1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЛибан

Либан: Пејџери, воки-токи, па отворена војна?

Керстен Книп
19 септември 2024

По експлозиите на стотици електронски уреди, останува нејасно како ќе реагира Хезболах, која ужива поддршка од Иран. Дали ситуацијата може да го разгоре актуелниот конфликт меѓу Израел и Хезболах?

Еден ден откако пејџери беа употребени за напад врз членовите на Хезболах, во средата експлодираа воки-токи ширум Либан
Еден ден откако пејџери беа употребени за напад врз членовите на Хезболах, во средата експлодираа воки-токи ширум ЛибанФотографија: Anwar Amro/AFP

По истовремените експлозии на воки-токи во средата, во кои загинаа 20 лица и беа повредени повеќе од 450 во главниот град на Либан, Бејрут, и масовните експлозии на стотици пејџери претходниот ден ширум земјата, со најмалку 13 загинати и околу 2.800 повредени, сега се стравува од ескалација во регионот.

Нападите беа насочени кон членови на Хезболах, политичка партија и милитантна група во Либан, а повреден беше и иранскиот амбасадор во земјата, Моџтаба Амани.

Хезболах, која ја ужива поддршката од Иран, вината за нападите ја гледа во Израел. Иран, исто така, го обвини Израел за „масовно убиство“. Во средата, портпаролот на иранското министерство за надворешни работи, Насер Канани, нападот го оквалификува како „чин на тероризам“.

Инаку неколку земји, вклучувајќи ги и САД во 1997 година и Германија во 2020 година, ја оквалификуваа Хезболах како терористичка организација. Европската унија само нејзиното вооружено крило од 2013 година го третира како терористичка група.

Хезболах веќе долго време користи радио приемници, таканаречени пејџери, бидејќи тие не можат да се лоцираат како мобилните телефони. 

Остатоци од експлодиран пејџер во ЛибанФотографија: AFP

Според извештаите на медиумите, Израел можеби пресретнал пратка со пејџери „Gold Apollo“ за да постави експлозиви во нив. Препарираните направи потоа биле доставени до Хезболах каде што експлодираа во вторникот.

Израелски напад?

Иако Израел не ја презеде одговорноста за нападот, инцидентот нашироко се сфаќа како дел од насилството меѓу Израел и Хезболах кое се интензивираше по 7 октомври 2023 година. На тој ден милитантната исламистичка група Хамас, која е класифицирана како терористичка организација во Германија, Европската унија, САД и неколку други земји, изврши напад врз Израел така што борци на Хамас убиле повеќе од 1.150 луѓе, а зедоа околу 250 како заложници.

Во знак на солидарност со Хамас, Хезболах потоа почна да ја гранатира пограничната област во северен Израел. Како резултат на тоа, над 60 илјади Израелци беа присилени да ги напуштат своите домови. Исто така, околу 110 илјади луѓе на либанска страна побегнаа во други делови на земјата. Не само Иран и Хезболах, туку и израелските медиуми во голема мера претпоставуваат дека Израел стои зад нападите од изминатите денови. Според водечкиот израелски весник Харец, одлуката за активирање на пејџерите била донесена без претходна најава. Првично, операцијата требала да започне на почеток на очекуваната голема ескалација.

Сепак, како што објавува Харец, двајца членови на Хезболах очигледно забележале дека пејџерите се препарирани. Заради тоа, била донесена одлука пејџерите да се активираат порано од планираното. „Има целосна пенетрација во оперативните единици на Хезболах и тие се сериозно оштетени, така што веројатно тоа ќе го зголеми чувството на несигурност внатре во организацијата, а истовремено ќе го еродира нејзиниот команден и контролен систем во блиска иднина“, стои во весникот. 

Бејрут во хаос по експлозиите во последните два денаФотографија: FADEL ITANI/AFP

Нападите го одразуваат дипломатскиот неуспех

Според израелскиот политички аналитичар Гил Мурчиано, извршен директор на тинк-тенкот Израелски институт за регионална надворешна политика, операцијата била спроведена во светло на фактот дека дипломатски договор со Хезболах не е на повидок.

„Точно е дека пејџерите очигледно морале да бидат детонирани порано од првично планираното“, изјави тој за ДВ.

„Со оглед на нерешениот и веројатно ескалирачки конфликт, чинот му укажува на Хезболах дека Израел веќе ја сфаќа сегашната ситуација како отворена војна“, рече тој.

Тој гледа и подготвеност за ескалација на тензичната ситуација како дел од оваа војна. „Не се работи само за искористување на оперативната шанса. Израел многу повеќе покажува дека ќе ги преземе сите можни мерки за да ја ограничи борбената моќ на Хезболах“, оценува тој за ДВ. Новинарот од Бејрут, Рони Чата, уредник на веб-страницата „Бејрут Банјан“, во средата рече дека останува да се види како Хезболах ќе реагира. Сепак, тој очекува масовни одмазди од милитантната Хезболах.

„Војната најверојатно ќе остане ограничена на воени цели“, рече тој. Хезболах нема да направи ништо што би можело да ја прошири војната надвор од нив, претпоставува Чатах.

Улогата на САД

Нападот се случи токму додека Амос Хохштајн, политички советник на американскиот претседател Џо Бајден, патуваше во регионот.

Порано неделава Хохштајн разговараше со израелскиот претседател Исак Херцог, премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант. Разговорите имаа за цел да го убедат израелското раководство да не започнува голема воена операција против Хезболах во Либан и така да се избегне закана од војна меѓу Израел и Хезболах.

Израелската артилерија напаѓа цели во Либан (фотографија од јануари 2024 година)Фотографија: Leo Correa/AP Photo/picture alliance

Според распоредот, Хохштајн треба да отпатува за Либан, каде што ќе се сретне со претставници на либанската влада. Планот е претставниците на либанската влада потоа да се координираат со Хезболах.

Хохштајн очигледно не бил информиран за претстојната операција

Сепак, израелскиот министер за одбрана Галант го информираше американскиот колега Лојд Остин дека времето за договор со Хезболах истекува, оценувајќи дека „траекторијата е јасна“.

Според Гил Мурчијано, нападите тешко дека ќе ги заладат односите меѓу Израел и САД. „Американците велат дека не биле информирани за нападот. За нив е важно да посредуваат во регионот“, изјави тој за ДВ.

Сепак, Чата истакнува дека американската администрација нема контакти во Либан. „Нема претставници, ниту политичари кои се способни да го завршат конфликтот на начин што ќе и користи на земјата“, вели тој додавајќи дека „ниту еден од овие политичари не е во позиција да ја придвижиХезболах да попушти“.

„Од друга страна, ми се чини дека и Израелците не секогаш ги земаат предвид американските ставови“, додва Чатах.

Израелскиот весник Харец не се чини премногу оптимистички настроен околу тоа како ќе се развива ситуацијата. „Нападот што му се припишува на Израел ја разоткри слабоста на Хезболах и ги понижи нејзините лидери“, пишуваат уредниците, додавајќи дека „ова не е тип на инцидент што тивко се завршува на Блискиот Исток“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми