1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светислав Пешиќ се пензионира на крајот на сезоната

1 април 2026

По 44 годишна тренерска кариера легендарниот Светислав Пешиќ најави дека по завршувањето на сезоната со Бајерн Минхен ќе се повлече од кошарката.

Светислав Пешиќ на мечот против Црвена Ѕвезда. март 2026
Светислав Пешиќ се повлекува од кошарката на крајот на сезонатаФотографија: Filip Stevanovic/Anadolu/picture alliance

Во хотелската соба, додека лежел буден во креветот, Светислав Пешиќ чувствувал како внатрешниот глас му го покажува правецот. „Што бараш ти тука, дали си нормален?“, гласело прашање, раскажува легендарниот тренер. „Имаш скоро 77 години и сè уште си тренер. До 90 ќе стигнеш, тоа се уште 13 години. А тогаш си реков: Доста е со кошарката, запри конечно!“

И токму по тој повик ќе постапи летово.

По 44 години покрај аут-линијата, Пешиќ посакува идеално да се прости од големата сцена со уште една титула германски шампион со Бајерн Минхен. „Секогаш ќе бидам активен во кошарката, ќе држам курсеви и слично. Но на крајот од мојот живот веќе не можам да бидам главен тренер. Знам, не ми веруваат кога велам дека престанувам. Но по оваа сезона навистина е доста“, изјави Пешиќ во интервју за „Цајт“, опишувајќи ја пресудната мисла што ја имал во јануари.

Наследството на еден од најголемите

Кога овој специфичен, тврдоглав Србин ќе си замине еднаш засекогаш, европската кошарка ќе остане без една од своите највлијателни фигури во последните децении. Злато на ЕП 1993 со Германија, светска и европска титула со Југославија, шампион на Евролигата 2003 со Барселона, пет титули шампион со Алба Берлин и Бајерн Минхен – листата на неговите успеси може да продолжи уште долго. Но доаѓа момент кога е доволно, а Пешиќ сака да ги вкуси предностите на пензионерскиот живот. 

Пешиќ долги години со успех ја водеше и кошаркарската репрезентација на СрбијаФотографија: Michael Conroy/AP Photo/picture alliance

„Имам убава куќа во Барселона, каде што живее дел од моето семејство. И сакам почесто да бидам во мојот роден Пирот. Сакам да го запознаам животот од друга страна“, вели тој. Тоа всушност го планирал уште минатата година, кога се повлече од селекторската позиција на Србија по елиминацијата во осминафиналето на Европското првенство. Првично не планирал да работи оваа сезона. Но потоа, кон крајот на декември, стигнал еден повик од Минхен. На линија бил претседателот на Бајерн, Херберт Хајнер.

„Му реков на Хајнер дека најпрво треба да разговарам со сопругата. Вера исто така е заразена со кошарката, и таа беше играч. Рече: ако те моли претседателот, не можеш да одбиеш“, раскажува Пешиќ. За ниту еден друг клуб, уверува тој, не би прифатил, но Бајерн е негов „клуб на срцето“. А клубот беше во тешка криза, откако по серијата порази во Евролигата се раздели со светскиот шампионски тренер Гордон Херберт.

„Пешиќ-ефектот“ и последната цел

И „ефектот Пешиќ“ навистина се почувствува. Бајерн накратко повторно дојде до зоната на плеј-ин во Евролигата, иако тој воз сега веќе е заминат, а во германскиот Куп минхенци испаднаа разочарувачки рано. Моментално повторно не оди најдобро – во последните шест натпревари имаат пет порази. Но сепак, актуелниот шампион ја предводи табелата во Бундеслигата.

И би било несвојствено за Пешиќ ако дури и на својата проштална тура не се стреми кон максимален успех. Шестата шампионска титула е целта. А тоа би бил достоен крај.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми