1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либан: Хуманитарната помош не е доволна

Џенифер Холејс
15 октомври 2024

За време на израелските напади врз цели во Либан, владата прави малку за бегалците. Приватните иницијативи помагаат, но нивните ресурси брзо се исцрпуваат. Покрај тоа, меѓународната поддршка е во застој.

Сали Халави
Сали Халави, сопственичка на продавница во Бејрут, собра донации за да им помогне на раселените луѓе низ градотФотографија: privat

Околу три недели по почетокот на израелските воздушни напади врз цели во Либан, сѐ повеќе граѓани сами организираат хуманитарна помош.

„Се приклучив на локалната иницијатива и делиме донации во различни засолништа и училишта“, изјави Рајан Чаја за ДВ. Овој 27-годишен машински инженер во Алеј, на 20 километри југоисточно од Бејрут, создал бази на податоци за места каде што може да се престојува и да јаде бесплатно. Тој обезбедил и инвалидска количка за семејство кое морало да ја остави својата додека бегале.

„Ние сме во криза, а ако не си помогнеме едни на друг, кој ќе ни помогне?, прашува тој и додава. „Владата не прави речиси ништо“.

Во израелските напади, според либанското Министерство за здравство, се убиени не само неколку водечки членови на Хезболах, туку и околу 2.000 цивилиФотографија: Daniel Carde/ZUMA/picture alliance

Хајко Вимен го потврдува ова. Тој е проект менаџер за Либан во Меѓународната кризна група, невладина организација за спречување конфликти. „Нивото на хуманитарна помош за населението е она што би го очекувале од земја чии политички структури навистина не функционираат“, вели тој.

Годините на политичка нестабилност во комбинација со актуелната економска криза го доведоа Либан на работ на колапс. Катастрофалната ситуација се влоши кон крајот на септември, кога Израел започна широки воздушни напади против милицијата Хезболах по една година ограничени борби. САД, Германија и неколку сунитски арапски држави го класифицираат Хезболах како терористичка организација. Поддржан е од Иран. ЕУ го стави вооруженото крило на Хезболах на листата на терористички групи.

Оттогаш, во израелските напади загинаа неколку водачи на Хезболах и, според либанското Министерство за здравство, повеќе од 2.000 либански цивили. Околу 608.000 лица се внатрешно раселени, покажуваат најновите податоци на OCHA (Канцеларија на ОН за координација на хуманитарни прашања), организација на ОН одговорна за хуманитарна помош. Според либанските власти, бројката е двојно поголема.

Слободните станови се пополнети

Во меѓувреме, привремената влада на Либан формираше 973 засолништа за итни случаи во јавни згради низ целата земја. 180.000 достапни места брзо беа пополнети од луѓе очајни за место за престој.

„Бројот на итни сместувања не одговара на бројот на потребни места“, оценува Хајко Вимен. „Се плашам дека оние што ги окупираа куќите сè повеќе ќе преземаат и напуштени домови и ненаселени луксузни станови“, вели тој. Според студијата на Американскиот универзитет во Бејрут, 31 отсто од недвижниот имот во Бејрут бил купен како инвестициски имот.

Во тие станови сѐ повеќе се населуваат Либанците кои имаат врска со влијателно политичко крило на Хезболах. Некои од партиите кои се поврзани со Хезболах и со години ја „вршат својата валкана работа“, како што вели Вимен, отвориле куќи за бегалците - како Амал и Сириската социјалистичка партија во Либан.

Храна, облека и убави зборови

Либанската полиција сака да ги евакуира окупираните згради само доколку има соодветни алтернативи. Ова го изјави портпарол на либанската полиција за американскиот весник „Вашингтон пост“.

Џамиите, црквите, баровите и многу приватни лица даваат сѐ од себе за да помогнат, вели Ана Флајшер, шеф на регионалната канцеларија во Бејрут на фондацијата „Хајнрих Бел“, поврзана со партијата на Зелените. 

„Во мојата џамија нема место за семејства. Но, бројот на луѓе кои се молат енормно се зголеми, а ние нудиме храна, медицински услуги и поддршка“, изјави шеикот Мохамед Абу Заид за ДВ. Тој е имам во најголемата џамија во Саида, град на 45 километри јужно од Бејрут.

Сали Халави, која има продавница во Бејрут, исто така одлучи да ги поддржи бегалците. „Се чувствував како да морам да направам нешто за да помогнам“, вели таа. Таа донирала облека од нејзината продавница на луѓе кои морале да ги остават своите работи зад себе. На Инстаграм таа се залага за повеќе донации.

„Многу луѓе се одзваа“, вели Халави. Таа секое утро собира донации, ги сортира по пол и големина, и секоја вечер ги носи во засолништето за итни случаи. 

„Досега собравме повеќе од 30.000 парчиња облека“, вели 35-годишната жена. „И без разлика колку е тешко и стресно, тоа е најмалку што можам да направам за мојот народ. И мислам дека сè уште не е доволно“, вели таа. 

Хуманитарна помош - сега и од ЕУ

Во меѓувреме, во тек е испорака на меѓународна хуманитарна помош за либанското население. Европската Унија започна со неколку летови за Бејрут со средства за хигиена, ќебиња, лекови и медицински материјали. Помош посебно испратија и земјите од ЕУ како Белгија, Франција, Шпанија, Полска и Словачка.

На почетокот на неделата, либанскиот министер за здравство Фирас Абиад доби 40 тони помош од Обединетите Арапски Емирати.

Волонтерите помагаат за да подготват оброци за оние кои избегале од израелското бомбардирањеФотографија: ANWAR AMRO/AFP

Во исто време, набљудувачите нагласуваат дека решавањето на хуманитарната криза во Либан е поттикнато и од политички интереси. „Либанската владејачка елита се обидува да ја задржи својата доминација со додворување на меѓународните донатори, како и спонзорите од Западот и Арапскиот Залив“, рече независниот аналитичар Лоренцо Тромбета од Бејрут.

Први кои ветија хуманитарна помош беа Катар и Обединетите Арапски Емирати. Сепак, според Тромбета, Катар со години е дом на политичкото раководство на Хамас и е еден од главните преговарачи за прекин на огнот во Газа. Хамас е милитантна исламистичка палестинска група која е класифицирана како терористичка организација од Европската Унија, како и од САД, Германија и други земји.

А, Обединетите Арапски Емирати, објаснува Тромбета, го поддржуваат сојузот со САД и соработуваат со израелските вооружени сили во технолошкиот сектор, истовремено испраќајќи помош во Бејрут. Целта на Емиратите, смета тој, е „да постигнат поголемо политичко влијание во Либан и да го зајакнат неговото присуство во источниот Медитеран“.

Блискоисточниот експерт, исто така, стравува дека либанската политичка елита наскоро повеќе нема да ги третира како приоритет потребите на населението: „Во блиска иднина, главниот фокус ќе се префрли на управувањето со фондовите за обнова“, вели тој. Сепак, од клучно значење е да се дистрибуира помош за обнова, како и основни услуги и социјални бенефиции исклучиво на либанското население.

Во исто време, напорите за поддршка се чини дека се во застој. Апелот на ОН за помош во износ од речиси 390 милиони евра за либанското граѓанско општество досега донесе само нешто повеќе од 48 милиони евра.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми