1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЛибан

Либан: Страв од можна војна со Израел

Рола Фархат | Катрин Шаер
20 јуни 2024

Либанско-израелскиот пограничен регион го имаат напуштено околу 150.000 луѓе. Додека Израел ја става војската во состојба на готовност поради видео снимка од Хезболах, Либанците се соочени со тешки одлуки.

Либан I израелски напад
Израел и Хезболах со месеци речиси секојдневно разменуваат оган Фотографија: AFP

Кога започнаа најновите судири меѓу Израел и Хезболах, Малак Дахер се надевала дека тоа ќе потрае само неколку дена. „Тешко е да си толку далеку од тоа што било твој живот“, вели 30-годишната жена која го напуштила јужниот град Маиз ал Џабал, кој се наоѓа речиси на самата граница кон Израел, каде што се одвиваат борбите.

„Се чувствуваш како животот да ти е на пауза, како да се одвива на некое друго место, а твојот е застанат“, вели таа. Но, борбите меѓу либанската милитантна група Хезболах и израелската војска не завршија. Всушност се чини дека во изминатите недели дури се и засилени. Дахер ја преживеала војната меѓу Израел и Хезболах во 2006 година, но вели дека тоа не било ништо во споредба со ова што сега се случува.

Неделава израелската војска беше ставена во состојба на готовност откако Хезболах објави снимка која наводно е од израелска воена инфраструктура и цивилни објекти, вклучително и дел од пристанишниот град Хаифа. Министерот за надворешни работи на Израел, Израел Кац, ја предупреди Хезболах дека ќе се соочат со „деструкција“ и „вистинска војна“ на израелско-либанската граница. Месецов организации за заштита на човековите права известуваа дека Израел спротивно на меѓународното право, користел бела фосфорна муниција над либански градови. Минатата недела пак, Хезболах лансираше повеќе од 160 ракети врз Израел како одмазда за убиството на двајца нејзини команданти.

Од 7 октомври минатата година, кога се случи нападот врз јужен Израел од страна на милитантната група Хамас од Газа, во кој беа убиени 1200 лица, ситуацијата на израелско-либанската граница е тензична. Хамас ја смета Хезболах, моќна либанска група која игра доминантна улога во либанскиот политички и општествен живот, за свој сојузник, а државата Израел за непријател. По двете војни во 1996 и 2006 година, израелските сили и Хезболах преферираат „мило за драго“ напади врз двете територии, кои се без поголем број на жртви.

Страв од војна во Либан

Но, нападите по 7 октомври се проширија од двете страни, како во големина, така и во дострел. Тоа ги потхрани стравовите дека немирите во пограничниот регион би можеле да се претворат во вистинска војна. Неколку екстремистички израелски политичари изјавија дека Израел сега би требало да ја нападне Хезболах. Анкета спроведена месецов покажува дека мнозинството од израелските граѓани сметаат дека почнување војна со Хезболах сега би било добра идеја. „Нападите од 7 октомври драматично ја зголемија несигурноста на Израел“, беше речено на брифингот на тинк-тенкот Центар за стратешки и меѓународни студии во март годинава. „Ако Хамас, помалку вооружена и полошо обучена од Хезболах, може брутално да убие повеќе од 1100 Израелци, што треба да се очекува од многу поподготвената Хезболах?“

Нејасно е дали навистина ќе избие поголема војна. Дипломатските напори во моментов се насочени кон спречување, а повеќето експерти сметаат дека стратешки не би било мудро за Израел да отвори уште еден фронт, додека продолжува со воената операција во Газа.  И тие посочуваат на фактот дека Хезболах е многу подобро вооружена и е помоќен противник отколку што е Хамас во Газа.

Либан, пак, со години тоне во економска и политичка криза. Дури и да симпатизираат со Палестинците, од кои повеќе од 37 илјади се убиени во изминатите осум месеци, либанското локално население тешко дека ќе ја поддржи Хезболах, ако ги вовлече во војна, со оглед на тоа дека и онака се соочуваат со инфлација, безработица и политичка нестабилност. Либанските власти велат дека во израелските напади од октомври до сега има повеќе од 375 загинати во Либан, меѓу кои и 88 цивили. Израелската војска јавува за 18 војници и 10 цивили загинати во напади од Хезболах.

Десетици илјади внатрешно раселени лица

Десетици илјади цивили, околу 100 илјади Либанци и 60 илјади Израелци, кои живеат од обете страни на границата, ги напуштија своите домови поради борбите. Локалните жители за ДВ велат дека оние кои заминале од јужен Либан не сакаат да се вратат, освен ако не постои крајна нужда за тоа. Некои одат да си го проверат имотот кога и да се смири ситуацијата, или на пример за да присуствуваат на некој погреб. Но, повеќето супермаркети и продавници се затворени и тешко е да се најдат намирници, раскажуваат тие.

Кога медицинската сестра Дахер првпат избегала во Бејрут откако кон крајот на 2023 година започнаа борбите, немала работа. Затоа се одлучила да се врати и да работи во болница во местото Бинт Џабеил, во близина на израелско-либанската граница. Сега таму останува по три дена, ги одработува своите смени и потоа се враќа во Бејрут, каде што со мајка ѝ се сместиле кај свои роднини. Во еден момент Дахер толку многу копнеела по домот, што таа и нејзината 60-годишна мајка која живеела од одгледување на тутун и маслинки во пограничното село, се вратиле назад. Но, тоа било кошмар, вели Дахер за ДВ. Тие не можеле да спијат навечер од ракетите и проектилите и по цела ноќ се криеле во ходникот.

Хезболах неодамна го гаѓаше израелскиот одбранбен систем „Железна купола“ (фото: одбранбениот систем пресретнува ракети)Фотографија: Ayal Margolin/JINI/XinHua/picture alliance

„Мислев дека ќе умреме заедно“, се потсетува Дахер, чијшто сопруг живее во Кувајт. Потоа двете жени се вратиле во Бејрут. Дахер сега оди во регионот само кога работи, иако е свесна дека тоа е многу опасно. Минатиот месец болницата во која работи едвај куртулила да не биде погодена во израелски.

„Не само што ми го земаа времето, туку и моите амбиции и мојот мир. Станав лута и плашлива жена која чека помош. Пред ова да се случи, бев независна жена", раскажува Дахер за тоа како израелската војска ѝ го сменила животот.

Некои луѓе во Либан одбиваат да ги напуштат своите домови

Мал број луѓе и покрај борбите и заканата од поголема војна, одбиваат да си одат. Еден од нив е 44-годишниот Исам Алавие, татко на седум деца. Тој останал дома во пограничното село Марун ел Рас, заедно со жена си и двајца синови. Семејството досега има преживеано три напади од Израелците.

„Само ја слушаш експлозијата, како вулкан да ти доаѓа одзади", вели Алавие, кој цела недела бил без слух после еден таков напад. Алавие продолжил да работи во пекарница во околното место Бинт Џабеил. „Иако платата не е голема, а продажбата опадна за 95 проценти, јас мора да продолжам да обезбедувам за своето семејство", вели тој за ДВ. Да се живее под толку опасни околности за него е подобро отколку да биде раселен и принуден да живее од туѓа помош, објаснува тој. Соседите кои избегале во градот му велат дека е луд, но тој смета дека неговото семејство се навикнало на условите и на звукот на бомбите. „Ако заминам и оставам тука сѐ што имам, ќе бидам понижен и не сакам да биде така", вели тој и додава дека уште поважно од тоа е дека ова е неговиот дом. „Не можам да живеам далеку од јужен Либан, земјава ми е како мајка", вели и додава дека „не може да преживее без неа, а ние ќе победиме ако сме истрајни на нашата почва.“

Овој текст ппрвично е објавен на ДВ на англиски јазик

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми