1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваЕвропа

ЛГБТК+ права во Европа: Малта води, Русија на дното

Бернд Ригерт
17 мај 2024

Каде се заштитени правата на хомосексуалците и трансродовите лица? Колку безбедно се чувствуваат ЛГБТК+ луѓето? Мапата на виножитото и студијата на Агенцијата на ЕУ за човекови права даваат одговори.

Мурал во Брисел
Мурал во Брисел: Белгија е во врвот кога станува збор за правата на ЛГБТК+ заедницатаФотографија: Bernd Riegert/DW

По повод Меѓународниот ден на борба против хомофобија, трансфобија, интерфобија и бифобија на 17-ти мај, Европската ЛГБТК+ лоби организација (ИЛГА) ја објавува т.н. мапа на виножитото. ЛГБТК+ означува лезбејки, гејови, бисексуалци, транс, квир и интерсексуални лица.

Мапата на виножитото, која се прави веќе единаесет години, го покажува статусот на правна заштита на ЛГБТК+ луѓето низ Европа. Рангирањето на државите го прави ИЛГА Европа врз основа на обемен каталог на критериуми што ги опфаќа правата на еднаков третман на ЛГБТК+ лицата со хетеросексуалните лица, заштита од злосторства, од омраза и дискриминација, вклучување во општествени активности и родово самоопределување.

Колкав процент достигнуваат земјите?

Малиот медитерански остров Малта со години е на прво место, со 88 од 100 можни поени. На второ место годинава следи Исланд со 83 поени.

Водечката група во Европската унија ги вклучува Белгија, Луксембург, Шпанија, Данска, Финска и Грција, со по над 70 поени. Грубо кажано, колку се посеверно и позападно земјите во Европа, толку подобри се ЛГБТК+ правата.

Најниски места во рангирањето заземаат Русија, Азербејџан и Турција. Во Европската унија, Полска го зазема последното место, со 17 поени по десет години владеење на национално-конзервативната партија ПиС. По промената на власта минатата година, рангирањето би можело да се подобри следната година. Мапата на виножитото се базира на податоци од 2023 година.

Влошување

Ситуацијата во Италија се влоши откако десноекстремната коалиција на Фратели, Лега и Форца ги презеде уздите на владата. Италија со години е во долната третина од земјите на ЕУ бидејќи едноставно недостасуваат многу законски одредби за родителство, посвојување и брак за сите, вели Катрин Хугендубел, директорка за правна политика во ИЛГА.

Владата на премиерката Џорџа Мелони ги користи овие правни дупки за да ја наметне својата семејна слика на родители исклучиво од различен пол. „Законите се едноставно важни за да нè заштитат од политички промени. И во моментов не гледаме многу нагорни движења“, вели Катрин Хугендубел во интервју за ДВ.

#dw_BalkanBooster: Дискриминација на ЛГБТКИ+ лицата

02:48

This browser does not support the video element.

Подобрување

Севкупно, според адвокатката на ИЛГА, Катрин Хугендубел, рангирањето на европските држави речиси и не е променето затоа што речиси и нема иницијативи за зацврстување на квир-правата во законот. Исклучок е Германија, каде сега е донесен законот за самоопределување на родовиот идентитет. Такво самоопределување е можно само во единаесет од 49 европски земји во кои се врши истражувањето.

„Додека некои земји, вклучително и Германија, веќе постигнаа напредок, во многу други земји едноставно има стагнација, што значи дека не се носат нови закони“, се жали вработената во европската ЛГБТК+ асоцијација. „Ова е многу опасно во време кога гледаме омраза и насилство во пораст, кога владите се обидуваат да ги поткопаат човековите права, особено на ЛГБТК+ луѓето.“

Србија: Љубов со пречки

02:28

This browser does not support the video element.

Поголема видливост, повеќе непријателство

Агенцијата на ЕУ за човекови права (ФРА) претстави сеопфатна студија по повод денот против хомофобијата. Таа сакаше да знае како квир-луѓето гледаат на сопствената ситуација. 100.000 луѓе ширум Европа учествуваа во онлајн анкета. Според резултатите од неа, ЛГБТК+ луѓето се поотворени во врска со својот идентитет. За овие прашања во училиштата се зборува повеќе отколку пред пет години, кога беше направено последното големо истражување од ваков вид.

Во исто време, дискриминацијата, мобингот и говорот на омраза се зголемени во секојдневниот живот, велат испитаниците. Повеќе од еден од десет ЛГБТК+ луѓе биле нападнати со насилство. Ова е нешто повисока вредност од пред пет години. „Гледаме дека отвореноста е зголемена. ЛГБТК+ луѓето повеќе покажуваат кои се. Бараат поголемо учество во општествениот живот. Бидејќи го прават тоа и се повидливи, особено младите, трендот е дека и тие се почесто мета на насилство и малтретирање“, објаснува Милтос Павлу од Агенцијата на ЕУ за човекови права, кој ја водеше студијата.

Правата на трансродовите лица се човекови права - барање на Парадата на гордоста во Келн во 2023 годинаФотографија: Guido Schiefer/IMAGO

Повеќе омраза на интернет

„Тука гледаме поголема врска. Кога станува збор за омраза и насилство, не се работи само за ЛГБТК+ луѓето, туку станува збор за широко општо ширење на омраза на интернет. Се надеваме дека ЕУ ќе користи нови правни алатки за поефикасна борба против ова“, вели Милтос Павлу за ДВ. Агенцијата за човекови права неправи ранг листа на европските земји. „Ние не го вперуваме прстот кон државите, бидејќи во сите држави има проблеми, како што е на пример мобингот во училиштата.“ Освен тоа, големи се разликите од земја до земја во одност на пријавувањето на злосторства од омраза и дискриминација.

Катрин Хугендубел од ИЛГА исто така истакнува дека правната рамка во една земја, општествената реалност и општественото прифаќање не се секогаш нужно исти. Во законски многу рестриктивната Унгарија (30-то место) со нејзината национално-конзервативна влада, нема брак за секого, но во анкетите повеќе од половина од Унгарците се залагаат за тоа.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми