1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лавина реакции во Софија - жестоки критики за Скопје

ДТЗ
18 мај 2023

„Ова е доктрина заснована на антибугарска идеологија. Потребно е време додека РСМ да застане меѓу демократските земји и ние мора да помогнеме во овој процес“, вели шефот на бугарската држава, Румен Радев.

Румен Радев бугарски претседател
Лавина реакции во Бугарија - споредбите со Русија се оценуваат како неправдаФотографија: BGNES

Лавина реакции во Бугарија предизвикаа изјавите на македонскиот државен врв кој деновиве  го критикуваше односот на Софија кон Скопје. На изјавите на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот Стево Пендаровски реагираше и бугарскиот претседател Румен Радев, но и бугарски пратеници кои порачаа дека е „неправда некој денес да се осмели да ги спореди со Руската федерација“. 

„Раководството на Република Северна Македонија мора да ги убеди своите граѓани, а не Бугарија, дека гради демократска држава. Земја во која не се пука по бугарските клубови и не се палат, каде Бугарите не се подложени на систематско малтретирање, физичко насилство и монтирани судења“, рече бугарскиот претседател Румен Радев на Годишната конференција на началниците на одбраните од балканските земји во Софија, одговарајќи на новинарски прашања поврзани со односите РСМ-Бугарија. Лидерката на БСП, Корнелија Нинова порача дека иницираат генерална декларација на Националното собрание (НА) за осуда на односот на Република Северна Македонија (РСМ) кон Бугарија

Ваквите реакции следат по изјавата на македонскиот премиер Димитар Ковачевски за време на четвртиот самит на Советот на Европа во Рејкјавик, каде изјави дека „дискурсот што Бугарија го користи кон Северна Македонија за жал е многу сличен на дискурсот што го користи Руската Федерација кон Украина“. 

Радев со остра реторика

На самитот на Советот на Европа во Исланд, македонскиот премиер во средата (17.05) потенцираше дека Северна Македонија е меѓународно признаена како функционално модерно мултиетничко општество каде што се почитуваат сите права.

„Сите извештаи го потврдуваат тоа“, рече Ковачевски. Тој оцени дека обвинувањата наведени на Самитот од страна на претставникот на Бугарија се целосно неосновани и доаѓаат од земја која што не ги почитува  пресудите на Европскиот суд за човекови права и стандардите на Советот во областа на човековите права.

На оваа изјава реагира бугарскиот претседател Радев, кој вели дека раководството на РСМ може да тврди дека гради модерно, мултиетничко општество кога ќе најде сила да ги вклучи сонародниците на Гоце Делчев во својот Устав.

„Јас бев личноста која во 2021 година за првпат го постави прашањето за правата на Бугарите во РСМ пред сите европски институции и партнери. Овој процес траеше една година, две вета на Советот за проширување до нашите европски партнери и институциите сѐ додека не се обединат дека има проблем кој не е билатерален, туку европски, бидејќи се однесува на Копенхашките критериуми за членство“, коментира Радев на прашањето „дали чувствува одговорност што за време на неговиот мандат имало репресии врз Бугарите во РСМ“. 

Премиерот Димитар Ковачевски на самитот на Советот на Европа потенцираше дека Северна Македонија е меѓународно признаена како функционално модерно мултиетничко општество, каде што се почитуваат сите праваФотографија: Government of North Macedonia

Нема напредок

„Благодарение на овие напори и условот што го поставив - Бугарите во РСМ да бидат вклучени во Уставот на државата како задолжителен услов за почеток на преговорите за членство, се разви самата преговарачка рамка во францускиот предлог“, додаде Радев. Според бугарскиот претседател, ова е процес кој трае со децении. „Ова е цела доктрина заснована на антибугарска идеологија. Очигледно е потребно време додека РСМ да застане меѓу демократските земји и ние мора да помогнеме во овој процес“, посочува шефот на бугарската држава. 

Тој наведува дека има составен дел од преговарачката рамка, а тоа е протоколот меѓу двете земји каде, според него, нема напредок. Тука се учебниците, таму е јазикот на омразата, тука се медиумите, тука е отворањето на архивите и извинувањето за етничките репресии врз Бугарите низ годините, посочи Радев. 

Споредби и разлики

На прашањето за споредбата на македонскиот премиер Ковачевски за односите Софија-Скопје, како Москва-Киев, Радев рече: „Дали во Бугарија има луѓе кои се идентификуваат како Македонци - има. Но, овие луѓе имаат целосни права на еднакви основи со сите бугарски граѓани.Тие не се прогонувани, нема монтирани судски процеси против нив, нема палење, пукање, нема тепање. Можат да работат во администрација на сите нивоа, може да се кандидираат кај нас“, вели Радев и додава: „Тие имаат целосни права, никој не ги ограничува, ниту ги прогонува. Ова е големата разлика и мора да се разбере. Додека Бугарите во РСМ се предмет на систематско малтретирање“.

Лидерката на БСП, Корнелија Нинова, вели дека иницираат генерална декларација на Националното собрание (НА) за осуда на односот на Република Северна Македонија (РСМ) кон Бугарија. Причина за тоа, според неа, се „ многу неприфатливи зборови и постапки од страна на официјалните власти на Северна Македонија“. 

„Времето потврди дека ние од 'БСП за Бугарија' бевме во право кога со нашите гласови не го поддржавме влезот на Република Северна Македонија (РСМ) во Европската Унија, но тоа не е доволно“, истакна Нинова. Таа ја коментираше изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека се одлучува на кое лице, во која прилика не смее да му биде дозволен влез во Република Северна Македонија. 

Реагираше и Георг Георгиев од името на ГЕРБ-СДС. „Ако денес, на некој начин, некој се осмели да нѐ спореди со Руската Федерација, тогаш мораме многу сериозно да им обрнеме внимание и да издадеме предупредување, но ова предупредување мора да биде и до нас самите, бидејќи во наши раце е алатката преку која ние можеме да се справиме и да ја исправиме оваа неправда“, вели тој. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми