно, а сепак одлучил тоа да го направи, односно да потпише договор со кој свесно презема обврска од буџетот на државата да исплати стотици милиони евра во форма на пенали, кон компанијата која што е изведувач на овој проект“, изјави Мицкоски при посетата на Општина Зрновци.

Предлогот за зголемување на работната недела за работниците на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради „Бехтел и Енка“ отвори низа дилеми во јавноста.Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Со амандмани ќе се штити државниот интерес

ВМРО-ДПМНЕ ќе пристапи кон изготвување на суштински амандмани со цел подобрување на законите кои се однесуваат на градењето на Коридорите 8 и 10д и избегнување на штетите кои би ги трпела државата. Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова информираше дека веќе имаат поднесено амандмани за Законот за работни односи, којшто беше ставен на дневен ред на попладневната седница на собраниската Комисија за труд и социјална работа. Станува збор за еден од осумте закони за кои владејачкото мнозинство предложи измени, со цел да се забрза почетокот на  изградбата на коридорите 8 и 10д.

Пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов поднесоа 1.111 амандмани до Собранието против предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, којшто сметаат дека е штетен. 

Амандмани на предлог-законите поврзани со изградбата на Коридорите 8 и 10д најавија дека ќе поднесат и од ВМРО-Народна партија. „Целта е заштита на државниот интерес, обезбедување еднакви законски одредби и еднакви услови за изведувачите на големи градежни работи, почитување на правата на работниците кои ќе работат на проектите и заштита на животната средина“, порача на прес-конференција пратеникот на партијата, Љупчо Балкоски.

„Меморандумите со државите низ кои што поминуваат европските Коридори 8 и 10, се потпишани во 2001 и 2002 година, со што тогашната Влада на премиерот Георгиевски се определи Македонија да биде членка на Европската транспортна мрежа. Затоа, доставуваме предлог до Владата за изградба на автопатско решение на комплетниот Коридор 8 и од Куманово до ГП Деве Баир, затоа што предлог-законот го дефинира само делот од Тетово до ГП Ќафасан, а не целиот Коридор 8, а исто така и изградба на автопатско решение на комплетниот Коридор 10д од Велес - Прилеп - Битола до ГП Меџитлија“, вели Балкоски.

Партијата побара Владата да го објави Договорот со Бехтел и Енка или да го презентира на коморите, стручните здруженија и невладините организации.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми